Archive | Февруари, 2013

МАЈА КИРОСКА ЕСЕН-ЗИМА 2012-2013

2 Фев

maja kiroska-5

Сакам да дизајнирам за нашиот убав и топол народ

Ана Несторовска

Објавено на 01. февруари 2013 во „Антена“ („Дневник“)
 
 

Модели наменети за современите и успешни жени, што сакаат да бидат уникатни и ја разбираат важноста на убавиот изглед при остварувањето на своите цели, се дел од новата колекција на младата креаторка Маја Кироска. Главната цел на дизајнерката, која е родум од Тетово, а модно се образова во Љубљана, била на нашиот пазар да понуди квалитетни парчиња облека со чисти линии.Тие лесно се комбинираат со останатите креации и во зависност од стилирањето може да се носат за различни прилики. Колекцијата ја промовира кон крајот на минатата година на новогодишната поп-ап продавница во „Домиталиjа“ во Скопје, заедно со дизајнерите Драган Христов („Лудус лавс фешн“), Бобан Илиевски ( „Шик андеркавер“) и Јана Ацевска („Капка“).
-Пријатно бевме изненадени од посетеноста на овој наш настан. Критиките беа најпозитивни, а најголем дел од нив беа во насока дека треба почесто да се организираат настани од ваков карактер-вели таа.
Открива дека во креирањето секогаш како приоритет ~ се употребата на квалитетни материјали и стручноста во изработката.
-С` мора да е беспрекорно. Парчињата облека се доста минималистички во дизајнот, со чисти линии и форми кои и ласкаат на женската фигура. Во колекцијата преовладуваат претежно земјените бои. За оваа колекција не изработив модни додатоци.
Стилот на дизајнирање, како и нејзниот личен имиџ доста осцилираат и не се меѓусебно поврзани.
-Со огледна тоа што претежно се занимавам со изработка на модели по порачка тогаш с` зависи од тоа за каква прилика е наменет моделот и кој ќе го носи. Колекциите зависат од избраниот концепт. Но и покрај тоа, сите парчиња облека поминати низ моја рака ги поврзува еден заеднички печат.

Самостојни ревии и изложба на венчаници
Уште за време на студиите во Љубљана се интересирала за проекти надвор од рамките на факултетските обврски, па така, уште во втора година учествувала на манифестацијата „Модест“, која се одржуваше во рамките на „Саемот за мода“ во Скопје. Поставила свој сопствен штанд со три креации на мали црни фустанчиња.
-Уште на отворањето на мое големо и пријатно изненадување го продадов првото парче и тоа на тогашниот амбасадор на Австрија во Република Македонија. Тоа беше една голема потврда и мотивација за мене како млад дизајнер и добар епилог на моето прво јавно претставување во Македонија.
Настанот во „Домиталија“ е моја втора јавна промоција тука. Во Љубљана имам направено неколку самостојни модни ревии и една изложба на венчаници-вели Маја која сега е вратена во Македонија со, како што вели, „желба да дизајнирам за нашиот убав и топол народ“.
На 18 години, сама, заминала да студира во Љубљана-град за кој знаела само дека е главен град на Словенија, и толку! Но, доста брзо се снашла, и како што вели, не наишла на некои поголеми потешкотии.
-Дружењето, соработката со неколку млади словенечки дизајнери и трудољубивоста ми помогнаа да се пробијам. Сега сум во постојан контакт со некои од нив и договарам следни проекти меѓу кои е промоцијата на мојот бренд таму, меѓутоа засега приоритет ми е промоцијата тука, бидејќи сметам дека за еден млад творец е најважно е признанието од сопствениот народ-вели таа.

Развива свој бренд во Тетово
Нејзините колекции во Љубљана ги промовирала преку модни ревии и изложби. По таквите настани луѓето лично ја контактирале за да купат парче облека од колекцијата или барале да им изработи модел по порачка. Поретко оставала креации и во концептуални продавнички кои нудатоблека од млади дизајнери.
Моментално е стационирана во Тетово.
-Додека траеја студиските обврски доаѓав три пати годишно, а потоа нон стоп бев на релација Словенија-Македонија. Во септември се вратив на неопределено време. За овој крај најмногу ме врзува семејството, пријателите. Но, морам да споменам дека премногу сум разочарана од моменталната запуштеност на Тетово, кој од некогаш прекрасен град денес за жал е без никакви културни збиднувања, без вода, прекриен со смет…-констарира таа.
Досега има изработено три колекции и голем број на модели по порачка.
Порачаните модели се најчесто венчаници и свечени фустани. Во нејзините колекции, бидејќи има поголема слобода при дизајнирањето, се наоѓаат и концептуални парчиња облека, но и доста едноставни, елагантни и носливи модели. Во моментов го развива својот бренд „КирОска“, основан кон крајот на минатата година, а првата и засега единствена колекција актуелната за сезоната есен-зима 2012/2013. Засега е стационирана во атељето на својата мајка, но веќе размислува за пронаоѓање на свој продажен простор.
Иако повеќе години не живееше тука таа ги слади случувањата нашата модна сцена:
-Македонската модна сцена е во развој. Ние сме креативен народ, младата дизајнерска сила и постарите модни дизајнери кои ги поставија основите, организаторите на модните случувања, модните куќи, модните блогери и друго, сите ние со меѓусебна соработка можеме да ја подигнеме македонската модна сцена на едно препознатливо ниво.
Покрај самостојната работа често соработува и со словенечите дизајнери и придонесува за тамошната модна сцена. Планира да го промовира својот бренд таму.
-Во преговори сум следната колекција да биде понудена на продажба во дизајнерската продавница „КОДА 386“, која препорачувам да ја посети секој вљубеник на убавото парче облека доколку се најде во Љубљана. Во изминатава година работев како стилист во најпрестижната мулти-бренд продавници во Словенија, „Галерија емпориум“. Работев со врвните брендови за женска облека како сто се „Александар Меквин“, „Кензо“, „Роберто Кавали“, „Етро“, „Армани“, „Версаче“ и со клиенти од повисоките слоеви. ми помогна да го истенчам својот вкус за квалитетот на изработката и уникатноста на кројот на дизајнерското парче облека-вели таа.

По стапките на баба и` и мајка и`
Модната приказна на Маја почнала уште во детсвото, со остатоците од материјалите од кои шиела нејзината баба, која била самоука шивачка. -Приказната продолжи во атељето на мајка ми, која е дипломиран инженер по конфекциска технологија во Белград и која безрезвно ми го пренесува сето искуство со кое се има здобиено во текот на нејзината долгогодишна работа. Јас успешно го завршив Технолошкиот факултет во Љубљана кој што е високо рангиран во светот и нуди одлично знаење од областа на текстилот. Предметникот на мојот факултет беше комбинација од технологија,пиродно науки и уметност. Сега сум дипломиран инженер по дизајн на текстил и облека.

Костими за најгледаното шоу во Љубљана
Маја беше дел од тимот одговорен за костимографијата на една од најпопуларните хумористични ТВ-шоуа на најгледаната приватна телевизија во Љубљана. Исто така ги издизајнира костимите за главните улоги за балетската претстава „Моќта на куклите “ на балетското студио „Менада“ од Тетово.
-Љубљана е град кој нуди многу нешта за уживање. Во миговите за наменети за опуштање посетував изложби, театарски претсави, концерти. Летно време многу често ги посетував понеделничките jam session свирки во омилената летната градина на џез-клуб „Гајо“.