Archive | Облека RSS feed for this section

Stella McCartney – Resort 2014

24 Јун

stela1

Љубов на прв модел! Уште од првата фотка постирана на профилот на британската модна дизајнерка Стела Макартни на  „Инстаграм“, снимена на презентацијата во Њујорк, некако знаев дека ќе ја бендисам целата колекција ресорт 2014. Ројот пеперутки што леткаше во мојот стомак изминативе неколку недели морав да го смирам со пренесување на возбудата во рецензија.
Можеби звучам предраматично, но вистинските љубители на модата ќе ја разберат мојата возбуда…. Има колекции што прават револуција,  други што се предвесници на сезонските текови, а трети  кои се бевременски…. Оваа колекција не ништо од ова. Не носи нешто досега невидено, не е најтрендсетерската и веројатно по некоја сезона ќе се заборави, но важно е дека соборува од прва и тоа е вредно за забележување.

stela2

Патот на Стела, почнувајќи од нејзината дипломска ревија  во 1995 година (каде што креациите го носеле ни помалку ни повеќе супермоделите Наоми Кемпбел и Кејт Мос) до добивањето на орден од Кралицата Елизабета Втора пред неколку месеци, беше поплочен со златни можности. Пред се` поради тоа што е ќерка на култниот „битлс“, сер Пол Макартни. Но таа не ја злоупотреби , ниту прокоцка оваа предност. Напротив, со ангажмани на повеќе модни полиња (спортска облека, линии за деца и за жени…) со засукани ракави и сериозна посветеност изгради свое име и свој бренд. Со секоја нова колекција и ангажман го докажува својот талент и својата виртуозност.

stela3

Новата линија  е суптилно и значајно надополнување во нејзината успешна приказна… Стела, како и нејзината покојна мајка Линда Макартни, не пропушта прилика да ја даде својата поддршка во борбата за правата на животните. Моделите од оваа линија се своевидно враќање кон природата и применување на нејзините убавини, без притоа да биде уништена флората и без да бидат убиени животни. Преку елементи од поп-артот во кројот на модата од 20-тите, 60-тите и 80-тите години, но со нагласена трендовска нарација, креаторката ја редефинира женственоста. Моделите се романтични, нежни, шик,  но влеваат самодоверба и моќност. Прави спој на навидум некомпитабилни шари, меѓу нежната градина од цветови и змиската шара. Неколкупати во вид на мозаик или навезена мониста се појавуваат фигури како усни и срциња, кои вментнуваат малку духовита и младешка нишка на моделите, без притоа да им дадат несерионост и кич-ефект.  Покрај креациите применливи во секојдневниот изглед (блејзери, џекети, мантилчиња, комбинезони, туники, панталони, блузи…) во палетата има коктел-фустани со по некој набор или карнер и тесни куси модели-сите во едноставн крој.
Се задржала на пастелните тонови, кои на места ги комбинира со црната и белата боја….Колекцијата иако функционира како целина, сепак, секоја од креациите раскажува посебна приказна и има посебен идентитет.

Ана Несторовска

фото: Style.com

stela4

stela5

SSS за FWSK: Машката мода во Македонија сè уште се крои

19 Мар

SkopjeStreetStyle, заедно со уште неколку модни новинари и блогери, почнувајќи од вчера допринесува со текстови и фотографии на блогот во рамките на сајтот на Модниот викенд-Скопје,  fashionweekendskopje.mk.
Првата објава под назив Машката мода во Македонија сè уште се крои може да ја побарате на македонски и на англиски јазик на датата 18.03.2013.
~Дали постои автентичен македонски машки моден дизјан, зошто нашите креатори поретко се одлучуваат да креираат за мажи? Дали е помала побарувачката на уникати за „посилниот“ пол или можеби има друга причина за проблемот? Овие дилеми се обидовме да ги демистифицирам со познатите модни креатори Никола Ефтимов и Никола Булески, и со талентираните млади дизајнери Роберт Ивановски и Ирина Тошева.~

fwsk-blog

Машката мода во Македонија сè уште се крои

[Текст: Ана Несторовска – Моден новинар и уредник во „Дневник“ и на блогот skopjestreetstyle.wordpress.com]
[Фото: Ани и Дими, архива на Моден викенд-Скопје]

По поканата на организаторот на Модниот викенд-Скопје пред две години за учество во ревијата со стајлинзи на модните новинари амбициозно се нафатив во мојата презентација да вклучам и предози за мажи. Идејата ми беше, како и кај женските сугестии, да комплетирам изглед за сезоната пролет-лето 2011 со парчиња од домашни дизајнери и брендови. Замислата делуваше интересна, верував дека глатко ќе ја реализирам. Но сепак, реалноста беше поинаква. Практично се уверив оти изборот на креации со домашен потпис е оскуден и ограничен на неколку стилови. Затоа, по годинашната покана да бидам дел од блогот на Модниот викенд, неминовно беше да се навратам на машката мода…
Повеќе на fashionweekendskopje.mk

Модели што будат позитивно расположение

13 Мар

„СТИЛИСИМО“ ПРОЛЕТ-ЛЕТО 2013

a9

Ана Несторовска
објавено на 08.03.2013 во „Антена“ („Дневник“)

Инспирирана од модата од крајот на 50-тите и почетокот на 60-тите години од минатиот век, задржувајќи го својот препознатлив елегантен стил, со вметнат трендовски крој, детали и бои е новата, пролетна колекција на македонската модна етикета „Стилисимо“. Познатата стилистка и модна новинарка, Цаци Паковска, која е дел од тимот што стои зад овој бренд вели дека „црпеле мотиви од овој исклучително инспиративен период, кој пренесува порака, што тие с` уште сакаат да ја пренесуваат“.
-Тоа се години многу значајни, не само за модата, туку и за филмот, уметноста, архитектурата и воопшто дизајнот. Луѓето ,,зависни“, од естетиката и дизајнот особено се горди на овој период. Тоа е време кога дизајнот и квалитетот биле на цена….Време на едноставноста и безвременоста, на Одри Хепберн, Грејс Кели, Мерлин Монро и на италијанската ,,Долче Вита“-вели таа.

Во чекор со трендовите, но со свој печат

Според нејзе пролетната колекција има парчиња кои позитивно ќе влијаат на расположението на жените.
-Отсекогаш сум верувала дека облеката е олицетворение на нашето расположение. Но понекогаш е обратното, кога ќе се вљубиме во некое парче облека уште на прв поглед, возбудата секако расте оној момент кога ќе го облечеме тоа парче. Пролеттната колекција на „Стилисимо“ е составена токму од парчиња во кои ќе се вљубите на прв поглед. Сигурна сум дека со нашите модели во најразлични бои и дезени ќе успееме да влијаеме на позитивното расположение на жените-вели Паковска.
Најголемиот дел од оваа колекција е пролетна, но креациите може да се носат во текот на летото. Моделите, како и во претходните колекции се изработени од природни ткаенини, кои можат да се носат во текот на целата година. Во однос на формите и боите ги следат светските трендови, но задржувајќи го својот „Стилисимо“- печат. Парчињата се едноставни за комбинирање со детали кои моделите ги прават допадливи.
-Важна ни е формата пред орнаментот, па затоа скоро секогаш користиме еднобојни ткаенини, а живописноста ја остваруваме преку деталите во некоја контрасна боја-објаснива таа.

Елена е олицетворение на брендот

На промотивната фотосесија се појавува нашата позната ТВ и радио-водителка Елена Стојановска. Иако осега соработувавте на нејзиниот изглед на телевизија („Шестиот ден“, „Телма“), сега за првпат таа е нивно заштитно лице.
-Со Елена првпат соработував во 1998 година кога таа дебитираше на ТВ-екраните како водителка на музичкото шоу ,,100%“. Сега, неколку години подоцна, за време на фотосесијата за „Стилисимо“, Елена ми откри дека многу сум влијаела на нејзиниот став околу модата, шминката, а особено модните детали. Како и да е, Елена одсекогаш ми се допаѓала пред се поради нејзиниот карактер, нејзиниот ум и убавина, посредност, едноставност и позитивна енергија. Тоа е с` што му е потребно на овој бренд“. Таа е олицетворение на „Стилисимо“- жената, затоа и немавме никакви дилеми при изборот за лице за нашата нова колекција. Доказ дека не згрешивме е и финалниот производ, односно фотографиите на кои Елена изгледа прекрасно. Особено ми е драго што добивме весели фотографии благодарение на позитивната енергија на целата екипа во студиото на агенцијата „Њу Момент“-вели таа.

Можно враќање на МТВ

Изминатата година многу поретко ја гледавме во јавноста, но Паковска најавува повторно враќање на малите екрани.
-Телевизијата е навистина моќен медиум, но за жал во моментов македонскиот народ е ,,отруен“, од сето она што се прикажува на нашите телевизии. Невкус, недостиг на вистинска содржина, лажни критериуми и испревртени вредности изобилуваат на нашите екрани. Виновни за ова се сопствениците и програмски уредници на телевизиите кои во потрага по набилдани рејтинзи само тонат во лошата програма. Особено ми е драго што во последните месеци единствената телевизија која започна да нуди квалитна програма е нашиот национален сервис МТВ, куќата во која јас пред многу година ја започнав мојата ТВ-кариера. Многу брзо може да се случи модната емисија „Стилисимо“ да се најде на овој канал. А во меѓувреме секако ќе работам на својата модна колекција и ќе уживам во службените патувања во Милано за мојот бутик „Зап“.

Стајлинг за Каролина и за водители

Паковска 10 години се грижи за стајлингот на Каролина за сите нејзини јавни, па и приватни настапи. Последната соработка беше за нејзиниот анплагт-концерт во декември, кога за таа пригода Цацаи искреирала долг фустан, искомбиниран со кожена јакна и „Ланвин“ високи потпетици. Пред неколку месеци беше ангажирана од раководството на МТВ за да се погрижи за стајлингот на неколку новинари/уредници на вестите новинарите од спортската редакција, како и водителите на утринската програма. Вели дека драго ~ е што конечно на новинарите им беа обезбедени костуми во кои изгледаа светски.

МАЈА КИРОСКА ЕСЕН-ЗИМА 2012-2013

2 Фев

maja kiroska-5

Сакам да дизајнирам за нашиот убав и топол народ

Ана Несторовска

Објавено на 01. февруари 2013 во „Антена“ („Дневник“)
 
 

Модели наменети за современите и успешни жени, што сакаат да бидат уникатни и ја разбираат важноста на убавиот изглед при остварувањето на своите цели, се дел од новата колекција на младата креаторка Маја Кироска. Главната цел на дизајнерката, која е родум од Тетово, а модно се образова во Љубљана, била на нашиот пазар да понуди квалитетни парчиња облека со чисти линии.Тие лесно се комбинираат со останатите креации и во зависност од стилирањето може да се носат за различни прилики. Колекцијата ја промовира кон крајот на минатата година на новогодишната поп-ап продавница во „Домиталиjа“ во Скопје, заедно со дизајнерите Драган Христов („Лудус лавс фешн“), Бобан Илиевски ( „Шик андеркавер“) и Јана Ацевска („Капка“).
-Пријатно бевме изненадени од посетеноста на овој наш настан. Критиките беа најпозитивни, а најголем дел од нив беа во насока дека треба почесто да се организираат настани од ваков карактер-вели таа.
Открива дека во креирањето секогаш како приоритет ~ се употребата на квалитетни материјали и стручноста во изработката.
-С` мора да е беспрекорно. Парчињата облека се доста минималистички во дизајнот, со чисти линии и форми кои и ласкаат на женската фигура. Во колекцијата преовладуваат претежно земјените бои. За оваа колекција не изработив модни додатоци.
Стилот на дизајнирање, како и нејзниот личен имиџ доста осцилираат и не се меѓусебно поврзани.
-Со огледна тоа што претежно се занимавам со изработка на модели по порачка тогаш с` зависи од тоа за каква прилика е наменет моделот и кој ќе го носи. Колекциите зависат од избраниот концепт. Но и покрај тоа, сите парчиња облека поминати низ моја рака ги поврзува еден заеднички печат.

Самостојни ревии и изложба на венчаници
Уште за време на студиите во Љубљана се интересирала за проекти надвор од рамките на факултетските обврски, па така, уште во втора година учествувала на манифестацијата „Модест“, која се одржуваше во рамките на „Саемот за мода“ во Скопје. Поставила свој сопствен штанд со три креации на мали црни фустанчиња.
-Уште на отворањето на мое големо и пријатно изненадување го продадов првото парче и тоа на тогашниот амбасадор на Австрија во Република Македонија. Тоа беше една голема потврда и мотивација за мене како млад дизајнер и добар епилог на моето прво јавно претставување во Македонија.
Настанот во „Домиталија“ е моја втора јавна промоција тука. Во Љубљана имам направено неколку самостојни модни ревии и една изложба на венчаници-вели Маја која сега е вратена во Македонија со, како што вели, „желба да дизајнирам за нашиот убав и топол народ“.
На 18 години, сама, заминала да студира во Љубљана-град за кој знаела само дека е главен град на Словенија, и толку! Но, доста брзо се снашла, и како што вели, не наишла на некои поголеми потешкотии.
-Дружењето, соработката со неколку млади словенечки дизајнери и трудољубивоста ми помогнаа да се пробијам. Сега сум во постојан контакт со некои од нив и договарам следни проекти меѓу кои е промоцијата на мојот бренд таму, меѓутоа засега приоритет ми е промоцијата тука, бидејќи сметам дека за еден млад творец е најважно е признанието од сопствениот народ-вели таа.

Развива свој бренд во Тетово
Нејзините колекции во Љубљана ги промовирала преку модни ревии и изложби. По таквите настани луѓето лично ја контактирале за да купат парче облека од колекцијата или барале да им изработи модел по порачка. Поретко оставала креации и во концептуални продавнички кои нудатоблека од млади дизајнери.
Моментално е стационирана во Тетово.
-Додека траеја студиските обврски доаѓав три пати годишно, а потоа нон стоп бев на релација Словенија-Македонија. Во септември се вратив на неопределено време. За овој крај најмногу ме врзува семејството, пријателите. Но, морам да споменам дека премногу сум разочарана од моменталната запуштеност на Тетово, кој од некогаш прекрасен град денес за жал е без никакви културни збиднувања, без вода, прекриен со смет…-констарира таа.
Досега има изработено три колекции и голем број на модели по порачка.
Порачаните модели се најчесто венчаници и свечени фустани. Во нејзините колекции, бидејќи има поголема слобода при дизајнирањето, се наоѓаат и концептуални парчиња облека, но и доста едноставни, елагантни и носливи модели. Во моментов го развива својот бренд „КирОска“, основан кон крајот на минатата година, а првата и засега единствена колекција актуелната за сезоната есен-зима 2012/2013. Засега е стационирана во атељето на својата мајка, но веќе размислува за пронаоѓање на свој продажен простор.
Иако повеќе години не живееше тука таа ги слади случувањата нашата модна сцена:
-Македонската модна сцена е во развој. Ние сме креативен народ, младата дизајнерска сила и постарите модни дизајнери кои ги поставија основите, организаторите на модните случувања, модните куќи, модните блогери и друго, сите ние со меѓусебна соработка можеме да ја подигнеме македонската модна сцена на едно препознатливо ниво.
Покрај самостојната работа често соработува и со словенечите дизајнери и придонесува за тамошната модна сцена. Планира да го промовира својот бренд таму.
-Во преговори сум следната колекција да биде понудена на продажба во дизајнерската продавница „КОДА 386“, која препорачувам да ја посети секој вљубеник на убавото парче облека доколку се најде во Љубљана. Во изминатава година работев како стилист во најпрестижната мулти-бренд продавници во Словенија, „Галерија емпориум“. Работев со врвните брендови за женска облека како сто се „Александар Меквин“, „Кензо“, „Роберто Кавали“, „Етро“, „Армани“, „Версаче“ и со клиенти од повисоките слоеви. ми помогна да го истенчам својот вкус за квалитетот на изработката и уникатноста на кројот на дизајнерското парче облека-вели таа.

По стапките на баба и` и мајка и`
Модната приказна на Маја почнала уште во детсвото, со остатоците од материјалите од кои шиела нејзината баба, која била самоука шивачка. -Приказната продолжи во атељето на мајка ми, која е дипломиран инженер по конфекциска технологија во Белград и која безрезвно ми го пренесува сето искуство со кое се има здобиено во текот на нејзината долгогодишна работа. Јас успешно го завршив Технолошкиот факултет во Љубљана кој што е високо рангиран во светот и нуди одлично знаење од областа на текстилот. Предметникот на мојот факултет беше комбинација од технологија,пиродно науки и уметност. Сега сум дипломиран инженер по дизајн на текстил и облека.

Костими за најгледаното шоу во Љубљана
Маја беше дел од тимот одговорен за костимографијата на една од најпопуларните хумористични ТВ-шоуа на најгледаната приватна телевизија во Љубљана. Исто така ги издизајнира костимите за главните улоги за балетската претстава „Моќта на куклите “ на балетското студио „Менада“ од Тетово.
-Љубљана е град кој нуди многу нешта за уживање. Во миговите за наменети за опуштање посетував изложби, театарски претсави, концерти. Летно време многу често ги посетував понеделничките jam session свирки во омилената летната градина на џез-клуб „Гајо“.

Росица Мршиќ есен-зима 2012/2013

22 Дек

02


Женственост во 3Д-фустани

Ана Несторовска
Фото: Билјана Ќосева

Објавено на 21. декември 2012 во „Антена“  („Дневник“).

Ова беше доста динамична и плодна работна година за познатата модна дизајнерка Росица Мршиќ. Таа со секој нареден проект поставува нови и повисоки цели, а тие што ги зацрта изминатите 12 месеци беа реализирани. На пролетното и на есенското издание на Модниот викенд-Скопје претстави две сезонски колекции, како и една мини-линија на почетокот на 2012. Во меѓувреме имаше ангажман како предавач на школата по моден дизајн на „Евро Балкан“, и беше во постојан контакт со своите клиенти. На последното издание на Модниот викенд одушеви со колекцијата за сезоната есен-зима 2012/2013 за која деновиве изработи фотосесија со Билјана Ќосева и моделите : Маргарида од агенцијата Best Models од Португалија, и нашата Наташа. Секогаш трагајќи по уникатна, истовремено модерна и вонвременска нишка во своите линии, Мршиќ прерасна во една од најпрепознатливите имиња на нашата модна сцена. Така, креациите од новата колекција се дефинирани со Кандински-геометријата, флоралните ориентални форми и руски фолклорни мотиви.

-Вообичаено, потребни ми се повеќе елементи за да ја заокружам темата и идејата за секоја колекција. Не сакам општи теми, ме интересира правење спој од сегменти кои ми го влечат вниманието, кои нудат можност за истражување и анализирање-вели таа.
06
Фасцинацијата од архитектурата и уметноста
Кај нејзините модели забележлива е фасцинацијата од архитектурата и уметноста. Мотиви од разни артисти, нивни дела и зданија може да се забележат во креациите низ годините.
-Мојот пристап и начин на градење на секое парче облека е архитектонски, а неизбежно е тоа да се поврзе и провлече низ инспирацијата. Сакам чисти линии, нови форми, интригантни детали, удобна облека, автентична облека која не трае една сезона, добар крој… Без историја не може да ја движиме идејата напред, навраќањето кон минатото ни овозможува да знаеме како можеме да ја оформиме и дадеме нов, различен карактер на постоечката форма-вели дизајнерката.
Иако нејзините креации комуницираат со трендовите и тоа што допрва ќе се носи, сепак, во основата секогаш се навраќаат на формите и кројот специфичен за некои минати декади. Ски-облеката од 70-тите пак, беше мотивација на колекцијата за претходната зима… А, моделите од новата колекција се инспирирани од силуета од 60-те години на минатиот век.
-Секоја колекција се темели на аспирации за разработување на идеи во дадено време. Навраќањето кон одредени модни декади е веројатно мојата аспирација која често се провлекува низ колекциите, а има поврзаност со желбата да ги поврзувам сеќавањата од минатото и сегашните доживувања.
Во изборот на боите и шарите секогаш е умерена, а најчесто ексеприментира со формата, и деталите. Овој пат моделите се издвојуваат со шарените околувратници и со повеќедимензионалните здолништа.
-Иако сум љубител на умерени тонови, понекогаш ми се допаѓа да создадам монохромно парче облека во јарка боја. За мене формата е предизвик, а таа најдобро се постигнува кога е изработена во црна боја. Оваа колекција е создадена со идеја да се разработуваат 3Д-форми кои го обвиваат телото, а истовремено му даваат женствен изглед и нагласуваат одредени делови, а ефектот се постигнува со напластување на парчиња од материјал. Додатоците се состојат од принтани повеќебојни графички решенија, аплицирани на околувратни ланчиња и крагњи. Целата колекција е изработена од природни материјали, а мал дел е мешавина од волна и полиестерски влакна.

Желбата за споделување на искуството
Изминатите неколку сезони креираше хулахопки и чорапи за македонскиот бренд „Санда“.
-Соработката со „Санда“ овозможи пласирање на широко достапен моден дизајнерски производ, кој е новина на македонскиот пазар. Оваа сезона, имиџот на колекцијата не дозволуваше дополнување со дизајнирани хулахопки, но производите од претходните сезони с` уште се продажни и достапни на пазарот.
Иако најчесто дизајнира сама, сепак има остварено и некои соработки, како на пример со уметникот Глигор Кузмановски, кој го направи накитот во нејзините две претходни колекции. Открива дека „одлучувачкиот фактор за да се оствари една ваква дизајнерска конекција е желбата да се сподели искуството, да се создаде различен аспект на разработка на идеја и производ кој носи поинаков печат од сопствениот“.
Росица е дел од професорскиот тим на школата по моден дизајн на „Евро Балкан“, заедно со својот колега-дизајнер Никола Ефтимов. Досега одржаа три курсеви, на кои имаа добар интерес и се задоволни од сработеното. Дел од нивната работа имаа можност да презентираат на моден настан, што за Росица претставувало посебно задоволство. Повеќе години таа предаваше и на „Академија Италијана-Скопје“ (до нејзиното затворање), а претходно и во Бангкок. На прашањето дали ~ недостасуваат овие нагажмани вели:
-Убаво е чувството кога сопственото искуство и знаење може да се сподели, размени и надогради. Прекинот на овој ангажман за мене значеше поголема посветеност кон креирањето на сопствените колекции и активно работење на нивно пласирање.
Во меѓувреме се пробија повеќе нејзини студенти, кои веќе се активни играчи на нашата модна сцена. Мршиќ го следи нивниот развој како дизајнери.
-Ме интересира нивната работа, ме радува секој нивен чекор и развој на професионално ниво. Би ги издвоила сите оние кои активно, упорно и доследно го градат своето име-вели таа.

Облеката треба да биде нослива, но карактерна

Како долгогодишен самостоен креатор, но и како едукатор Мршиќ одличноја знае разликата меѓу авангардниот и костимографски дизајн од една страна и униканоста на секојдневната облека од друга. Речиси сите нејзини модели, иако се уникатни и не се до крај мејнстрим, наоѓаат широка примена кај девојки и жени кои негуваат различни стилови на облекување.
-Верувам дека е тешко да се најде формулата за создавање облека која е авагардна, но истовремено нослива и атрактивна за поширока публика, а да не потсетуваа на парче костимографски дизајн. Верувам дека за тоа е потребно чувство, перцепција и однос, а едукацијата не може премногу да направи. Мојата лична потреба ја поистоветувам со професионалниот став дека облеката мора да биде практична, нослива и доволно карактерна за да овозможи поединецот да ја носи, а не обратно.

Пласман во Софија, Виена и Дубаи

Неколку години со ред колекциите на Мршиќ се продаваат во Софија, Виена, Дубаи…. без измени, но со селекција направена според потребите на пазарот. Со тек на време таа стекна свои редовни клиенти и станала препознатлива во тие градови.
-Очекувано е дека пласирањето на колекции после неколку сезони ќе создадени љубители на одредениот моден израз кој се пласира. Ме радува што во моментов работиме на проширување на пласманот и на две нови места, што за мене претставува големо професионално достигнување-вели таа.

Модна поп-ап продавница

21 Дек

10

Лимитирани парчиња од неколку урбани домашни брендови и дизајнери на облека и накит ќе бидат понудени на новогодишната поп-ап продавница од понеделник во 10 часот до 29 декември во „Домиталиjа“ во Скопје.
На презентацијата ќе се најдат модели од новите линии на етикетите „Лудус лавс фешн“ и „Шик андеркавер“, на креаторката Маја Кироска како и накит на „Капка“ (Јана Ацевска). Поддржувајќи ја младата македонска модна сила во салонот ќе може да се најдат специјално направените новогодишни колекции за двата пола.

ludus_2 KAPKA photo2

АЛЕКСАНДРА МИТКОВСКА пролет-лето 2013

6 Дек
By Ani i Dimi

By Ani i Dimi


Етнофантастика од пластика

Не сум некојa голема љубителка на пластиката. Иако живееме во пластичен свет (во преносна и во буквална смисла на зборот) гледам да го минимализирам нејзиното користење во секојдневието. Затоа, кога прочитав во каталогот на Модниот викенд-Скопје дека младата креаторка Александра Митковска ќе претстави колекција што е спој на пластиката и македонскиот фолкор, искрено малку се загрижив. Не дека се посомневав во идејата и начинот на изведбата на талентираната креаторка, туку ме замисли колку моделите ќе бидат непрактични и крути. За колекција што треба да најде примена кај пошироката модна публика, пластика ми се виде ненослива…
Но, уште со излегувањето на првата манекенка во денсинг-салата на Младинскиот културен центар на перформансот на 16 октомври Александра ме демантира! Со нејзиниот природен нарав да одушевува и шокира во исто време, пластиката ја избрусила во 20-тина уникатни парчиња тренд. Креаторката, која работи под етикетата Vibrazioni by Aleksandra Mitkovska, за сезоната пролет-лето 2013 направила вкусен сплет на футуризмот со современите парчиња, што го зачинила со етноелементи. Фолклорната нишка е суптилна и во функција на дизјанот, а се препознава во шарите и ресите. Палтата се со минималистички крој, а фустаните со прав ве-изрез, и нагласените крагни. Комбинацијата на моделите не е конвенционална. Направила спој на фустани и здилништа со панталони, без тоа да изгледа пренакитено и нападно. Дизајните истовремено може да најдат примена и во уличната мода, но и во бизнис-изгледот.
Она што отсекогаш одушевувало кај колекциите на оваа дипломка на престижниот институт за мода „Марангони“, е нејзината способност да вметне соодветни детали. Тие секогаш се уникатни, и (барем кај нас) претходно не употребени. Во оваа линија застапени се големи чанти во винтиџ-стил, но и модели ставени околу половината како колани и престилки, или во вид на големи џебови, кои се слеени со креацијата. Тука се и мантилите, кои се скроени во стилот на модата од 50-тите години од минатиот век. Незибежен дел од нејзините линии се чевлите, специјално направени за колекциите. Тие се авангардни и уникатни.
Колекцијата покрај тоа што беше преставена во Скопје, одушеви и на Белградска модна недела, а наградата за најдобар млад дизјанер, што Митковска ја доби на пролетното издание на оваа манифестација е само доказ дека нејзниот стил може добро да помине надвор од нашите граници.

Оцена: 4,2 / 5

Име на колекција: VIBRAZIONI by Aleksandra Mitkovska S/S 2013
Сезона: Пролет-лето /2013
Бои: Крем, виолетова, зелена, црна, кафена.
Промоција : 16 октомври 2012 на Моден викенд-Скопје (FWSK)

Следува галерија со фотографии од АД фотографи

ЛЕ БРЕНД – есен-зима 2012-2013

17 Ное

Јапонска модна игра со македонски потпис

lili kadinska

Ана Несторовска
Фото: Ани и Дими
Објавено на 16. ноември 2012 во „Антена“ („Дневник“)

Ориентот и јапонската улична мода, кои со години се неицрпен извор на инспирација за колекциите на домашните и светските брендови и кретори, биле презивик за новата колекција на младата македонска етикета „Ле Бренд“. Моделите, кои беа презентирани на неодамнешниот Моден викед-Скопје, одушевија со својата свежина, ведрина и трендовски изглед. Зад брендот, кој досега има претставено четири колекции, стои креаторката Лили Кадинска од Битола.
-Јапонската улична мода не ограничува и ви дава можност да си играте додека креирате. Мене, како дизајнер, а и како концепт врз кој се базира „Ле Бренд“, доста ми одговара таа игра на форми, материјали, бои и дезени. Во сите досегашни колекции на етикетата ги има овие моменти, во одредена доза, а во најновата колекција се појавува како основен концепт-вели Кадинска.

Креации што носат ведрина
Колекцијата преставува колаж од материјали, бои, дезени и стилови содржи автентични модели за секоја пригода. Во силуетата и линиите, како и во малите детали на појасите, околу деколтето, на половинара ,во вид на јаки се пресликани моменти од традиционалната јапонска облека.
-Креациите се наменети за сите што сакаат да внесат малку ведрина и дух во своето секојдневие. Кога би носеле парче од „Ле Бренд“ нема воопсто да размислуваат каков стајлинг да направат, зашто секое моделче е така дизајнирано, да може да биде единствено и да се постигне саканиот ефект-вели креаторката.
Од материјалитедоминира волна, жоржет, а од боите: жолта, црна, сребрена, и црна основа итн. -Што се однесува до додатоците беа искористени форми од цветови од материјал како апликации на одредени модели, тенки коланчинја итн-вели Лили и додава дека колекцијата е достапна во шоурумот „Мокош” во Скопје и во нејзиното ателје во Битола.

Полесно е кога се споделува товарот
Лили го основа брендот со својата пријателка и колешка од Факултетот за моден дизајн во Софија, Зуле Кршкова. Дебитираа со колекцијата The Sensual Cuba Collection. Но, за кусо време Кадинска продолжи сама да го води. Признава дека ја сака тимската работа и можеби тоа најмногу ~ фали во соло-ангажманот, да го подели товарот што го носи работата.
Засега „Ле Бренд“ секоја сезона промовира по една колекција со минимум 20 парчиња. Освен редовните сезонски линии изработува и модели по нарачка. Се надева дека набрзо ќе може да се прошири концептот на етикетата, што ~ е главна цел.
-По првата колекција нашите очекувања беа малку поголеми, но брендот не доживеа експанзија преку ноќ. Сега, после четири колекции и многу продадени парчиња изминативе две години, мислам дека „Ле Бренд“ веќе си го наоѓа своето место и полека, но сигурно се гради како една препознатлива етикета и си го пробива патот до клиентите-вели таа.
Своите пет минути на Модниот викенд
Лили вели дека ревијата на Модниот викенд, што беше прва поголема презентација на работата на овој бренд била одлична промоција
-Модниот викенд медиумски е добро покриен, па така „Ле Бренд“, кој за поголемиот дел од публиката с` уште беше ново име, ги доби своите 5 минути. Можам слободно да кажам дека во целост сум задоволна од презентацијата. Првичните коментари и реакции се многу позитивни. Посебно ми е драго кога ги слушам од луѓе кои не ги познавам, секако поради објективниот момент. Интерес за колекцијата има. Првите парчиња се продадоа веднаш по ревијата, а колекцијата веќе е во продазба и е достапна за сите заинтересирани-вели таа

Јована Филиповиќ – есен-зима 2012/13

1 Ное

Фото: Ани и Дими

Жена со срце на ЛЕД-џентлмен

„Во моето срце сум џентлмен“- рекла своевремено една од најголемите модни икони на сите времиња, Марлен Дитрих. Ова содејствува со нејзиниот препознатлив стил, кој е умешен спој на машки парчиња облека и женската сензуалност. Иако нејзината андрогена појава со децении инспирира генерации девојки и жени, таа никогаш не изветвува. Панталоните, палтата и кошулите во строг машки крој, црно-белата основа и шапките веќе се модна класика во женскиот ормар. Така, секоја нова колекција со оваа база е повторување на една од основните лекции, но истовремено и замка. Лавиринтот на евентуален моден плагијат, едноличност и неоригиналност успешно го надминуваат само дизајнерите кои знаат дека џентлменска предност треба да им дадат на квалитетните материјали, модерната линија и на автентичните детали.

Во деталите се кријат големите модни иновации, а тоа добро го знае младата креаторка Јована Филиповиќ, која стана препознатлива со употребата на ЛЕД-диодите. За разлика од нејзиниот проект од пред две години, LEDesign Installation, каде што овие светлечки елементи ја имаат главната улога, во новата колекција The Gentlewoman тие се јавуваат само кај дел од додатоците. Со дискретното вметнување на ЛЕД-парчињата Филиповиќ покажува висок осет за естетика. Таа знае каде е границата и при комбинирање на различните шари и при играта со формите. Добриот моден дизајн не треба да познава стилски и временски ограничувања, но треба да ја знае разликата меѓу кичот и авангардата или костимографија и секојдневна применлива мода.

Моделите од линијата претставена на неодамна одржаниот Моден викенд-Скопје се токму такви – носливи и прилагодливи за повеќе стилови. Нивната андрогена природа остава простор за екпериментирање и комбинирање. Долгите припиени фустани, здолништа, панталоните, кошулите, палтата и капутите иако кокетираат со стилот на 30-тите или 40-тите години на минатиот век, се слика за денешната мода, со видлив личен печат. На неколкуте „сигурни“ парчиња скроени по вкус на современата бизнис-жена, Филиповиќ прави интересни интервенции, со бисерни додатоци, реси и ЛЕД-диоди одолу вратот, долж линијата за копчиња, на појасот или кај ракавите. Кориси доста набори и нагласени парчиња кај половината, како и отвори кај здолништата и фустаните и преклопи кај платата, од кои дел се без ракави. The Gentlewoman, гледано како целина, е колекција што ќе се носи повеќе сезони и долги години. Тоа е голем чекор во промоцијата на Јована како дизајнер кој во иднина ќе ги крои трендовите во домашната мода.

Оцена: 4,3 / 5

Име на колекција: The Gentlewoman
Сезона: Есен-зима 2013/2013
Бои: Црна, бела, крем, темновиолетова.
Број на модели: 22
Промоција : 15 октомври 2012 на Моден викенд-Скопје (FWSK)

Фотогалерија by Ани и Дими:

„Лудус“ организира распродажба на македонскa мода

10 Мај


Тимот на некогашната концептуална продавница „Лудус“ в сабота и недела (12-13 мај) организира втора распродажба на парчиња облека и накит од македонски дизаjнери, во барот „Дамар“ во Старата скопска чаршија.
На распродажбата новитет ќе бидат македонската модна етикетa Acid Wear, која ќе понуди и облека за деца до 12 години, како и накитот од Дафина Џепаровска. Пoкрај нив ќе се најдат и нови, намалени, производи од Ludus Loves Fashion, Chic Undercowear, Eлена Спасовска, Vibrazioni од Александра Митковска како и накит од „Капка“ – дизајн на Јана Ацевска.
На распродажбата, која ќе трае од 12 до 20 часот, ќе бидат понудени над 100 парчиња облека, накит и додатоци, чии цени ќе се движат до 3.000 денари.
Ова е втора ваква акција на екипата на „Лудус“ по успешната распродажба што се одржа во март.