Archive | Јануари, 2010

Нови модни икони (4) – Кет Пауер

2 Јан

Ја видов во Њујорк, пред хотелот Меркер. Таа пушеше цигара, а јас си реков ‘Само жена може да изгледа гламурозно додека пуши’. Со овие зборови легендарниот креатор Карл Лагерфелд, кој е шеф на моќната модна куќа ‘Шанел’, ја опишува првата средба со инди-рок музичарката Кет Пауер (Cat Power). Тоа ја зачудило кантавторката, бидејќи била натоварена со торби и две гитари, но ја прифатила поканата за заедничка колекција. Така во 2006 година стана заштитно лице на линијата за накит. Соработката ја продолжија со нејзините настапи на ревиите на ‘Шанел’ во 2007 година, а нејзина песна се најде на едно од цедињата на Лагерфелд. Сепак, Кет Пауер важи за модна икона уште пред да ја забележи дизајнерот. Препознатлива е по својот минималистички стил на сцена (настапува само со гитара) , својата рамна долга коса со длабоки кркми и задолжителните фармерки и кошула.

Интересен е податокот дека до идејата за нејзиното уметничко име дошла од лого на една шапка- Cat Diesel Power .

Таа воопшто не е како своите колешки што ја негуваат модната театралност. Носи симплифицирани модели, фустани во А-форма и интересни детали на рацете. Во себе го има оној кул-ефект, својствен за само малку жени на сцената. Модата е само покорена на нејзината појава, затоа и важи за универзална модна икона, што не е врзана со трендови, туку со комплетен и уникатен имиџ.