Archive | Ноември, 2010

Fashion moments in "CK" (29.11.2010)

30 Ное







Стилизирани војници на Теа Пупкова во ЦК

29 Ное
Младата дизајнерка Теа Пупкова вечерва во 20 часот ќе ја промовира својата колекција “Шепотот на невидливиот војник” во Културниот центар ЦК во Скопје. Станува збор за продажна изложба на модели инспирирани од рускиот генерал Михаил Иларионивич Кутузов и неговата војска од делото на Лав Толстој – “Војна и мир”. Пупкова вели дека Кутузов како лик е инспирација сам по себе, првенствено заради својот нестереотипен изглед -карактеристичен за тоа време и неговиот несреден, запуштен имиџ. Послужил како репер за создавање на женска колекција, која е стилизација преточена во парчиња на облека.
Целна група на линијата се девојки и жени на возраст од 20 до 35 години, кои се храбри и не се плашат да експериментираат, по малку се екцентрични. Секој модел поединечно во себе содржи сегменти од едно време, енергија која се чувствува на посебен и необичен начин.
-Оваа колекција е создадена со многу љубов и неизмерна енергија и ентузијазам иако беше тешко да се стигне онаму каде што јас сакав и да се постигне ефектот кој успеав да го постигнам можам да кажам дека мојата мисија е завршена, а сега останува на оние кои тоа ќе дојдат да го видат и ќе ги споделиме заеднички нашите импресии- вели Пупкова
Креаторката живее и работи во Прага Има завршено средно уметничко училиште на отсек керамика, факултет за дизајн и магистериски студии по графички дизајн и бизнис маркетинг менаџмент на Tiffin универзитетот во Прага. Била дел од повеќе групни изложби и имала 8 групни изложби и ревии надвор од Македонија односно во Прага, Брно, Милано и Фиренца.

Стилисимо е за жени со силен карактер

28 Ное

by: Ана Несторовска
Објавено на 27. 11. 2010
во “Викенд” (“Дневник”)
Откако се докажа како стилистка и како водителка на едно од ретките модни ТВ-магазини кај нас, чиј концепт и стил веќе е добро познат, Цаци Паковска, пред неколку месеци реши да ја прошири својата модна приказна, основајќи го брендот “Стилисимо”. Брендот е продолжение на нејзиното досегашно искуство како стилист, архитект и на некој начин моден креатор. Открива дека идејата за модна линија ја развивала околу една година, а конечно, во септември ја промовира и првата колекција.
– Многу размислував, осознавав, анализирав… Се прашував дали знам, можам и умеам да застанам зад еден ваков огромен зафат, кој бара голема пожртвуваност. За само неколку месеци со мојата партнерка Тања Панделеска решивме да основаме бренд за деловни жени со стил. Уште на почетокот бев свесна дека со самото тоа што го користиме името на мојата емисија (“Стилисимо”), имаме огромна обврска да создадеме сериозен бренд, кој во иднина би требало успешно да се развива – вели Паковска. 


Моделите го отсликуваат нејзиниот сензибилитет и стилот што таа го гради во изминатите 15 години. Вели дека не обожава премногу тренди облеки кои по неколку месеци може да здодеат. Токму затоа, колекцијата е составена од едноставни, безвременски парчиња што може да се комбинираат за најразлични пригоди.
– Нашите модели се за жени со силен карактер и со изграден стил, кои се одвојуваат од толпата. Тоа се личности што не се модни жртви. Не се борат постојано да ја разберат модата, трчајќи по најновите трендови. “Стилисимо”- жената го одбира квалитетот и не сака да личи на подвижен билборд – вели Паковска и додава дека има среќа што нејзината партнерка пред с е нејзина добра пријателка, со која одлично се разбираат. Вели дека Тања умее да ја скроти нејзината енергична и избувлива страна од карактерот.

ВО ГОЛЕМИ КРИЗИ СЕ РАЃААТ ГОЛЕМИ ИДЕИ
Императив, уште од создавањето на брендот, им се добриот крој, квалитетните ткаенини, совршената изработка, а сето тоа за пристапни цени. Нивното промотивно мото беше: “Немате повеќе изговор дека стилот чини многу пари”. Паковска вели дека создавањето и менаџирањето на новиот бренд е напорна и стресна работа, со оглед на тоа што се работи со тим. Во изминатите неколку месеци многу научиле за начинот и за процесот на создавање на една колекција.
– Нашите производи во целост се создадени и произведени во нашата земја. Многупати се зборува дека иднината на македонската текстилна индустрија е во создавањето домашни брендови. Затоа сметавме дека токму сега е вистинското време да се создаде наша етикета по примерот на познатите модни синџири. Пред неколку години имав можност да ги интервјуирам познатите креатори Розита и Отавио Мисони. Господинот Мисони тогаш ми рече: “Во големи кризи се раѓаат големи идеи”. И навистина, во време на голема економска криза, ние успеавме да го реализираме нашиот моден проект “Стилисимо” – вели таа.
Голема помош во реализација на креациите имале од модната креаторка Милијана Васојевиќ, која своите искуства од Италија и Бангкок ги имплементирала во колекцијата. Во нивниот тим има и моделари, техничари и шнајдерите од македонските фабрики. Во комплетирање на есен-зима 2010 колекцијата соработуваа и со младата дизајнерка на накит Александра Шекутковска. Паковска е задоволна како се вклопија двете колекции.

ЉУБОВТА КОН МОДАТА МИ ДАВА ЕНЕРГИЈА
Моделите првично ги промовираа преку фотосесијата работена со моделот Маја Сашек и со фотографот Дејан Пановски. Учествуваа и на неодамна одржаниот Моден викенд – Скопје.
– Ревијата на Модниот викенд беше вистинското место на кое го претставивме имиџот на “Стилисимо”. Преку 21 комбинација, покажавме дека брендот е наменет за млади девојки, но и за зрели жени. Успеавме да презентираме еден поинаков концепт на ревија, во кој главен збор имаа токму едноставните парчиња.
Изминатиов период ја надополнија актуелната линија со зимски, волнени палта и капути. Со полна пареа веќе работат на пролетната колекција. Засега открива само дека моделите ќе бидат поколоритни, но ќе го задржат едноставниот софистициран стил.
Паковска, во меѓувреме, паралелно е посветена и на бутик за италијанска уникатна облека “Зап Милано” што седум години го води со своето момче.
– Постојано сум ангажирана на повеќе полиња, но токму огромната љубов кон модата ми дава енергија да ги истуркам нештата до крај. Среќна сум што модата е дел од мојот живот и е преплетена во мојот приватен живот. Моите чести патувања во светските модни метрополи ги користам да ги наполнам батериите и секако да се инспирирам за моите следни проекти -вели таа.
Во изминатите години успеа да се наметне како еден од најбараните стилисти и влијателни модни новинари. Тоа наметнува обврска да не се откажува од својата модна мисија.
– Никогаш не сум помислила да се откажам од модата, бидејќи тоа мојот живот и мојата страст. И натаму ќе прифаќам ангажмани како стилист, бидејќи навистина уживам да ги разубавувам луѓето. Со години напорно работев и се изборив за своето место на македонската модна сцена. На некој начин станав авторитет во модата. Благодарение на емисијата “Стилисимо” мојата мисија, модно да освестувам и да едуцирам не застанува. Пред мене се уште многу емисии, проекти и колекции.


Активна во блогосферата
Паковска активно го води и блогот за стил stilissimo-stylishgirl.blogspot.com. Страницата ја освежува со информации за модата, животниот стил, дизајнот, архитектурата и воопшто естетиката.
– За само шест месеци, блогот има над 50.000 посетители од целиот свет. Самото тоа што знаете дека на блогот може да ги споделите своите лични ставови, мислења и информации е навистина фасцинантно. Жал ми е што кај нас нема многу модни и културни случувања, но јас постојано се обидувам да пронајдам нешто што би било интересно за посетителите на мојот блог. Од друга страна, пак, сметам дека во светски рамки на модните блогери без никаква особена заслуга им е придадено огромно значење, па дури за дел од нив се резервирани и првите редови на модните ревии. Доколку модата се движи во оваа насока во која блогерите ги заменуваат модните новинари, тогаш светот е тргнат по ѓаволите – вели таа.

Емисијата – продолжение на работата како стилист
Телевизиската емисија за мода и стил “Стилисимо”, по која Паковска е најпрепознатлива вели дека била реално продолжение на нејзината работа како стилист.
– За мене медиумите не беа непозната работа, бидејќи на некој начин јас израснав во и на телевизија. Од кога паметам за себе мојот татко ме носеше со себе на сите негови големи проекти. Паметам дека во познатата детска емисија “Дајте музика”, чиј режисер беше татко ми, бев задолжена за изгледот на малите глумци и пејачи, иако имав само 13 години. Дури и од дома носев некои модни додатоци, како шапки и трегери, што ги користевме за снимањето. Грижата за стилот на другите отсекогаш за мене претставувало предизвик и задоволство. Можеби и затоа пред 15 години почнав да се занимавам со оваа работа.

Удобна и топла есен

28 Ное


 

Сезона во камел боја

28 Ное

Топлиот спектар на бои, почнувајќи од крем, преку, жолта, портокалова и кафена, се’ до софистицираниот спој на сите овие нијанси – камел бојата кореспондираат со амбиентот во природата во овој дел од годината. Овие есенски бои се рефлектираат во модата. Со враќањето, развивање и усовршување на формите и идеите на модата од 90-тите години, се актуелизира и бојата што го одбележа тој период. Сезонава акцентот е ставен на камел-бојата, која се најде во колекциите езен-зима 2010 на модните куќи и дизајнери Aquascutum, Chloe, Michael Kors, Tommy Hilfinger и други. Предноста на оваа боја е што е лесна за комбинирање со други, а е прилагодлива во повеќе стилови. Застапена е кај модели од памук , волна, тафт и други потопли материјали, што може да се скројат во кежуал, елегантна, бизнис , спортска и свечена варијанта. Најпрепознатливи се капутите и костумите во оваа боја.

КЕЖУАЛ И ШИК
by: Chloe
by: Chloe

by: Chloe
by: Chloe
by: Michael KorsБИЗНИС ЕЛЕГАНЦИЈА
 

by: Aquascutum

by: Chloe

ВО КОЛЕКЦИИ НА НАШИ ДИЗАЈНЕРИ

by: Aleksandra Mitkovska

by: Stilissimo

by: Stilissimo
Комбинации со други бои  


by: Michael Kors

by: Michael Kors


by: Michael Kors
by: Tommy Hilfinger
by: Chloe

Mагичниот свет на Елена Ристовска во филигран

28 Ное

by: Ана Несторовска
Објавено на 13. 11. 2010 во “Викенд” (“Дневник”)

На интересен и модерен начин младата креативка Елена Ристовска прави трендовски креации со традиционалната, филигран-техника. Нејзината последна колекција е инспирирана од детскиот свет и фантазија, со весели ликови, обоени со насмевки, а застапени се куќички, облачиња и друго. Создава цел еден магичен свет во техниката стара неколку века.
– Токму спојот меѓу древната техника на изработка на накит од сребро и модерниот дизајн предизвикува внимание. Девојките се интересираат с повеќе за техниката на изработка, а во исто време сакаат да носат и уникатен модел – вели Ристовска.
Според неа, најважно за една личност што сака да изработува филигран е да биде креативна, да поседува љубов кон традиционалните занаети, но, пред с, да биде смирена.
– Техниката подразбира процес на изработка на накит од сребрена жица што достигнува дебелина до 0,25 мм. Замислете, личност што е многу темпераментна и која има скротлив дух да седи со часови над толку тенки жички и да изработи нешто толку нежно, а притоа производот да биде убав за очи – вели Елена.

ДИСКРЕТНО ВМЕТНУВАЊЕ НА СВОЈОТ БЕЛЕГ
Со филигран се занимава три години. Вели дека “виновник” да се занимава со стар занает е нејзиното семејство. Нејзиниот татко е колекционер на антиквитети и во нивниот дом има предмети со кои, како што вели, може да се отвори еден мал музеј.
Нејзината претходна колекција беше во знакот на кругот, пред с, поради тоа што е древен, универзален симбол на единството, бесконечноста и на целоста. Мотивите во разните колекции ги црпи од своето опкружување.
– Инспирацијата, размислувањата и работите се дополнуваат една на друга. Убавите нешта се случуваат постојано околу нас. А, од друга страна, и самите луѓе, кои го сакаат филигранот, имаат желба и замисла за одреден тип накит. Ги следам нивните идеи, на кои дискретно го вметнувам сопствениот белег. Мотивот е различен. Изработувам традиционални елегантни парчиња во кои вметнувам полускапоцени камења, како и накит што го привлекува вниманието на младите девојки со својата урбаност – вели таа.

НАЈВАЖНО Е ДА СЕ ИМА ДОБАР УЧИТЕЛ
Открива дека во почетокот изработката одела потешко и побавно.
– Создавањето и склопувањето пар обетки беше макотрпно. Ми беа потребни неколку дена. Но сега, кога ја имам стекнато рутината, е полесно. Најважно е во почетокот да се има добар учител, кој несебично ќе го пренесе знаењето. Но, занаетот се учи цел живот. Постојано се експериментира. Сега сум во период кога среброто го комбинирам и со други метали како бакарот, а и за тоа е потребно знаење. С се учи – вели таа.
Досега сум учествувала на неколку базари за рачни изработки организирани во нашата земја. При секое изложување за неа е најважна приказната што се раскажува преку парчињата накит.
– Луѓето сакаат да гледаат приказни, кои најчесто ги надградувам и на самиот штанд. Мојот накит е изложен и во парфимеријата “Ева” во ГТЦ и во “Холидеј ин” – во продавницата за рачни изработки. Сон на секој уметник е своја изложба. Во декември планирам да ја реализирам таа замисла со тематска постановка во ресторанот “Амика” – вели таа на крајот.
 

Плексигласот е мојата слика на иднината

18 Ное

by: Ана Несторовска
Обвјавено во “Дневник” на 18.11.2010
Дизајнерката и архитект Александра Шекутковска изработи колекција накит во рамките на новата модна куќа „Стилисимо“
 


Од своето прво јавно промовирање на изложбата „Мода за носење“, за една година успеа да се наметне како една од најурбаните и најиновативни млади дизајнери на накит. Модното творење, за скопјанката Александра Шекутковска, препознатлива по изработката на накит од плексиглас, претставува можност да го испитува егзибиционистичкиот симболизам и моќта на визуелното.
-Секој дизајнер доживува немир кога создава нешто ново и поинакво. За мене тоа е постојано истражување во уметноста. Останува постојаната потрага во дизајнот, не по идеалното, туку по невидливото. Создавам се’ додека го чувствувам истиот немир, се’ додека имам визија за иновативното. Тоа е еден од начините на кои јас му ги соопштувам својата визија и архитектонска порака на градот – вели Шекутковска, која е дипломиран архитект.
Изработува обетки, брошови, ѓердани, шапки и прстени во впечатливи бои и динамичен дизајн. Зад себе има повеќе од пет колекции, неколку групни и една самостојна изложба и промоција на пролетното издание на Модниот викенд – Скопје. ИНДИВИДУАЛИЗАМ ВО РАМКИТЕ НА „СТИЛИСИМО“
Неодамна ја направи својата прва линија за новата модна куќа „Стилисимо“, што беше претставена и на есенскиот Моден викенд. Соработката со Цаци Паковска почнала откога познатата водителка го препознала оригиналниот и авангарден концепт на винилските шапки што Шекутковска ги дизајнира во рамките на својата пролетна колекција.
– Поканата за создавање накит за брендот ја прифатив со задоволство. Колекцијата е продолжение на идејата за накит со двојно дестилирана елеганција на женската икона, што го почнав како истражување со накитот во летниот период. Зимската колекција прерасна во „сториборд“ на убавина и архитектура – вели Александра.
Секое парче претставува архитектонски дијаграм, кој понатаму е надополнет со лента, панделки, цветови од свила и врвца, што се извиткуваат и ја остваруваат врската со женското тело. Материјалите „играат“ околу знаците, изработени од винил, дрво и плексиглас. застапени се неколку дизајни со разни теми, како на пример: структура на саќе, континент, град, разиграна линија на животот и друго. Моделите се истовремено и индивидуални, сами по себе, меѓутоа и компатибилни со креациите на „Стилисмо“. Шекутковска е задоволна од досегашниот прием на нејзиниот накит во рамките на брендот.

ПРЕДИЗВИК Е ДА РАБОТИШ СО ИСТ МАТЕРИЈАЛ
Александра вели дека не се откажува од плексигласот, кој стана нејзин заштитен знак.
-Плексигласот е мојата слика на иднината, икона на поп-артот… Познатиот романски уметник Константин Бранкузи со години ја работел истата тема -скулптури на птици и ниедна не личела на претходната. Се работи за авантура во концепт, така и јас не се чувствувам конвенцијално ако работам со истиот материјал. Напротив, тоа е еден од најголемите предизвици. Секогаш уметникот може да се навраќа на истите теми и да ги интерпретира одново – вели таа и додава дека во дизајнот, како и во архитектурата, важен е и процесот, не само крајниот резултат.
Наредниот период ќе ја продолжи својата „традиција“ за изработка на линија со поголеми и мали поводи, како Нова Година, Денот на вљубените… Најавува урбани колекции, како што беше одбележувањето на јапонските цреши со обетки како симбол на нивното постоење во градот. Во нејзината т.н. лабораторијата „Ласерски исечен дизајн“ постојано трага и истражува ново дизајнерско и архитектонско комуницирање.
– Во периодов кога можам да ги видам резултатите од постојната колекција (за „Стилисимо“) ги развивам плановите за остварување идеи поврзани со дизајни за домот, паралелно постојано размислувам за нов предизвик користејќи ја модата како медиум. Во секој случај, на секој дизајн што го создавам сакам да му дадам доволно време да „живее“ пред да се појави ново дело со нов предизвик – вели на крајот Шекутковска. 

Меѓу архитектурата и модата
Од неодамна почна со нов професионален ангажман како архитект. Вели дека и покрај обврските на работното место, се труди да остане самостоен автор, индивидуалец.
– Архитектурата и дизајнот се мојот дневен и ноќен живот. Потсетуваат на природата на личноста на Бетмен. Двојната природа се прелева една во друга, границите исчезнуваат. Работата во архитектонско студио со креативни луѓе на проекти за Скопје е можност да учествувам и да помагам со урбани интервенции кои треба да го подобрат начинот на живеење – вели таа.
Во моментов работи на планови за реконструкција и обновување на основни училишта во Скопје.

Перформанс со најдоброто од Модниот викенд-Скопје

11 Ное
Највпечатливите модели од колекциите на дизајнерите што се претставија на неодамна одржаниот Моден викенд-Скопје ќе бидат претставени денеска, од 17 до 22 часот, во салонот “Дом Италија”.
– Изборот на локацијата е направен со цел на случајните минувачи и на сите што немаа можност да присуствуваат на модните ревии од изданието есен-зима на Модниот викенд да им го презентираме најдоброто – велат организаторите “Модна недела корпорација”.
Ќе може да се погледнат селектирани модни креации од дизајнерите и модните куќи: Јована Филиповиќ, Алмир Ибраими (фото), “Стилисимо”, Елена Лука, Дума, Роберт Ивановски, Олгица Ѓоргиева, Кокев-Кадриу, Александра Митковска и Росица Мршиќ.
Фото: АД фотографи

Модна работилница што го освои Балканот

10 Ное
by: Ана Несторовска
Објавено на 06.11.2010 во “Викенд” (“Дневник”)
Фото: АД фотографи
Ако некогаш авангардната мода и креациите со необичен, театрален крој беа привилегија и беа препознатливи за музичките и актерски ѕвезди, денеска е тренд што го применуваат “обичните” луѓе. Благодарение на големото влијание на стилот на мегаѕвездите, како Мадона, Лејди Гага и Ријана, пазарот го преплавија модели со нагласени волумени и форми, необични бои, несекојдневни споеви на материјали. На отворањето на неодамна одржаниот Моден викенд-Скопје, во просториите на галеријата “Мала станица”, со моден перформанс се претстави српската групација “Белград воркшоп”. Иако навидум е алтернативен моден бренд, во својата земја важи за мејнстрим и неговата мода е употреблива во секојдневниот изглед на девојките и жените во Белград. Милан Зејак, главниот дизајнер на овој релативно нов, но успешен балкански бренд, беше меѓу гостите на Модниот викенд.
– Изненаден сум од добрата реакција на присутните во “Мала станица”. Македонците ја разбираат и ја препознаваат нашата мода. Ова ни е прво гостување со овој проект во вашата земја и задоволни сме од приемот -вели Зејак, кој има македонско потекло.

КОМЕРЦИЈАЛЕН БРЕНД
Екипата на “Белград воркшоп” дојде во нашата метропола по презентациите во Љубљана и на Модната недела во Атина.
– На нашето претставување во Словенија поминавме многу успешно. Не ни очекувавме дека нашиот моден израз толку добро ќе помине. Словенците се отворени за нашите креации. За разлика од Љубљана, во Атина бевме доживеани како авангарден бренд – вели Зејак.
Сопственичка на етикетата е Александра Велимировиќ-Јанакиевски, а покрај Зејак во тимот се и дизајнерките Марија Тркуља и Јелена Стојачковиќ-Ѓуриќ. Идејата за “Белград воркшоп” се развила уште кога креаторите биле студенти, во 2003-2004 година, но поради околностите почнале со работа пет години подоцна. Идејата ја зеле од познатиот “Виенски воркшоп”. Придржувајќи се кон правилата на занаетот и уметничките стандарди, успеале од претходно неприменливите и необични креации да создадат практична мода. Денеска е една од најпознатите и најперспективни етикети во Белград.
– Нашите колекции се многу барани. Важиме за комерцијален бренд, кој го носат девојки и жени што преферираат различни стилови и се од повеќе генерации – вели тој.

СПОЈ НА РАЗЛИЧНИ ДИЗАЈНЕРСКИ ИЗРАЗИ
Моделите се меѓу функционалното и артистичкото. Во Скопје се претставија со неколку креации во бело-беж боја со интересни форми, со нагласени делови и исечоци. Дизајните ги носеа манекенки, кои позираа пред фотоапаратите. Беа изложени и други модели и модни детали.
Брендот спојува дизајнери со различен сензибилитет. Зејак го застапува класичниот и функционален стил, Тркуља им дава романтичен шмек на моделите, а Стојачковиќ-Ѓуриќ има свој бескомпромисен, уличен стил, што ги прави креациите поурбани.