ИНТЕРВЈУ СО НИКОЛИНА СИМОВСКА
Ана Несторовска
објавено на 15.03.2013 во „Антена“ („Дневник“)
Уште со првата своја поголема презентација пред една година во шурумот на Модниот викенд-Скопје одушеви со својата оригинална идеја-изработка на накит од патенти. Овој функционален додаток на облеката кој најчесто не се ни гледа, младата дизајнерка на накит Николина Симовска прави креации што се видливи и се истакнуваат од целокупниот изглед. Од толку „невидлив“ елемент прави навидум луксузни и уникатни модели. -Патентот ме фасцинира како изум. Едноставен, а функционален, двете за мене совршени компоненти на едно постоење. Мислам дека е неисцрпен. Во моментов се наоѓам во фаза – на испитување на со што с` може да се комбинира . Тој сам по себе е див, бидејќи намената му е комплетно различна од начинот на кој јас се обидувам да го скротам.
Мала галерија со уникати
Нина неодамна ја отвори својата прва концептуална продавница, Just Because. Местото изгледа како мала галерија, нема полици, а сите парчиња накит се изложени на самите ѕидови. Поинаква е од останатите модни простори.
-Интересно е како луѓето го доживуваат Just Because, бидејќи навикнати се да влегуваат во продавнички кои се преполни со с` и сешто. Засега понудени се само мои креации, но во план е неколку концептуални артисти, пред с` од Хрватска, да имаат шанса да изложуваат тука. Просторот нуди многу трансформации и замислен е да биде место на повеќе изложби-вели таа.
На прашањето колку е тешко за еден млад, самостоен дизaјнер, да отвори свој моден простор, особено во време на криза и во самиот центар на Скопје таа вели:
-Воопшто не е лесно да се започне било каков бизнис во Македонија, особено оние малите кои на некој начин се поврзани со уметност. На толку голем пазар и евтини модни секојдневни варијации, навистина им честитам на луѓето кои се загреани да бидат поинакви и да си дозволат да купат нешто тотално различно-вели Нина.
Името Just Because доаѓа од името на нејзината прва самостојна изложба.
-Тоа е една фраза која е врзана за мене, бидејќи навикната сум секојдневно да ги добивам прашањата од типот: „А, зошто не пробаш да го изведеш ова вака? А зошто не пробаш да направиш нешто онака…“ За тие што добро ме познаваат, јасно им е дека немам одговор на овие прашања, бидејќи уметноста за мене е тек (flow) кој самиот се открива… За оние другите одговорот е „Затоа што“. Во секој случај ослободува, детерминира и пред с` го оправдува постоењето на секој нов концептуален израз-вели таа.
Влијание од архитектурата и археологијата
Најголема инспирација ја добива од набљудувањето на луѓето и објектите околу себе. Големо влијание има архитектурата, а сето тоа е поткрепено со целото историско познавање на накитот што го има како дипломиран археолог. Новата колекција е насловена како Greya и е отсликување на сивилото што ни го донесе оваа блага зима, преку симетрични геометриски претстави. Иако во првите први линии доминираа патентите како платформа, сега вменува и кожа
-Патентот е мојот личен печат по однос на мојата креативна препознатливост од причина што секогаш ме предизвикува да ги испитувам неговите лимити како материјал. Бирањето на материјалите кај мене зависи од моменталниот експериментирачки дух. Во моментов работам на нова колекција за која ќе ми треба малку повеќе време, доста е обемна и ќе опфаќа разни форми и материјали. Засега и јас само толку знам .
Покрај масовните ѓердани и алки, кои се заштитен знак за нејзе, прави и други модели…
-Големината на накитот кај мене е препознатлива компонента од причина што своите креации ги третирам како скулптурален накит. Тоа е нешто малку поразлично од накитот за секојдневна употреба. Удобен е за носење, а има и голема уметничка вредност-завршува таа.
Продажба во Дубаи
Нина за кусо време се популаризира не само во Скопје, туку и пошироко, а имаше статија за нејзе и во влијателниот хрватски моден сајт „Крпа“. Засега освен во Скопје, нејзин иот накит може да се најде и во Дубаи, на хрватскиот портал krpa.hr, а во преговори е за пламсан на еден престижен лондонски портал, во Холандија и на Австралискиот пазар. Изминатиот период учествуваше на повеќе модни настани како, Модниот викенд-Скопје, Недела на дизајнот, изложби, базари….
-Како посебен би го издвоила Недела на дизајнот во Скопје. Најмногу заради мојата искрена желба кон неделите на дизајн тука и пошироко. Мислам дека на Скопје му недостигаше таков настан и се надевам дека секоја година ке ни биде поголем. Отварањето на концептуалната продавницата ми одзеде повеќе време бидејќи самата е од изложбен карактер, а ќе има и многу други изложби во иднина. Накитот е само еден убав голем дел од она што го експериментирам-вели таа.