Archive | Март, 2013

Кој ќе учествува на FWSK s/s 2013

20 Мар

moden vikend

Росица Мршиќ, Никола Ефтимов, Лидија Георгиева, Александра Митковска, Маја Kикириткова, Олгица Ѓоргиева, Елена Спасовска, Тања Kокев и Антонија Ристовска се дел од дизјанерите што ќе се претстават на седмото издание на Модниот викенд-Скопје, што ќе се одржува од 1 до 14 април.

Најавени се и модните презентации на и Мила Kадриу, Христина Деспотовска, Никола Петровски , Ирина Тошева, Јована Филиповиќ, Роберт Ивановски, Kатерина Попева и Стефанија Насеска, како и на етикетите „Виба текс“, „Дума“, „ЛеБранд“, Деа Споса“, „Мика дизајн“ и „Елена Лука“. По вторпат на најголемата модна манифестација во Скопје ќе се претстават и сестрите-дизајнерки од Србија, Тијана и Мила Поповиќ.

Пролетното издание на Модниот викенд ќе се одржи под мотото „Минато, сегашност, иднина – Секогаш е време за мода“. Ќе се стави акцент на модата како неизбежен дел од секојдневието што се провлекува во секоја секунда од човековото постоење.

Оваа сезона, освен модните ревии и изложби, се организира и проектот „Ретроспектива на модата во Македонија 1983 – 2013“, поддржан од Министерството за култура на Република Македонија, со кој ќе се долови процесот на создавање колекции што не познаваат граници.

Модниот викенд во соработка со Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Скопје го организира проектот „Поп! Мода“. Во него ќе учествуваат 13 финалисти, кои ќе ги претстават своите колекции на гала-вечер во амбасадата.

 

SSS за FWSK: Машката мода во Македонија сè уште се крои

19 Мар

SkopjeStreetStyle, заедно со уште неколку модни новинари и блогери, почнувајќи од вчера допринесува со текстови и фотографии на блогот во рамките на сајтот на Модниот викенд-Скопје,  fashionweekendskopje.mk.
Првата објава под назив Машката мода во Македонија сè уште се крои може да ја побарате на македонски и на англиски јазик на датата 18.03.2013.
~Дали постои автентичен македонски машки моден дизјан, зошто нашите креатори поретко се одлучуваат да креираат за мажи? Дали е помала побарувачката на уникати за „посилниот“ пол или можеби има друга причина за проблемот? Овие дилеми се обидовме да ги демистифицирам со познатите модни креатори Никола Ефтимов и Никола Булески, и со талентираните млади дизајнери Роберт Ивановски и Ирина Тошева.~

fwsk-blog

Машката мода во Македонија сè уште се крои

[Текст: Ана Несторовска – Моден новинар и уредник во „Дневник“ и на блогот skopjestreetstyle.wordpress.com]
[Фото: Ани и Дими, архива на Моден викенд-Скопје]

По поканата на организаторот на Модниот викенд-Скопје пред две години за учество во ревијата со стајлинзи на модните новинари амбициозно се нафатив во мојата презентација да вклучам и предози за мажи. Идејата ми беше, како и кај женските сугестии, да комплетирам изглед за сезоната пролет-лето 2011 со парчиња од домашни дизајнери и брендови. Замислата делуваше интересна, верував дека глатко ќе ја реализирам. Но сепак, реалноста беше поинаква. Практично се уверив оти изборот на креации со домашен потпис е оскуден и ограничен на неколку стилови. Затоа, по годинашната покана да бидам дел од блогот на Модниот викенд, неминовно беше да се навратам на машката мода…
Повеќе на fashionweekendskopje.mk

Патенти што отвораат свет на нови модни идеи

17 Мар

ИНТЕРВЈУ СО НИКОЛИНА СИМОВСКА

Nina

Ана Несторовска
објавено на 15.03.2013 во „Антена“ („Дневник“)

Уште со првата своја поголема презентација пред една година во шурумот на Модниот викенд-Скопје одушеви со својата оригинална идеја-изработка на накит од патенти. Овој функционален додаток на облеката кој најчесто не се ни гледа, младата дизајнерка на накит Николина Симовска прави креации што се видливи и се истакнуваат од целокупниот изглед. Од толку „невидлив“ елемент прави навидум луксузни и уникатни модели. -Патентот ме фасцинира како изум. Едноставен, а функционален, двете за мене совршени компоненти на едно постоење. Мислам дека е неисцрпен. Во моментов се наоѓам во фаза – на испитување на со што с` може да се комбинира . Тој сам по себе е див, бидејќи намената му е комплетно различна од начинот на кој јас се обидувам да го скротам.

Мала галерија со уникати
Нина неодамна ја отвори својата прва концептуална продавница, Just Because. Местото изгледа како мала галерија, нема полици, а сите парчиња накит се изложени на самите ѕидови. Поинаква е од останатите модни простори.
-Интересно е како луѓето го доживуваат Just Because, бидејќи навикнати се да влегуваат во продавнички кои се преполни со с` и сешто. Засега понудени се само мои креации, но во план е неколку концептуални артисти, пред с` од Хрватска, да имаат шанса да изложуваат тука. Просторот нуди многу трансформации и замислен е да биде место на повеќе изложби-вели таа.
На прашањето колку е тешко за еден млад, самостоен дизaјнер, да отвори свој моден простор, особено во време на криза и во самиот центар на Скопје таа вели:
-Воопшто не е лесно да се започне било каков бизнис во Македонија, особено оние малите кои на некој начин се поврзани со уметност. На толку голем пазар и евтини модни секојдневни варијации, навистина им честитам на луѓето кои се загреани да бидат поинакви и да си дозволат да купат нешто тотално различно-вели Нина.
Името Just Because доаѓа од името на нејзината прва самостојна изложба.
-Тоа е една фраза која е врзана за мене, бидејќи навикната сум секојдневно да ги добивам прашањата од типот: „А, зошто не пробаш да го изведеш ова вака? А зошто не пробаш да направиш нешто онака…“ За тие што добро ме познаваат, јасно им е дека немам одговор на овие прашања, бидејќи уметноста за мене е тек (flow) кој самиот се открива… За оние другите одговорот е „Затоа што“. Во секој случај ослободува, детерминира и пред с` го оправдува постоењето на секој нов концептуален израз-вели таа.

Влијание од архитектурата и археологијата
Најголема инспирација ја добива од набљудувањето на луѓето и објектите околу себе. Големо влијание има архитектурата, а сето тоа е поткрепено со целото историско познавање на накитот што го има како дипломиран археолог. Новата колекција е насловена како Greya и е отсликување на сивилото што ни го донесе оваа блага зима, преку симетрични геометриски претстави. Иако во првите први линии доминираа патентите како платформа, сега вменува и кожа
-Патентот е мојот личен печат по однос на мојата креативна препознатливост од причина што секогаш ме предизвикува да ги испитувам неговите лимити како материјал. Бирањето на материјалите кај мене зависи од моменталниот експериментирачки дух. Во моментов работам на нова колекција за која ќе ми треба малку повеќе време, доста е обемна и ќе опфаќа разни форми и материјали. Засега и јас само толку знам .
Покрај масовните ѓердани и алки, кои се заштитен знак за нејзе, прави и други модели…
-Големината на накитот кај мене е препознатлива компонента од причина што своите креации ги третирам како скулптурален накит. Тоа е нешто малку поразлично од накитот за секојдневна употреба. Удобен е за носење, а има и голема уметничка вредност-завршува таа.

Продажба во Дубаи
Нина за кусо време се популаризира не само во Скопје, туку и пошироко, а имаше статија за нејзе и во влијателниот хрватски моден сајт „Крпа“. Засега освен во Скопје, нејзин иот накит може да се најде и во Дубаи, на хрватскиот портал krpa.hr, а во преговори е за пламсан на еден престижен лондонски портал, во Холандија и на Австралискиот пазар. Изминатиот период учествуваше на повеќе модни настани како, Модниот викенд-Скопје, Недела на дизајнот, изложби, базари….
-Како посебен би го издвоила Недела на дизајнот во Скопје. Најмногу заради мојата искрена желба кон неделите на дизајн тука и пошироко. Мислам дека на Скопје му недостигаше таков настан и се надевам дека секоја година ке ни биде поголем. Отварањето на концептуалната продавницата ми одзеде повеќе време бидејќи самата е од изложбен карактер, а ќе има и многу други изложби во иднина. Накитот е само еден убав голем дел од она што го експериментирам-вели таа.

Модели што будат позитивно расположение

13 Мар

„СТИЛИСИМО“ ПРОЛЕТ-ЛЕТО 2013

a9

Ана Несторовска
објавено на 08.03.2013 во „Антена“ („Дневник“)

Инспирирана од модата од крајот на 50-тите и почетокот на 60-тите години од минатиот век, задржувајќи го својот препознатлив елегантен стил, со вметнат трендовски крој, детали и бои е новата, пролетна колекција на македонската модна етикета „Стилисимо“. Познатата стилистка и модна новинарка, Цаци Паковска, која е дел од тимот што стои зад овој бренд вели дека „црпеле мотиви од овој исклучително инспиративен период, кој пренесува порака, што тие с` уште сакаат да ја пренесуваат“.
-Тоа се години многу значајни, не само за модата, туку и за филмот, уметноста, архитектурата и воопшто дизајнот. Луѓето ,,зависни“, од естетиката и дизајнот особено се горди на овој период. Тоа е време кога дизајнот и квалитетот биле на цена….Време на едноставноста и безвременоста, на Одри Хепберн, Грејс Кели, Мерлин Монро и на италијанската ,,Долче Вита“-вели таа.

Во чекор со трендовите, но со свој печат

Според нејзе пролетната колекција има парчиња кои позитивно ќе влијаат на расположението на жените.
-Отсекогаш сум верувала дека облеката е олицетворение на нашето расположение. Но понекогаш е обратното, кога ќе се вљубиме во некое парче облека уште на прв поглед, возбудата секако расте оној момент кога ќе го облечеме тоа парче. Пролеттната колекција на „Стилисимо“ е составена токму од парчиња во кои ќе се вљубите на прв поглед. Сигурна сум дека со нашите модели во најразлични бои и дезени ќе успееме да влијаеме на позитивното расположение на жените-вели Паковска.
Најголемиот дел од оваа колекција е пролетна, но креациите може да се носат во текот на летото. Моделите, како и во претходните колекции се изработени од природни ткаенини, кои можат да се носат во текот на целата година. Во однос на формите и боите ги следат светските трендови, но задржувајќи го својот „Стилисимо“- печат. Парчињата се едноставни за комбинирање со детали кои моделите ги прават допадливи.
-Важна ни е формата пред орнаментот, па затоа скоро секогаш користиме еднобојни ткаенини, а живописноста ја остваруваме преку деталите во некоја контрасна боја-објаснива таа.

Елена е олицетворение на брендот

На промотивната фотосесија се појавува нашата позната ТВ и радио-водителка Елена Стојановска. Иако осега соработувавте на нејзиниот изглед на телевизија („Шестиот ден“, „Телма“), сега за првпат таа е нивно заштитно лице.
-Со Елена првпат соработував во 1998 година кога таа дебитираше на ТВ-екраните како водителка на музичкото шоу ,,100%“. Сега, неколку години подоцна, за време на фотосесијата за „Стилисимо“, Елена ми откри дека многу сум влијаела на нејзиниот став околу модата, шминката, а особено модните детали. Како и да е, Елена одсекогаш ми се допаѓала пред се поради нејзиниот карактер, нејзиниот ум и убавина, посредност, едноставност и позитивна енергија. Тоа е с` што му е потребно на овој бренд“. Таа е олицетворение на „Стилисимо“- жената, затоа и немавме никакви дилеми при изборот за лице за нашата нова колекција. Доказ дека не згрешивме е и финалниот производ, односно фотографиите на кои Елена изгледа прекрасно. Особено ми е драго што добивме весели фотографии благодарение на позитивната енергија на целата екипа во студиото на агенцијата „Њу Момент“-вели таа.

Можно враќање на МТВ

Изминатата година многу поретко ја гледавме во јавноста, но Паковска најавува повторно враќање на малите екрани.
-Телевизијата е навистина моќен медиум, но за жал во моментов македонскиот народ е ,,отруен“, од сето она што се прикажува на нашите телевизии. Невкус, недостиг на вистинска содржина, лажни критериуми и испревртени вредности изобилуваат на нашите екрани. Виновни за ова се сопствениците и програмски уредници на телевизиите кои во потрага по набилдани рејтинзи само тонат во лошата програма. Особено ми е драго што во последните месеци единствената телевизија која започна да нуди квалитна програма е нашиот национален сервис МТВ, куќата во која јас пред многу година ја започнав мојата ТВ-кариера. Многу брзо може да се случи модната емисија „Стилисимо“ да се најде на овој канал. А во меѓувреме секако ќе работам на својата модна колекција и ќе уживам во службените патувања во Милано за мојот бутик „Зап“.

Стајлинг за Каролина и за водители

Паковска 10 години се грижи за стајлингот на Каролина за сите нејзини јавни, па и приватни настапи. Последната соработка беше за нејзиниот анплагт-концерт во декември, кога за таа пригода Цацаи искреирала долг фустан, искомбиниран со кожена јакна и „Ланвин“ високи потпетици. Пред неколку месеци беше ангажирана од раководството на МТВ за да се погрижи за стајлингот на неколку новинари/уредници на вестите новинарите од спортската редакција, како и водителите на утринската програма. Вели дека драго ~ е што конечно на новинарите им беа обезбедени костуми во кои изгледаа светски.

Уникатна доза модна драма на Ивана Кнез

5 Мар

ivana2

Ана Несторовска

објавено на 01.03.2013 во Антена (Дневник)

Во сè  што работи, било тоа да е дизајн на облека, накит, костими или моден консалтинг, внесува театралност. Поврзаноста со овој емотивен и кретивен импулс резултира со создавање на нејзниот бренд „Драма“.  Немирниот, уметнички ух на македонската модна дизајнерка Ивана Кнез е во постојаната трага по нов израз, форма и сцена. Изминатава година најде прибрежиште во своето прво студио, кое неодамна го освежи и редизајнира. Вели дека „карактерно е подложна на промени и верува во природен тек.  Дека секое време носи свои промени и прилгодувања, па така и самата етикета „Драма“ го прати текот на нејзиниот карактер“.

-Беше потребно освежување на студиото, а со тоа и вовед и чекор напред на самиот бренд кој полека но сигурно го наоѓа своето место на македонскиот пазар. Притоа и самиот тим кој работи позади овој бренд се шири. Младата дизајнерка на накит, Бранка Данчевска остана дел од креативната екипа на „Драма“. Ни се придружи и Туба Атман од Турција, која ќе биде задолжена за промоција на „Драма“ во тоа подрачје. Тука е и Мери Ванчовска, која е официјалниот ПР и комерцијален директор на самиот бренд. Во меѓувреме сум во преговори со уште неколку креативци за размена на идеи и соработки на повеќе полиња-вели таа.

Покрај модели од Данчевска и Атман во студиото на Кнез екслузивно ќе бидат понудени и креации од Ива Јанковиќ од Холандија.

-А за таа сметка „Драма“ отпатува во Хаг. До оваа соработка дојде благодарејќи на „Паблик рум“ и „Скопје дизајн вик“, кои одиграа значајна улога за пласманот на „Драма“. Во меѓувреме се работи на усовршување на брендот, поделба на линии во склоп на истиот, а со тоа ќе се зголеми достапноста за пошироката клиентела-додава Кнез.

Предизвик-да се надмине себе си

Со твоите линии на накит не се врзува за сезони и за стилови, туку создава креации водена од моменталната инспирација. Последна колекција под оваа етикета беше Drama Love, наменета за празникот на виното и љубовта, 14 февруари.

-Заштитно лице на колекцијата е поп-ѕвездата Тамара Тодевска, која е исклучителен уметник. Совршено се вклопува во принципите за женственост на „Драма“. На оваа колекција ~ претходеа Drama Princess Collection инспирирана од принцезите на Дизни. Наскоро следува Drama Gold. Со оглед на тоа што секоја колекција е незавршена приказна сама по себе, материјалите, формите и боите се различни. Доминираат метал и бисери, а од скоро и кожа. Се појави и 14к позлата на материјалите, масивност во форма и доминација на златна и црвената боја.

Иако првите колекции беа луксузна бижутерија во чиј центар се бисерите, сега моделите на Кнез се поразновидни. Вменува разни други додатоци, како пердуви, плексиглас, кожа, кристали.

-Предизвик ми е да се надминам себе си и буквално да се замолчам. Инспирацијата ја пронаоѓам во секојдневни експерименти со структурата, составот, флексибилноста, издрзливоста и стандардите на самите материјали. Денес, за жал, дизајнот е во материјалите. Креативноста изразена во форма и боја се поретки случаи и на нашиот и на светскиот пазар, најмногу заради ограничувања од самите клиенти. Пазарот трпи огромни промени кои и те како се одразуваат на модните полиња, а и на работата на самите креатори. Се диктираат начела и правила по кои дизајнерите се водат. Сето тоа резултира со многу повеќе бизнис, а помалку простор за уметност, барем во нослива смисла на зборот, што до некаде и само по себе е предизвик да се изведе. Потешко е да си практичен уметник отколку чист креативец, а во исто време двата профила дефинираат идни тенденции и случувања на таргетираната сцена-вели таа.

Костимографијата- прва љубов

Ивана досега успешно соработуваше со младиот македонски бренд „Шик андеркавер“, со кој одлично им се поклопуваат модните гледишта.

-Бобан Илиевски (основачот на „Шик андеркавер“) е љубовта на мојот дизајнерски живот, многу пати имам кажано и повторно ќе повторам, јас и тој делиме неопислива хемија на постоење, која секогаш резултира со врвен продукт. Сакам соработки и размена на идеи, со самото тоа застанувам позади моите гледишта цврсто на земја и подготвена сум за секаков предизвик на секое поле-вели таа.

Кнез е една од ретките наши модни дизајнери со диплома и искутво во креирање на облека и костими, што се посвети најмногу на дизајн на накит.

-Костимографијата е мојата прва љубов, која сè уште го диктира начинот на кој јас размислувам, и живеам, воопшто. Секогаш ќе има предност во мојот живот, но не по секоја цена. Кога работата е љубов, сe` е исплатливо.

На домашната сцена е активна од 2009 година, но не само како моден креатор и костимограф, туку и како буден критичар и набљудувач на случувањата.

-Во моментот кога настана „Драма” и се промовираше на македонската модна сцена, беше затишје пред бура. Во 2010 се појавија повеќе нови имиња и неколку стари воскреснуваат и со тоа се поставувија темелите на една нова платформа, која има сериозни понуди на квалилтетни дизајнери. Се обидуваме да постигнеме ниво на дизајн кое нам ни недостасува, база која ја поминавме во поинакви политичко-опстествени околности. Ќе ја издвојам Јована Филиповиќ како млада инспиративна креаторка, која и те како има што да каже со своите парчиња.

Изминативе години благодарение на многуте курсеви за изработка на накит, се појавија доста креативци кои создаваат модели за поширока продажба. Кнез посочува дека за да извалидира некој од дизајнерите на накит истиот треба да го задржи нејзиното внимание.

-На нашата сцена за жал, се сто допира игла и конец се самопрогласува за дизајнер на гардероба, а секој што ќе фати бисер е дизајнер на накит. Луѓето овде треба да направат дистинкција помеѓу хоби и професија, и ако е некој креативен не значи дека е дизајнер. Со тие опстествени испади се губи на квалитет помеѓу самите дизајнери кои целиот живот го посветуваат на полето на својата професија. Вечна е битката помеѓу квалитетот и квантитетот, доброто е што квалитетот е секогаш победник во таа битка-вели таа.

Редовно изработува фотосесии за твоите нови колекции. Жарко Чулик и понатаму останува нејзин фаворит на фотографската сцена кај нас, но тој е повеќе на релација Белград- Скопје. -Младиот Горан Вуќелиќ покажа одличен сензибилитет, основа на која доколку продолжи и понатаму да работи сметам дека му претстои светла иднина. Младоста му дозволува да лудува и да експериментира. Јас, како таков го почитувам и постојано ја пратам неговата работа. Последната фотосесија е соработката со „Горила продукција“, „Тамара за Drama Love“, со фотографии на Владимир Дади Ивановски.

Колекција за лондонскиот пазар

INTAKTA – A story of an Empress е најновата колекција од студио „Драма“ која својата промоција ќе ја има на почетокот на април.

-Работена е за лондонскиот пазар, по принципи на еко-мода, тема што кај нас сè уште е недопрена, а мене ми е блиска бидејќи ми беше предмент на интерес уште од студентските денови. Почната е во 2008 година, под менторство на Лидија Георгиева. Станува збор за жива колекција, која допрва ќе се разработува. Тоа ќе ми биде прво официјално претставување како дизајнер на облека. Колекцијата е биде достапна само на http://www.bastetnoir.com s сопственост на Даниела Милошеска. Сите почнуваат прво со облека, па понатаму продолзуваат со модни додатоци. Јас се разбира, започнав поинаку.

 

 Хемија со Тамара Тодевска

Изминатиот период Ивана соработува со Тамара Тодевсказа нејзните јавни настапи.

-Соработката на „Драма“ и Тамара е резултат на хемија. Од првиот разговор некако се подразбираше дека ќе постои соработка. Тамара е дива во вистинска смисла на зборот. Културна, образована млада девојка, со моќен глас и со неверојатна харизма. Кога на целиот тој склоп ќе се додаде соодветен сценски изглед, знаете дека го комплетирате рецептот за сценска икона.

Еволуција на брендот

Во однос на работата на Ивана Кнез нејзината колешка Бранка Данчевска рече: „Секому му треба ’Драма’ во животот, јас си ја пронајдов својата”. Јасна Шоптрајанова Вртева, пак вели: „Ова е единствена ’Драма’ што постојано ја сакам во животот о во неизмерни колицини”. На ова Кнез Додава:

-„Драма“ е како мое дете, расте, учи нови работи, стекнува нови искуства, и полека но сигурно созрева во еден стабилен бренд кој постојано работи на себе подобрување. На 8 март слави три години од севкупното постоење. Задоволна сум што секој ден ни е нов напредок, предизвик и успех. Со секоја нова колекција стануваме дел од светската модна индустрија и го пронаоѓаме своето праведно место, со безрезервна љубов создаваме креации кои изнудуваат насмевки на лицата на клиентите-вели Ивана.