Archive | Накит RSS feed for this section

Патенти што отвораат свет на нови модни идеи

17 Мар

ИНТЕРВЈУ СО НИКОЛИНА СИМОВСКА

Nina

Ана Несторовска
објавено на 15.03.2013 во „Антена“ („Дневник“)

Уште со првата своја поголема презентација пред една година во шурумот на Модниот викенд-Скопје одушеви со својата оригинална идеја-изработка на накит од патенти. Овој функционален додаток на облеката кој најчесто не се ни гледа, младата дизајнерка на накит Николина Симовска прави креации што се видливи и се истакнуваат од целокупниот изглед. Од толку „невидлив“ елемент прави навидум луксузни и уникатни модели. -Патентот ме фасцинира како изум. Едноставен, а функционален, двете за мене совршени компоненти на едно постоење. Мислам дека е неисцрпен. Во моментов се наоѓам во фаза – на испитување на со што с` може да се комбинира . Тој сам по себе е див, бидејќи намената му е комплетно различна од начинот на кој јас се обидувам да го скротам.

Мала галерија со уникати
Нина неодамна ја отвори својата прва концептуална продавница, Just Because. Местото изгледа како мала галерија, нема полици, а сите парчиња накит се изложени на самите ѕидови. Поинаква е од останатите модни простори.
-Интересно е како луѓето го доживуваат Just Because, бидејќи навикнати се да влегуваат во продавнички кои се преполни со с` и сешто. Засега понудени се само мои креации, но во план е неколку концептуални артисти, пред с` од Хрватска, да имаат шанса да изложуваат тука. Просторот нуди многу трансформации и замислен е да биде место на повеќе изложби-вели таа.
На прашањето колку е тешко за еден млад, самостоен дизaјнер, да отвори свој моден простор, особено во време на криза и во самиот центар на Скопје таа вели:
-Воопшто не е лесно да се започне било каков бизнис во Македонија, особено оние малите кои на некој начин се поврзани со уметност. На толку голем пазар и евтини модни секојдневни варијации, навистина им честитам на луѓето кои се загреани да бидат поинакви и да си дозволат да купат нешто тотално различно-вели Нина.
Името Just Because доаѓа од името на нејзината прва самостојна изложба.
-Тоа е една фраза која е врзана за мене, бидејќи навикната сум секојдневно да ги добивам прашањата од типот: „А, зошто не пробаш да го изведеш ова вака? А зошто не пробаш да направиш нешто онака…“ За тие што добро ме познаваат, јасно им е дека немам одговор на овие прашања, бидејќи уметноста за мене е тек (flow) кој самиот се открива… За оние другите одговорот е „Затоа што“. Во секој случај ослободува, детерминира и пред с` го оправдува постоењето на секој нов концептуален израз-вели таа.

Влијание од архитектурата и археологијата
Најголема инспирација ја добива од набљудувањето на луѓето и објектите околу себе. Големо влијание има архитектурата, а сето тоа е поткрепено со целото историско познавање на накитот што го има како дипломиран археолог. Новата колекција е насловена како Greya и е отсликување на сивилото што ни го донесе оваа блага зима, преку симетрични геометриски претстави. Иако во првите први линии доминираа патентите како платформа, сега вменува и кожа
-Патентот е мојот личен печат по однос на мојата креативна препознатливост од причина што секогаш ме предизвикува да ги испитувам неговите лимити како материјал. Бирањето на материјалите кај мене зависи од моменталниот експериментирачки дух. Во моментов работам на нова колекција за која ќе ми треба малку повеќе време, доста е обемна и ќе опфаќа разни форми и материјали. Засега и јас само толку знам .
Покрај масовните ѓердани и алки, кои се заштитен знак за нејзе, прави и други модели…
-Големината на накитот кај мене е препознатлива компонента од причина што своите креации ги третирам како скулптурален накит. Тоа е нешто малку поразлично од накитот за секојдневна употреба. Удобен е за носење, а има и голема уметничка вредност-завршува таа.

Продажба во Дубаи
Нина за кусо време се популаризира не само во Скопје, туку и пошироко, а имаше статија за нејзе и во влијателниот хрватски моден сајт „Крпа“. Засега освен во Скопје, нејзин иот накит може да се најде и во Дубаи, на хрватскиот портал krpa.hr, а во преговори е за пламсан на еден престижен лондонски портал, во Холандија и на Австралискиот пазар. Изминатиот период учествуваше на повеќе модни настани како, Модниот викенд-Скопје, Недела на дизајнот, изложби, базари….
-Како посебен би го издвоила Недела на дизајнот во Скопје. Најмногу заради мојата искрена желба кон неделите на дизајн тука и пошироко. Мислам дека на Скопје му недостигаше таков настан и се надевам дека секоја година ке ни биде поголем. Отварањето на концептуалната продавницата ми одзеде повеќе време бидејќи самата е од изложбен карактер, а ќе има и многу други изложби во иднина. Накитот е само еден убав голем дел од она што го експериментирам-вели таа.

Уникатна доза модна драма на Ивана Кнез

5 Мар

ivana2

Ана Несторовска

објавено на 01.03.2013 во Антена (Дневник)

Во сè  што работи, било тоа да е дизајн на облека, накит, костими или моден консалтинг, внесува театралност. Поврзаноста со овој емотивен и кретивен импулс резултира со создавање на нејзниот бренд „Драма“.  Немирниот, уметнички ух на македонската модна дизајнерка Ивана Кнез е во постојаната трага по нов израз, форма и сцена. Изминатава година најде прибрежиште во своето прво студио, кое неодамна го освежи и редизајнира. Вели дека „карактерно е подложна на промени и верува во природен тек.  Дека секое време носи свои промени и прилгодувања, па така и самата етикета „Драма“ го прати текот на нејзиниот карактер“.

-Беше потребно освежување на студиото, а со тоа и вовед и чекор напред на самиот бренд кој полека но сигурно го наоѓа своето место на македонскиот пазар. Притоа и самиот тим кој работи позади овој бренд се шири. Младата дизајнерка на накит, Бранка Данчевска остана дел од креативната екипа на „Драма“. Ни се придружи и Туба Атман од Турција, која ќе биде задолжена за промоција на „Драма“ во тоа подрачје. Тука е и Мери Ванчовска, која е официјалниот ПР и комерцијален директор на самиот бренд. Во меѓувреме сум во преговори со уште неколку креативци за размена на идеи и соработки на повеќе полиња-вели таа.

Покрај модели од Данчевска и Атман во студиото на Кнез екслузивно ќе бидат понудени и креации од Ива Јанковиќ од Холандија.

-А за таа сметка „Драма“ отпатува во Хаг. До оваа соработка дојде благодарејќи на „Паблик рум“ и „Скопје дизајн вик“, кои одиграа значајна улога за пласманот на „Драма“. Во меѓувреме се работи на усовршување на брендот, поделба на линии во склоп на истиот, а со тоа ќе се зголеми достапноста за пошироката клиентела-додава Кнез.

Предизвик-да се надмине себе си

Со твоите линии на накит не се врзува за сезони и за стилови, туку создава креации водена од моменталната инспирација. Последна колекција под оваа етикета беше Drama Love, наменета за празникот на виното и љубовта, 14 февруари.

-Заштитно лице на колекцијата е поп-ѕвездата Тамара Тодевска, која е исклучителен уметник. Совршено се вклопува во принципите за женственост на „Драма“. На оваа колекција ~ претходеа Drama Princess Collection инспирирана од принцезите на Дизни. Наскоро следува Drama Gold. Со оглед на тоа што секоја колекција е незавршена приказна сама по себе, материјалите, формите и боите се различни. Доминираат метал и бисери, а од скоро и кожа. Се појави и 14к позлата на материјалите, масивност во форма и доминација на златна и црвената боја.

Иако првите колекции беа луксузна бижутерија во чиј центар се бисерите, сега моделите на Кнез се поразновидни. Вменува разни други додатоци, како пердуви, плексиглас, кожа, кристали.

-Предизвик ми е да се надминам себе си и буквално да се замолчам. Инспирацијата ја пронаоѓам во секојдневни експерименти со структурата, составот, флексибилноста, издрзливоста и стандардите на самите материјали. Денес, за жал, дизајнот е во материјалите. Креативноста изразена во форма и боја се поретки случаи и на нашиот и на светскиот пазар, најмногу заради ограничувања од самите клиенти. Пазарот трпи огромни промени кои и те како се одразуваат на модните полиња, а и на работата на самите креатори. Се диктираат начела и правила по кои дизајнерите се водат. Сето тоа резултира со многу повеќе бизнис, а помалку простор за уметност, барем во нослива смисла на зборот, што до некаде и само по себе е предизвик да се изведе. Потешко е да си практичен уметник отколку чист креативец, а во исто време двата профила дефинираат идни тенденции и случувања на таргетираната сцена-вели таа.

Костимографијата- прва љубов

Ивана досега успешно соработуваше со младиот македонски бренд „Шик андеркавер“, со кој одлично им се поклопуваат модните гледишта.

-Бобан Илиевски (основачот на „Шик андеркавер“) е љубовта на мојот дизајнерски живот, многу пати имам кажано и повторно ќе повторам, јас и тој делиме неопислива хемија на постоење, која секогаш резултира со врвен продукт. Сакам соработки и размена на идеи, со самото тоа застанувам позади моите гледишта цврсто на земја и подготвена сум за секаков предизвик на секое поле-вели таа.

Кнез е една од ретките наши модни дизајнери со диплома и искутво во креирање на облека и костими, што се посвети најмногу на дизајн на накит.

-Костимографијата е мојата прва љубов, која сè уште го диктира начинот на кој јас размислувам, и живеам, воопшто. Секогаш ќе има предност во мојот живот, но не по секоја цена. Кога работата е љубов, сe` е исплатливо.

На домашната сцена е активна од 2009 година, но не само како моден креатор и костимограф, туку и како буден критичар и набљудувач на случувањата.

-Во моментот кога настана „Драма” и се промовираше на македонската модна сцена, беше затишје пред бура. Во 2010 се појавија повеќе нови имиња и неколку стари воскреснуваат и со тоа се поставувија темелите на една нова платформа, која има сериозни понуди на квалилтетни дизајнери. Се обидуваме да постигнеме ниво на дизајн кое нам ни недостасува, база која ја поминавме во поинакви политичко-опстествени околности. Ќе ја издвојам Јована Филиповиќ како млада инспиративна креаторка, која и те како има што да каже со своите парчиња.

Изминативе години благодарение на многуте курсеви за изработка на накит, се појавија доста креативци кои создаваат модели за поширока продажба. Кнез посочува дека за да извалидира некој од дизајнерите на накит истиот треба да го задржи нејзиното внимание.

-На нашата сцена за жал, се сто допира игла и конец се самопрогласува за дизајнер на гардероба, а секој што ќе фати бисер е дизајнер на накит. Луѓето овде треба да направат дистинкција помеѓу хоби и професија, и ако е некој креативен не значи дека е дизајнер. Со тие опстествени испади се губи на квалитет помеѓу самите дизајнери кои целиот живот го посветуваат на полето на својата професија. Вечна е битката помеѓу квалитетот и квантитетот, доброто е што квалитетот е секогаш победник во таа битка-вели таа.

Редовно изработува фотосесии за твоите нови колекции. Жарко Чулик и понатаму останува нејзин фаворит на фотографската сцена кај нас, но тој е повеќе на релација Белград- Скопје. -Младиот Горан Вуќелиќ покажа одличен сензибилитет, основа на која доколку продолжи и понатаму да работи сметам дека му претстои светла иднина. Младоста му дозволува да лудува и да експериментира. Јас, како таков го почитувам и постојано ја пратам неговата работа. Последната фотосесија е соработката со „Горила продукција“, „Тамара за Drama Love“, со фотографии на Владимир Дади Ивановски.

Колекција за лондонскиот пазар

INTAKTA – A story of an Empress е најновата колекција од студио „Драма“ која својата промоција ќе ја има на почетокот на април.

-Работена е за лондонскиот пазар, по принципи на еко-мода, тема што кај нас сè уште е недопрена, а мене ми е блиска бидејќи ми беше предмент на интерес уште од студентските денови. Почната е во 2008 година, под менторство на Лидија Георгиева. Станува збор за жива колекција, која допрва ќе се разработува. Тоа ќе ми биде прво официјално претставување како дизајнер на облека. Колекцијата е биде достапна само на http://www.bastetnoir.com s сопственост на Даниела Милошеска. Сите почнуваат прво со облека, па понатаму продолзуваат со модни додатоци. Јас се разбира, започнав поинаку.

 

 Хемија со Тамара Тодевска

Изминатиот период Ивана соработува со Тамара Тодевсказа нејзните јавни настапи.

-Соработката на „Драма“ и Тамара е резултат на хемија. Од првиот разговор некако се подразбираше дека ќе постои соработка. Тамара е дива во вистинска смисла на зборот. Културна, образована млада девојка, со моќен глас и со неверојатна харизма. Кога на целиот тој склоп ќе се додаде соодветен сценски изглед, знаете дека го комплетирате рецептот за сценска икона.

Еволуција на брендот

Во однос на работата на Ивана Кнез нејзината колешка Бранка Данчевска рече: „Секому му треба ’Драма’ во животот, јас си ја пронајдов својата”. Јасна Шоптрајанова Вртева, пак вели: „Ова е единствена ’Драма’ што постојано ја сакам во животот о во неизмерни колицини”. На ова Кнез Додава:

-„Драма“ е како мое дете, расте, учи нови работи, стекнува нови искуства, и полека но сигурно созрева во еден стабилен бренд кој постојано работи на себе подобрување. На 8 март слави три години од севкупното постоење. Задоволна сум што секој ден ни е нов напредок, предизвик и успех. Со секоја нова колекција стануваме дел од светската модна индустрија и го пронаоѓаме своето праведно место, со безрезервна љубов создаваме креации кои изнудуваат насмевки на лицата на клиентите-вели Ивана.

Модна поп-ап продавница

21 Дек

10

Лимитирани парчиња од неколку урбани домашни брендови и дизајнери на облека и накит ќе бидат понудени на новогодишната поп-ап продавница од понеделник во 10 часот до 29 декември во „Домиталиjа“ во Скопје.
На презентацијата ќе се најдат модели од новите линии на етикетите „Лудус лавс фешн“ и „Шик андеркавер“, на креаторката Маја Кироска како и накит на „Капка“ (Јана Ацевска). Поддржувајќи ја младата македонска модна сила во салонот ќе може да се најдат специјално направените новогодишни колекции за двата пола.

ludus_2 KAPKA photo2

Уникатни модни додатоци на „КрафтАРТ фест“

6 Дек
by Jasmina Glavince

by Jasmina Glavince

Традиционалниот божикен базар на ракотворби „КрафтАРТ фест“ ќе се одржи в недела со почеток во 10 часот во хотелот „Арка“ во Старата скопска чаршија. На 9. издание на манифестацијата ќе бидат претставени рачно изработени подароци за престојните празници, креирани од повеќе од 40 македонски занаетчии. Продажната изложба на уметнички занаети е организирана од МАТА (Македонска Артисанска Tрговска Асоцијација), хотелот „Арка“ и „Лајонс клуб-Светлина“. Во рамките на продажната изложба, ќе се одржи и хуманитарна акција.
Посетителите на занаетчискиот фестивал ќе најдат традиционални и современи македонски рачно изработени предмети, вклучувајќи керамика, накит, рачно изработена хартија, бакарни предмети, предмети од стакло, честитки за подароци, модни додатоци, додатоци за дома, дрвени предмети и многу повеќе.

„Лудус“ организира распродажба на македонскa мода

10 Мај


Тимот на некогашната концептуална продавница „Лудус“ в сабота и недела (12-13 мај) организира втора распродажба на парчиња облека и накит од македонски дизаjнери, во барот „Дамар“ во Старата скопска чаршија.
На распродажбата новитет ќе бидат македонската модна етикетa Acid Wear, која ќе понуди и облека за деца до 12 години, како и накитот од Дафина Џепаровска. Пoкрај нив ќе се најдат и нови, намалени, производи од Ludus Loves Fashion, Chic Undercowear, Eлена Спасовска, Vibrazioni од Александра Митковска како и накит од „Капка“ – дизајн на Јана Ацевска.
На распродажбата, која ќе трае од 12 до 20 часот, ќе бидат понудени над 100 парчиња облека, накит и додатоци, чии цени ќе се движат до 3.000 денари.
Ова е втора ваква акција на екипата на „Лудус“ по успешната распродажба што се одржа во март.

Ивана Кнез ја промовира колекцијата „Стернум“

9 Дек


Pознатата модната дизајнерка и костимографка Ивана Кнез вeчерва во 19 часот во своето студио „Драма“ во Скопје ќе ја промовира новата колекција за сезоната есен-зима 2011/2012, наречена „Стернум“.
Моделите се лично доживување на последната претстава која костимографката ја изработи во „Театра“-„Звукот на коските што се кршат“ од Сузан Лебо. Тоа е драма за изгубени детски соништа за време на војната во Конго. Експлоатација на детските души е главна инспирација во најновата колекција.
Користен е плексиглас како размена на идеи помегу Ивана Кнез и Горан Сиџимовски. Дизајнерката се обидува да ја долови приказната на детските солзи и изнудени животи во свои уникатни парчиња накит.
-Се обидов да го видам гламурот за кој се залагам од поинаква перспектива. Претставата ми покажа еден свет за мене досега непознат. Морав да најдам начин да го доискажам тоа што ми остана после изработката на костимите, и одбрав тоа да биде накитот кој ми е животна опсесија-вели Кнез.

Горан Сиџимовски промовира нова колекција накит

28 Ное
Фото: Жарко Чулиќ

Младиот авангарден дизајнер на накит Горан Сиџимовски, под етикетата Flamboyant, утре (29.ноември) со почеток од 19 часот во промо-центарот „Паблик рум “ ќе ја презентира својата новата колекција за сезоната есен-зима 2011-12.
Во линијата, како и во претходните колекции на Сиџимовски, доминира плексигласот, чиј индустриски ефект е омекнат со вметнување на бисерот, преку кој авангардниот дух на накитот воедно добива и елегантна нота.
Плексигласот се јавува во две варијанти, проѕирен и црн, со што преку изоставување на употреба на боја, самиот дизајн доаѓа повеќе до израз. Формата е строга и геометриска.
Како заштитно лице на кампањата и инспирација за колекцијата се јавува актерката Билјана Танески, која што во целост ја претставува таргет групата: силна, индивидуална жена од која зрачи енергија и љубов, која изгледа уникатно. На самата промоција премиерно ќе биде прикажано и видеото за колекцијата во кое исто така се појавува Билјана Танески. Таа специјално за промоцијата таа ќе дојде од Италија.
Автор на промотивните фотографии е Жарко Чулиќ, а Сиџимовски соработуваче со арт-директорот Иван Ивановиќ и шминкерот Небојша Пешевски.
Од 2 декември колекцијата ќе може да се најде во продажба во „Драма Студио“.

Ревија на новите модни сили на “Мокош”

21 Сеп


Рената Спасовска, Лела Стерјо, Македонка Митрова, Јулијана Горгиевска и Катерина Микрут вечерва во 20 часот ќе одржат ревија во кафулето “Аркадија” во Скопје. На нстанотќе бидат презентирани модели за сезоната есен-зима 2011, кои наредниот период ќе може да се најдат во модниот салон “Мокош”.
Спасовска е моден дизајнер од Свети Николе, која и зад себе има 25 години работно искуство. Сопственичка е на модното студио “Рената”. Ќе се претстави со колекцијата “Карма”, која има модели за бизнис-изглед и вечерни тоалети.


Стерјо, која дипломирала декорација и моден дизајн во Романија е препознатлива по широкиот спектар на колорит и по деталите, кој даваат посебен белег на моделите. Ќе ја презентира колекцијата The Sound. Катерина Микрут, која доаѓа од Краков, Полска рачно изработува уникатни парчиња облека, модни додатоци и накит од волна, волница и конци за плетење. Инспирацијата ја црпи од рециклираната уметност и од уличната мода. Нејзината есенската колекцијата е наречена “Анатомија на јазолот”.

Битолчанката Јулијана Горгиевска е студент по моден дизајн на Европскиот универзитет. На презентацијата ќе ја понуди линијата Invisible. Преовладуваат природни материјали, свила, памучен сатен, а формата го следи телото. Колекцијата вбројува и накит изработен од разновиден материјал, дури и сосема нешто невообичаено како патенти, шајки.
Македонка Митрова-Доци, која доаѓа од Струмица, има дипломирано моден дизајн во Бугарија. Сопственик е на студиото “Верт Делис”. Нејзината нова колекција вклучува кежуал-парчиња и вечерни тоалети.
На ревијата ќе гостува македонската мис интерконтинентал – Ивона Крстева.

Ревијата е во организација на Тања Ѓоргиева ( сопственичка на “Мокош”)  и на модната агенција “Егзотик”.

Господарки на прстените

27 Јун


Помеѓу трендот со волуменизирани, масивни модни додатоци и нагласената накитеност изминативе неколку сезони спонтано пак се актуелизираа винтиџ-прстените. Благодарение на креативните модни идеи на блогерките, комбинацијата на повеќе впечатливи прстени на една рака не е повеќе синоним за кич и невкус, туку инди-тренд прифатен од познатите стилисти и од љубителите на модата. Прстените, покрај коланите, шеширите, очилата и долгите гердани станаа задолжителен украс на модерните девојки. Дел ги вратија во живот старите прстени од своите мајки и баби, а дел го најдоа својот модел во антикварници и секндхенд-продавници. Следејќи го “диктатот” од блоговите, брендовите за секојдневна облека лансираа линии со винтиџ -прстeни. Поголемиот дел се со големи камења и се реплики на раскошни барокни модели или на прстени налик на филиграни. Предноста на овој моден додаток е што не мора да кореспондира со стилот, формата и колоритот на облеката и тоа што нема ограничување во дизајнот и бројот.



Прошетка низ волшебната шума од плексиглас

21 Мај

Отворање на изложбата “Една прошетка низ волшебната шума” на Александра Шекутковска (Public Room, 19.05.2011)

Александра Шекутковска





Marta Pejoska

Jovana Filipovic