Archive | Јуни, 2011

Господарки на прстените

27 Јун


Помеѓу трендот со волуменизирани, масивни модни додатоци и нагласената накитеност изминативе неколку сезони спонтано пак се актуелизираа винтиџ-прстените. Благодарение на креативните модни идеи на блогерките, комбинацијата на повеќе впечатливи прстени на една рака не е повеќе синоним за кич и невкус, туку инди-тренд прифатен од познатите стилисти и од љубителите на модата. Прстените, покрај коланите, шеширите, очилата и долгите гердани станаа задолжителен украс на модерните девојки. Дел ги вратија во живот старите прстени од своите мајки и баби, а дел го најдоа својот модел во антикварници и секндхенд-продавници. Следејќи го “диктатот” од блоговите, брендовите за секојдневна облека лансираа линии со винтиџ -прстeни. Поголемиот дел се со големи камења и се реплики на раскошни барокни модели или на прстени налик на филиграни. Предноста на овој моден додаток е што не мора да кореспондира со стилот, формата и колоритот на облеката и тоа што нема ограничување во дизајнот и бројот.



Удобни парчиња за комшиски момчиња

17 Јун






Без разлика дали се спортски, елегантни или андерграунд типови, на мажите удобрноста им е поважна од модните трендови. Ова одамна го сфатија модните куќи, па покрај креацииите за тренд и џетсетерите, секогаш лансираат линија за секојдневна мода наменета за “обичните” клиенти. Иако се обидуваат со разни експерименти и авангардни парчиња (на пр. кожени хеланки и транспарентни маици), пак & се враќаат на вечната класика: спортско-елегантни модели. Брендот кој ги задоволува барањата на момците од соседството, гиковите, хипстерите и спортските типови, Band of Outsiders, за сезоната пролет-лето 2011 понуди комотни модели за мажи со различни лични стилови. Креациите можеби не се идеални за бизнис-настаните или за поголеми свечености, но се совршени за личности што не сакаат да бодат очи со својата облека, а притоа да изгледаат пристојно и модерно. Моделите се нешто меѓу момчешки, колеџ-стил и ретро-имиџ од нашите татковци и дедовци. Боите се смирени и се прилагодливи за разни комбинации.

Модно дивеење во боите на Африка

13 Јун





Модните шари и бои инспирирани од богатиот фолкор и природа на Африка се вечни и се уште до крај неисцрпи мотиви за светските модни креатори. Впечатливите дезени, кои се актуелни оваа година, во поголемиот дел од колекциите се инспирирани токму од колоритот на најживиот континент. Се комбинираат со сафари елементи и со кожни и пердувести модни додатоци. Голем дел од нив се со анимален принт, и со фотографии од природни убавини.

Сама своја стилистка

9 Јун

Останатите предлози на денот можете да ги проверите на Топ-стил .

Пижама-забава на работа

8 Јун





Лежерниот секојдневен стил изминатава сезона стана моден хит, и тоа не заради предлозите на модните куќи и дизајнери, туку благодарение на модните блогери и на уличната мода. Неколку сезони наназад пижама-стилот се лови и презентира на улиците на поголемите модни центри. По неколку парчиња од пижама-панталони и маици и памучните XXL фустани-блузи пуштија комерцијалните франшизи за секојдневна облека, која можат да си ја дозволат “обичните” вљубеници во модата. За неполна година овој тренд се прелеа и во колециите прикажани на големите модни настани, а ова пролет-лето 2011 веќе се инфилтрира во секојдневната мода и на девојки и жени со посериозни стилови.
Сите останати предлози на денот можете да ги проверите на Топ-стил .

Моден фокус на урбаните херојки

8 Јун


Младата модна фотографка Лепа Георгиевска, која соработувала на промотивните сесии на дизајнерот Јован Петровски и на фирмата Ludus Loves fashion, во клубот “Дамар” претстави серија дела посветена на упорниот дух на младите жени од современото општество

Упорните млади жени кои сами се снаоѓаат во светските метрополи се во центарот на младата модна фотографка Лепа Георгиевска, која деновиве во локалот “Дамар” во Старата скопска чаршија ја претстави својата изложба “Урбани хероини”.
– Серијата фотографии е посветена на упорниот дух на младите жени од современото општество. Тие се како млади дрва незаштитени, изложени на сите влијанија. По одредено време се претвораат во еден вид мали монструми. Сепак, овие фотографии се модни и идејата е да се претстават девојките во тематски костими за капење. Тие се четири херојски лика од нашиот живот: Жената на Франкенштајн, Невестата-костур на Тим Бартон, Покахонтас и Ева – вели Георгиевска.
Најголема пасија е портретирањето луѓе. Се врзува за некои ликови кои ги избира интуитивно.
– Истото важи за изборот на модели, кога се работи со агенција, девојките се избираат по изглед и изборот е секогаш индивидуален. Во Скопје изборот на модели најчесто го прави дизајнерот, според неговата визија. Некогаш може за тоа заеднички да се продискутира – вели Лепа.

Фасцинирана од модата
Таа отсекогаш била фасцинирана од модата. Ја смета за еден од најпрестижните човечки достигања. Вели: “Луѓето се разликуваат од другите видови по тоа што се облекуваат, а изборот на облека е индивидуален и зависи од разни фактори, но тој е имедијатен, директен веднаш зборува за карактерот на човекот”.
Ова не е прва изложба на Лепа. Минатата година се претстави на првото издание на Модниот викенд – Скопје, следеше групната изложба на тема “табу” во Културниот центар ЦК. Досега има соработувано со неколку наши дизајнери и модни брендови како Јован Петровски и Ludus Loves Fashion, кои по својот стил се слични – авангардни и концептуални. Иако тој стил е близок, за неа поважно е да има разбирање со дизајнерот.
– Некогаш најкреативните работи излегуваат кога креаторот или стилистот си ја работи својата работа, а јас мојата, и си веруваме еден на друг. Лесно прифаќам идеи, таква сум по карактер, мошне отворена, не ми се чудни, ниту ми пречат какви било барања – вели фотографката.

Инспирација од уметниците
Освен ангажмани за каталози и колекции има искуство со портретирање уметници и актери. Најпозната личност досега е нејзин другар од Италија, Андреа Пичирило, кој работи на националната телевизија “Раи уно” и е медиумски позната личност.
Инспирација црпи од себе и од луѓето околу неа. Темата на работите што ги прави секогаш ја поврзува со нејзиниот живот во моментот или моментните размислувања.
– Имам многу личности од уметноста што ме инспирираат. Во моментов многу ме мотивира работата на Рајан Мекгинли, Чедвик Тајлер, Марина Хогланд Иванов, Ванеса Бикрофт, Сем Тејлор Вуд и Марина Абрамович – вели таа.
Во ноември оваа година ја очекува изложба во галерија во Штутгарт, Германија и во моментов ја разработува идејата. Се надева и на соработка со повеќе македонски дизајнери.
Изложбата во “Дамар” е од продажбен карактер, а ќе може да се погледне до 20 јуни.

Школувана на фотографски институт во Милано
Лепа е родена во Скопје, каде што живее во моментов. Се школувала на фотографски институт во Милано, во една хип-зона Тортона, што значи многу, бидејќи таму има голем број фотографски студија и модни дизајнери.
– Сите се млади и полни со надеж, енергијата е забележлива и заразна. Меѓу професорите на мојот институт имаше искусни професионалци како Окјомаџико, псевдоним за Џанкарло Мајоки, кој е модерен концептуален моден фотограф, Ангела Мадесани, познат историчар на уметноста и на фотографијата и Марија Виторија Бакхаус – моден фотограф.

Ана Несторовска
објавено во “Дневник” на 04.06.2011

Ивана Кнез дизајнира барокни чанти

6 Јун


Костимографката и дизајнерка на облека и модни додатоци деновиве ја промовира својата втора линија на чанти. Креациите се инспирирани од костимите за претставата “Мизантроп”, на кои работеше таа

Хедонизмот на летниот период претставен во барок-стил, што е синоним за луксуз, претерување и уживање, е главниот опис на новата колекција модни додатоци на костимографката и дизајнерка Ивана Кнез. Деновиве ја промовира својата втора линија на чанти, наречена *Драма Љуеен Роѕал едитион.
-Линијата се состои од модели во кои се синтетизираат барок и рококо, со возбудливи дезени на бои, раскошни бисерни парчиња и колачиња. Барокот и рококо се главна тематика и во претставата “Мизантроп” на театарската екипа “Театра”, чии костими ги направив јас. Инспирирана од дејствието на театарскиот проект ја дизајнирав колекцијата чанти -вели Кнез.
Ова е втора линија на чанти на креаторката. Првата е *Драма Дреам Багс, што ја промовира пред еден месец. Кај чантите доминираат впечатливи нијанси на розовата, зелената, виолетовата и црвената боја. Во изработката е користено платно со оригинален принт со фотографија на колачиња изработени од Кристијан Милески и божури карактеристични за летниот период. Моделите се украсени со метални рамки.
– Колачињата застапени во линијата се карактеристични за францускиот кралски двор во 17 и во 18 век. Тие се појавуваат како реквизити и во претставата “Мизантроп” и ја имаат носечката улога во колоритот на колекцијата – вели таа.
Колекцијата содржи класични чанти, пет плик-модели и лимитирана едиција на накит. Достапна е во “Петек” во Скопје.
Во соработка со фотографот Жарко Чулиќ манекенката Марина Ристеска и шминкерот Дарко Мишовски во студиото на Никола Спасеновски неодамна изработија промотивна фотосесија

Ана Несторовска
објавено во “Дневник” на 04.06.2011






Стил меѓу машкото и женското кроење

2 Јун



Девојките и жените што ги носат креациите од Ludus Loves Fashion најчесто имаат интересни и креативни професии, поседуваат храброст и цврстина во одлуките за личниот моден стил. Не се плашат да изгледаат поинаку и да привлечат внимание со сопствениот авангарден и софистициран изглед. За само неколку месеци од основањето, македонската модна куќа Ludus Loves Fashion веќе изгради препознатлив имиџ – кој е минималистички, со доза футуризам. Својата втора колекција ја претстави на отворањето на пролетното издание на Модниот викенд – Скопје. Еден од основачите и менаџери на брендот, Драган Христов, вели дека не се приврзаници на класичните модни ревии, поради нивниот алтернативен пристап кон модата. Но, за колекцијата пролет-лето 2011 било битно да се понуди на ваков настан.
– Колекцијата е комерцијална, за разлика од првата, која беше експериментална. Се обидуваме на публиката секојпат да ~ понудиме различна презентација. На следните промоции фокусот ќе го префрлиме на интернет, социјалните мрежи и блогосферата, која има сe` поголем замав кај нас – вели Христов, кој Ludus Loves Fashion го води со својата сестра Елена Апостоловска.

Инспирирани од разните состојби на жената
Слично како првата линија, и оваа е инспирирана од чувствата и разните душевни и ментални состојби на жената.
– Парчињата облека од колекцијата отсликуваат одредени емоции. Факт е дека облеката се избира според различните пригоди – социјални, временски… Но, поинтересен е фактот дека жената избира бои, форми и материјали според личното моментно чувство. Токму тоа е појдовно во создавањето на приказната околу секоја колекција – вели тој.
Моделите се едноставни, со прави линии и со современи форми. застапени се студени тонови (бела, сива и црна), освежено со портокалова и со виолетова боја. При креирањето секогаш ги имаат предвид светските трендови, но велат дека тие не се клучни, поважно им е да претстават одредените карактери.

Следува дневна, спортска облека
Екипата на Ludus Loves Fashion создава женски креации, кои се стилизирани и приспособени форми од машкиот ормар.
– Андрогеноста веќе неколку сезони е присутна на светскиот пазар како тренд. Особено е интересно како ја интерпретираат некои млади дизајнери инспирирани од познатите личности во музиката. Токму тоа е насоката во модата што нам ни е интересна. Мода што се движи по границите, во случајов меѓу машкото и женското кроење. Би било логично во иднина да создадеме и машка колекција. Преминот и нема да биде толку тежок – вели Драган.
При крај с`, со изработката на пробна дневна колекција, во соработка со графичката дизајнерка Елена Диновска. Се работи за комфорни, спортски парчиња изработени од памук и јакни изработени од најлон, во неочекувани комбинации од бои.
-Ова е прва од повеќето планирани соработки со млади македонски дизајнери. Ако досега во „Лудус“ беше практика продажба на колекции од млади дизајнери, нашиот бренд сега работи кобрендирани мини-линии со нив – вели на крајот Христов. Моделите се понудени и на странскиот пазар, а во моментов работат и на модни додатоци и чевли.

Концептуалната продавница живее на интернет
Во изминатите години Христов ја водеше единствената концептуална продавница во Скопје, „Лудус“, која понуди малку поинакви модни и дизајнерски содржини од тоа што може да се најде во продажба кај нас. Вели дека Ludus Loves Fashion е пренесување на брендот на поинакво ниво.
– Нашата работа во моментов е насочена само на модата. Се обидуваме да изградиме нешто сосема ново за нашиот регион.
Веќе извесно време, поради преселба во нови простории, концептуалната продавница „Лудус“ не работи. Додека повторно не се отвори ателје, производите може да се набават на страницата http://www.ludus.tc.mk, каде што се продава и колекцијата пролет-лето 2011.

Ана Несторовска
Фото: Лепа Георгиевска
модел: Елена Трајановска
Објавено вo Дневник   на 28.05.2011

Модни фотографии на Лепа Георгиевска во Дамар

1 Јун
Ana Kalacovska za Jovan Petrovski

Изложба со дела од модната фотографка Лепа Георгиевска ќе биде отворена вечерва во 21 часот во локалот “Дамар” во Старата Скопска чаршија.  Постановката, која е од продажен карактер, содржи фотографии што Георгиевска ги изработила изминативе години. Изложбата ќе може да се погледне до 20 јуни 2011 г. Лепа професионално се занимава со модна фотографија. Има соработувано со италијански модели и со македонски модни креатори, како Јован Петровски . Неодамна ја изработи промотивната фотосесија за новата колекција на  Ludus Loves Fashion.

Iskra Krstevska

Обединетите бои на Зара

1 Јун












Досегашните модни идеи побарајте ги на Топ-стил .