Archive | Странски дизајнери RSS feed for this section

Stella McCartney – Resort 2014

24 Јун

stela1

Љубов на прв модел! Уште од првата фотка постирана на профилот на британската модна дизајнерка Стела Макартни на  „Инстаграм“, снимена на презентацијата во Њујорк, некако знаев дека ќе ја бендисам целата колекција ресорт 2014. Ројот пеперутки што леткаше во мојот стомак изминативе неколку недели морав да го смирам со пренесување на возбудата во рецензија.
Можеби звучам предраматично, но вистинските љубители на модата ќе ја разберат мојата возбуда…. Има колекции што прават револуција,  други што се предвесници на сезонските текови, а трети  кои се бевременски…. Оваа колекција не ништо од ова. Не носи нешто досега невидено, не е најтрендсетерската и веројатно по некоја сезона ќе се заборави, но важно е дека соборува од прва и тоа е вредно за забележување.

stela2

Патот на Стела, почнувајќи од нејзината дипломска ревија  во 1995 година (каде што креациите го носеле ни помалку ни повеќе супермоделите Наоми Кемпбел и Кејт Мос) до добивањето на орден од Кралицата Елизабета Втора пред неколку месеци, беше поплочен со златни можности. Пред се` поради тоа што е ќерка на култниот „битлс“, сер Пол Макартни. Но таа не ја злоупотреби , ниту прокоцка оваа предност. Напротив, со ангажмани на повеќе модни полиња (спортска облека, линии за деца и за жени…) со засукани ракави и сериозна посветеност изгради свое име и свој бренд. Со секоја нова колекција и ангажман го докажува својот талент и својата виртуозност.

stela3

Новата линија  е суптилно и значајно надополнување во нејзината успешна приказна… Стела, како и нејзината покојна мајка Линда Макартни, не пропушта прилика да ја даде својата поддршка во борбата за правата на животните. Моделите од оваа линија се своевидно враќање кон природата и применување на нејзините убавини, без притоа да биде уништена флората и без да бидат убиени животни. Преку елементи од поп-артот во кројот на модата од 20-тите, 60-тите и 80-тите години, но со нагласена трендовска нарација, креаторката ја редефинира женственоста. Моделите се романтични, нежни, шик,  но влеваат самодоверба и моќност. Прави спој на навидум некомпитабилни шари, меѓу нежната градина од цветови и змиската шара. Неколкупати во вид на мозаик или навезена мониста се појавуваат фигури како усни и срциња, кои вментнуваат малку духовита и младешка нишка на моделите, без притоа да им дадат несерионост и кич-ефект.  Покрај креациите применливи во секојдневниот изглед (блејзери, џекети, мантилчиња, комбинезони, туники, панталони, блузи…) во палетата има коктел-фустани со по некој набор или карнер и тесни куси модели-сите во едноставн крој.
Се задржала на пастелните тонови, кои на места ги комбинира со црната и белата боја….Колекцијата иако функционира како целина, сепак, секоја од креациите раскажува посебна приказна и има посебен идентитет.

Ана Несторовска

фото: Style.com

stela4

stela5

Софија Копола изгубена во модното шаренило (видео)

9 Фев

Славната режисерка, позната по филмовите „Девствени самоубиства“, „Изгубени во преводот“ и „Марија Антоанета“, Софија Копола, го направи новото видео за Марни колекцијата на брендот H&M.

Главна хероина на видеото е младата актерка во подем Имоген Потс.

Ова не епрво модно видео за Копола, претходно ја режира рекламта на Miss Dior Cherie со Натали Портман

Креативниот свет на Викторија (видео)

9 Фев

Колекцијата пролет-лето 2012 Victoria на  Викторија Бекам  креативно раскажана од  Quentin Jones.

Удобен и мажествен моден ритам

17 Ное


Кога од шопинг во продавница на вашиот омилен бренд вашето момче ќе си замине со повеќе ќеси купени модни парчиња од вас, тоа значи дека женската линија има сериозен конкурент. Новите машки колекции на повеќе брендови се обидуваат да ги имплементирааат актуелните трендови во своите машки линии, но многумина од нив ја забораваат една од главните каретеристики со која ќе го „купат“ мажот-клиент: мажественоста и удобноста.
Не сите се расположени да носат неудобна машка варијанта на женските модели на хеланки и шалвари, не сите се по розови, виолетови и дреч-тонови на зелената, портокаловата и жолтата боја…Многу од фирмите ја подзаборавија мажественоста на мажите.
За сите оние момчиња што во модерното ги бараат класичните кроеви и есенски бои, H&M создаде идеална колекција, која истовремено е удобна, нослива, топла и е трендовска. Во понудата за сезоната есен-зима застапени се сивата, камел, војничко зелената, кафената и сината боја. Има подебели џемпери што може да се носат наместо палто, но и убав избор на јакни, сакоа и капути. Панталоните се налик на молив-моделите, но се доволно удобни за секојдневно носење. Има солидна линија на фармерки и џинс-парчиња. Кошулите се движат од карирани, па се` до едноставни, класични модели во сина боја.
Во продолжение е избор од разиграниот каталог на новите машки парчиња на H&M .






MFW: Prada – spring 2012

23 Сеп


Играта со боите, формите, принтовите, и нуркањето во длабокиот извор на инспирација во модата од минатото никако да стане здодевна оваа сезона. Колку поколоритни и пошарени креации излегуваат од работилниците на најголемите модни умови, толку повеќе се зголемува љубопитноста. Следбениците на трендовите не се задоволуваат и бараат уште поиновативни решенија. Една од најинтересните приказни ја раскажува Прада. Со ѓаволски добро лоцирана идеја , во 50-тите години , со речиси совршена реализација, Мучија Прада не се обидува да ја копира модата што некогаш се носела, ниту да ја корегира, туку дава свое, стилизирано видување , што ќе биде носливо неколку сезони понатаму. Големината на овој бренд е во храброста да експериментира и секоја сезона да дава нов агол на актуелната мода. Овој пат впечатливи се принтовите со слики од автомобили и цветови, кои се аплицирани на палтата, мантилите, костимите за капење, фустаните и здолништата. Правени се комбинации на пастелни бои со јаки нијанси на црвена или сина, како и мала игра на секојдневни парчиња и памучни материјали со луксузни украси. Има интересна транскрипција на стилот на Џејмс Дин во женска варијанта.








MFW: Fendi – spring 2012

23 Сеп


Рита Леви -Монталчини, 102-годишната Италијанка-невролог, која во 1986 година доби Нобелова награда за медицина е модната инспирација за новата колекција на брендот “Фенди”, прикажана на Модната недела во Милано.
Сериозна, практична и со академска нишка, колекцијата е обид да ја долови италијанската жена-научник и интелектуалец, а со тоа во светската модна приказна за 2012 да вметне парчиња што ќе покажат една посмела страна на бизнис-жената.
Моделите се во линија на стандардите за изглед на работното место, но со вметнување на нови форми, волумени и комбинации. Главниот дизјанер на “Фенди”, Карл Лагерфелд, и покрај тоа што е мозокот за уште два големи бренда-“Шанел”, и фирмата со негово име, успева на сите три да им даде свој идентитет. Фенди и понатаму е за моќни жени што потклекнуваат само пред иновативни модни парчиња.




” />






LFW: Burberry Prorsum -spring 2012

21 Сеп

Се’ што треба да знаете за модата во 2012 ќе дознаете ако ја погледнете новата колекција на британскиот бренд Burberry Prorsum. Главниот дизајнер Кристофер Бејли во својата визија за сезоната пролет 2012 ги вметнал сите елементи од идните трендови , почнувајќи од јаките бои (жолта, окер, портокалова, темновиолетова, зелена) и етношари , преку формите, па се’ до должината на креациите. Широките здолништата до глужд, комбинирани со палта, џекетчиња и џемперчиња како од 50-тите се надополнети со трендовски модни додатоци се вистински погодок.

Секоја креација е мозаик сама за себе. Украсени се со крупна мокиста и се искомбинирани со соодветни колани. Секој аутфит е комплетиран со големи чанти и со чевли со висока платформа, чии ременчиња се украсени со етномотиви.  Неизбежени нејпрепознатлив елемент од секоја колекција на Burberry Prorsum се мантилите. Моделите се во ист крој како и долгите здолништа. Горниот дел е припиен, и на целата колекција & дава шмек од 70-тите.Овој пат понудени се посмели бои и направени се колажи и со разни материјали.
Новата линија беше прикажана на Лондонската модна недела. Во првиот ред на шоуто беа голем број на славни личности, како Канје Вест, Сиена Милер, Марипо Тестино, Гема Артертон, многу модни уредници, блогери и модели.










Victoria by Victoria Beckham S/S 2012

19 Сеп


Новата колекција на познатата пејачка и трендсетерка, Викторија Бекам, внесе свежина во она што досега е создадено на моден план. Моделите се со многу повеќе апликации и без претерано припиени креации. Фустаните, кои се во стилот на 60-тите, се со комбинација од црвената, сината, и зелената боја со бела и црна. Го задржала својот женствен, дамски имиџ, но изненадува со принтовите со мачки и полумесечини, кои се среќаваат низ целите фустани. Моделите се комбинирани со чевли на висока платформа, а кои ги дизајнира Шарлот Олимпија.


Ralph Lauren S/S 2012

19 Сеп

Најуспешната американска модна приказна, Ралф Лорен, лансира уште една потенцијална успешна колекција. Навраќајќи се на џез-добата од 20-тите и модата од филмот “Големиот Гетсби” од 1974 година (чии костими ги дизајнирал Лорен), моделите од линијата за 2012 се одлична најава за римејкот на филмот што треба да се појави за неколку месеци. Моделите се со триделни костуми, користени се формите и додатоците од 20-тите, со нагласени пастелни и бели тонови. Лорен повторно си игра со андрогеноста на женската мода, вметнувајќи машки парчиња во дамски комбинации.





Marc Jacobs S/S 2012

19 Сеп


Марк Џејкобс, неуморниот трагач по рамнотежа меѓу футуризмот и иновацијата, од една страна, и традиционалните кроеви и ретро-вредности од друга страна, во својата нова колекција се приближил до вистинското решение. Направил спој меѓу модата од 20-тите години (прикажани преку фустани и здолништа со реси, шапки и чевли од тој период) со материјали и спој на бои што се асоцијација на футуризмот. материјалите се транспарентни и користи повеќе текстури истовремено. Креациите се со многу преклопи и карнери. Меѓу најинтересните се спојот на спортски блузи со светкави свечени здолништа.