Archive | Македонски дизајнери RSS feed for this section
Слика

Никола Ефтимов на Модниот викенд-Скопје

3 Апр

image

Continue reading

Кој ќе учествува на FWSK s/s 2013

20 Мар

moden vikend

Росица Мршиќ, Никола Ефтимов, Лидија Георгиева, Александра Митковска, Маја Kикириткова, Олгица Ѓоргиева, Елена Спасовска, Тања Kокев и Антонија Ристовска се дел од дизјанерите што ќе се претстават на седмото издание на Модниот викенд-Скопје, што ќе се одржува од 1 до 14 април.

Најавени се и модните презентации на и Мила Kадриу, Христина Деспотовска, Никола Петровски , Ирина Тошева, Јована Филиповиќ, Роберт Ивановски, Kатерина Попева и Стефанија Насеска, како и на етикетите „Виба текс“, „Дума“, „ЛеБранд“, Деа Споса“, „Мика дизајн“ и „Елена Лука“. По вторпат на најголемата модна манифестација во Скопје ќе се претстават и сестрите-дизајнерки од Србија, Тијана и Мила Поповиќ.

Пролетното издание на Модниот викенд ќе се одржи под мотото „Минато, сегашност, иднина – Секогаш е време за мода“. Ќе се стави акцент на модата како неизбежен дел од секојдневието што се провлекува во секоја секунда од човековото постоење.

Оваа сезона, освен модните ревии и изложби, се организира и проектот „Ретроспектива на модата во Македонија 1983 – 2013“, поддржан од Министерството за култура на Република Македонија, со кој ќе се долови процесот на создавање колекции што не познаваат граници.

Модниот викенд во соработка со Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Скопје го организира проектот „Поп! Мода“. Во него ќе учествуваат 13 финалисти, кои ќе ги претстават своите колекции на гала-вечер во амбасадата.

 

SSS за FWSK: Машката мода во Македонија сè уште се крои

19 Мар

SkopjeStreetStyle, заедно со уште неколку модни новинари и блогери, почнувајќи од вчера допринесува со текстови и фотографии на блогот во рамките на сајтот на Модниот викенд-Скопје,  fashionweekendskopje.mk.
Првата објава под назив Машката мода во Македонија сè уште се крои може да ја побарате на македонски и на англиски јазик на датата 18.03.2013.
~Дали постои автентичен македонски машки моден дизјан, зошто нашите креатори поретко се одлучуваат да креираат за мажи? Дали е помала побарувачката на уникати за „посилниот“ пол или можеби има друга причина за проблемот? Овие дилеми се обидовме да ги демистифицирам со познатите модни креатори Никола Ефтимов и Никола Булески, и со талентираните млади дизајнери Роберт Ивановски и Ирина Тошева.~

fwsk-blog

Машката мода во Македонија сè уште се крои

[Текст: Ана Несторовска – Моден новинар и уредник во „Дневник“ и на блогот skopjestreetstyle.wordpress.com]
[Фото: Ани и Дими, архива на Моден викенд-Скопје]

По поканата на организаторот на Модниот викенд-Скопје пред две години за учество во ревијата со стајлинзи на модните новинари амбициозно се нафатив во мојата презентација да вклучам и предози за мажи. Идејата ми беше, како и кај женските сугестии, да комплетирам изглед за сезоната пролет-лето 2011 со парчиња од домашни дизајнери и брендови. Замислата делуваше интересна, верував дека глатко ќе ја реализирам. Но сепак, реалноста беше поинаква. Практично се уверив оти изборот на креации со домашен потпис е оскуден и ограничен на неколку стилови. Затоа, по годинашната покана да бидам дел од блогот на Модниот викенд, неминовно беше да се навратам на машката мода…
Повеќе на fashionweekendskopje.mk

Патенти што отвораат свет на нови модни идеи

17 Мар

ИНТЕРВЈУ СО НИКОЛИНА СИМОВСКА

Nina

Ана Несторовска
објавено на 15.03.2013 во „Антена“ („Дневник“)

Уште со првата своја поголема презентација пред една година во шурумот на Модниот викенд-Скопје одушеви со својата оригинална идеја-изработка на накит од патенти. Овој функционален додаток на облеката кој најчесто не се ни гледа, младата дизајнерка на накит Николина Симовска прави креации што се видливи и се истакнуваат од целокупниот изглед. Од толку „невидлив“ елемент прави навидум луксузни и уникатни модели. -Патентот ме фасцинира како изум. Едноставен, а функционален, двете за мене совршени компоненти на едно постоење. Мислам дека е неисцрпен. Во моментов се наоѓам во фаза – на испитување на со што с` може да се комбинира . Тој сам по себе е див, бидејќи намената му е комплетно различна од начинот на кој јас се обидувам да го скротам.

Мала галерија со уникати
Нина неодамна ја отвори својата прва концептуална продавница, Just Because. Местото изгледа како мала галерија, нема полици, а сите парчиња накит се изложени на самите ѕидови. Поинаква е од останатите модни простори.
-Интересно е како луѓето го доживуваат Just Because, бидејќи навикнати се да влегуваат во продавнички кои се преполни со с` и сешто. Засега понудени се само мои креации, но во план е неколку концептуални артисти, пред с` од Хрватска, да имаат шанса да изложуваат тука. Просторот нуди многу трансформации и замислен е да биде место на повеќе изложби-вели таа.
На прашањето колку е тешко за еден млад, самостоен дизaјнер, да отвори свој моден простор, особено во време на криза и во самиот центар на Скопје таа вели:
-Воопшто не е лесно да се започне било каков бизнис во Македонија, особено оние малите кои на некој начин се поврзани со уметност. На толку голем пазар и евтини модни секојдневни варијации, навистина им честитам на луѓето кои се загреани да бидат поинакви и да си дозволат да купат нешто тотално различно-вели Нина.
Името Just Because доаѓа од името на нејзината прва самостојна изложба.
-Тоа е една фраза која е врзана за мене, бидејќи навикната сум секојдневно да ги добивам прашањата од типот: „А, зошто не пробаш да го изведеш ова вака? А зошто не пробаш да направиш нешто онака…“ За тие што добро ме познаваат, јасно им е дека немам одговор на овие прашања, бидејќи уметноста за мене е тек (flow) кој самиот се открива… За оние другите одговорот е „Затоа што“. Во секој случај ослободува, детерминира и пред с` го оправдува постоењето на секој нов концептуален израз-вели таа.

Влијание од архитектурата и археологијата
Најголема инспирација ја добива од набљудувањето на луѓето и објектите околу себе. Големо влијание има архитектурата, а сето тоа е поткрепено со целото историско познавање на накитот што го има како дипломиран археолог. Новата колекција е насловена како Greya и е отсликување на сивилото што ни го донесе оваа блага зима, преку симетрични геометриски претстави. Иако во првите први линии доминираа патентите како платформа, сега вменува и кожа
-Патентот е мојот личен печат по однос на мојата креативна препознатливост од причина што секогаш ме предизвикува да ги испитувам неговите лимити како материјал. Бирањето на материјалите кај мене зависи од моменталниот експериментирачки дух. Во моментов работам на нова колекција за која ќе ми треба малку повеќе време, доста е обемна и ќе опфаќа разни форми и материјали. Засега и јас само толку знам .
Покрај масовните ѓердани и алки, кои се заштитен знак за нејзе, прави и други модели…
-Големината на накитот кај мене е препознатлива компонента од причина што своите креации ги третирам како скулптурален накит. Тоа е нешто малку поразлично од накитот за секојдневна употреба. Удобен е за носење, а има и голема уметничка вредност-завршува таа.

Продажба во Дубаи
Нина за кусо време се популаризира не само во Скопје, туку и пошироко, а имаше статија за нејзе и во влијателниот хрватски моден сајт „Крпа“. Засега освен во Скопје, нејзин иот накит може да се најде и во Дубаи, на хрватскиот портал krpa.hr, а во преговори е за пламсан на еден престижен лондонски портал, во Холандија и на Австралискиот пазар. Изминатиот период учествуваше на повеќе модни настани како, Модниот викенд-Скопје, Недела на дизајнот, изложби, базари….
-Како посебен би го издвоила Недела на дизајнот во Скопје. Најмногу заради мојата искрена желба кон неделите на дизајн тука и пошироко. Мислам дека на Скопје му недостигаше таков настан и се надевам дека секоја година ке ни биде поголем. Отварањето на концептуалната продавницата ми одзеде повеќе време бидејќи самата е од изложбен карактер, а ќе има и многу други изложби во иднина. Накитот е само еден убав голем дел од она што го експериментирам-вели таа.

Модели што будат позитивно расположение

13 Мар

„СТИЛИСИМО“ ПРОЛЕТ-ЛЕТО 2013

a9

Ана Несторовска
објавено на 08.03.2013 во „Антена“ („Дневник“)

Инспирирана од модата од крајот на 50-тите и почетокот на 60-тите години од минатиот век, задржувајќи го својот препознатлив елегантен стил, со вметнат трендовски крој, детали и бои е новата, пролетна колекција на македонската модна етикета „Стилисимо“. Познатата стилистка и модна новинарка, Цаци Паковска, која е дел од тимот што стои зад овој бренд вели дека „црпеле мотиви од овој исклучително инспиративен период, кој пренесува порака, што тие с` уште сакаат да ја пренесуваат“.
-Тоа се години многу значајни, не само за модата, туку и за филмот, уметноста, архитектурата и воопшто дизајнот. Луѓето ,,зависни“, од естетиката и дизајнот особено се горди на овој период. Тоа е време кога дизајнот и квалитетот биле на цена….Време на едноставноста и безвременоста, на Одри Хепберн, Грејс Кели, Мерлин Монро и на италијанската ,,Долче Вита“-вели таа.

Во чекор со трендовите, но со свој печат

Според нејзе пролетната колекција има парчиња кои позитивно ќе влијаат на расположението на жените.
-Отсекогаш сум верувала дека облеката е олицетворение на нашето расположение. Но понекогаш е обратното, кога ќе се вљубиме во некое парче облека уште на прв поглед, возбудата секако расте оној момент кога ќе го облечеме тоа парче. Пролеттната колекција на „Стилисимо“ е составена токму од парчиња во кои ќе се вљубите на прв поглед. Сигурна сум дека со нашите модели во најразлични бои и дезени ќе успееме да влијаеме на позитивното расположение на жените-вели Паковска.
Најголемиот дел од оваа колекција е пролетна, но креациите може да се носат во текот на летото. Моделите, како и во претходните колекции се изработени од природни ткаенини, кои можат да се носат во текот на целата година. Во однос на формите и боите ги следат светските трендови, но задржувајќи го својот „Стилисимо“- печат. Парчињата се едноставни за комбинирање со детали кои моделите ги прават допадливи.
-Важна ни е формата пред орнаментот, па затоа скоро секогаш користиме еднобојни ткаенини, а живописноста ја остваруваме преку деталите во некоја контрасна боја-објаснива таа.

Елена е олицетворение на брендот

На промотивната фотосесија се појавува нашата позната ТВ и радио-водителка Елена Стојановска. Иако осега соработувавте на нејзиниот изглед на телевизија („Шестиот ден“, „Телма“), сега за првпат таа е нивно заштитно лице.
-Со Елена првпат соработував во 1998 година кога таа дебитираше на ТВ-екраните како водителка на музичкото шоу ,,100%“. Сега, неколку години подоцна, за време на фотосесијата за „Стилисимо“, Елена ми откри дека многу сум влијаела на нејзиниот став околу модата, шминката, а особено модните детали. Како и да е, Елена одсекогаш ми се допаѓала пред се поради нејзиниот карактер, нејзиниот ум и убавина, посредност, едноставност и позитивна енергија. Тоа е с` што му е потребно на овој бренд“. Таа е олицетворение на „Стилисимо“- жената, затоа и немавме никакви дилеми при изборот за лице за нашата нова колекција. Доказ дека не згрешивме е и финалниот производ, односно фотографиите на кои Елена изгледа прекрасно. Особено ми е драго што добивме весели фотографии благодарение на позитивната енергија на целата екипа во студиото на агенцијата „Њу Момент“-вели таа.

Можно враќање на МТВ

Изминатата година многу поретко ја гледавме во јавноста, но Паковска најавува повторно враќање на малите екрани.
-Телевизијата е навистина моќен медиум, но за жал во моментов македонскиот народ е ,,отруен“, од сето она што се прикажува на нашите телевизии. Невкус, недостиг на вистинска содржина, лажни критериуми и испревртени вредности изобилуваат на нашите екрани. Виновни за ова се сопствениците и програмски уредници на телевизиите кои во потрага по набилдани рејтинзи само тонат во лошата програма. Особено ми е драго што во последните месеци единствената телевизија која започна да нуди квалитна програма е нашиот национален сервис МТВ, куќата во која јас пред многу година ја започнав мојата ТВ-кариера. Многу брзо може да се случи модната емисија „Стилисимо“ да се најде на овој канал. А во меѓувреме секако ќе работам на својата модна колекција и ќе уживам во службените патувања во Милано за мојот бутик „Зап“.

Стајлинг за Каролина и за водители

Паковска 10 години се грижи за стајлингот на Каролина за сите нејзини јавни, па и приватни настапи. Последната соработка беше за нејзиниот анплагт-концерт во декември, кога за таа пригода Цацаи искреирала долг фустан, искомбиниран со кожена јакна и „Ланвин“ високи потпетици. Пред неколку месеци беше ангажирана од раководството на МТВ за да се погрижи за стајлингот на неколку новинари/уредници на вестите новинарите од спортската редакција, како и водителите на утринската програма. Вели дека драго ~ е што конечно на новинарите им беа обезбедени костуми во кои изгледаа светски.

Уникатна доза модна драма на Ивана Кнез

5 Мар

ivana2

Ана Несторовска

објавено на 01.03.2013 во Антена (Дневник)

Во сè  што работи, било тоа да е дизајн на облека, накит, костими или моден консалтинг, внесува театралност. Поврзаноста со овој емотивен и кретивен импулс резултира со создавање на нејзниот бренд „Драма“.  Немирниот, уметнички ух на македонската модна дизајнерка Ивана Кнез е во постојаната трага по нов израз, форма и сцена. Изминатава година најде прибрежиште во своето прво студио, кое неодамна го освежи и редизајнира. Вели дека „карактерно е подложна на промени и верува во природен тек.  Дека секое време носи свои промени и прилгодувања, па така и самата етикета „Драма“ го прати текот на нејзиниот карактер“.

-Беше потребно освежување на студиото, а со тоа и вовед и чекор напред на самиот бренд кој полека но сигурно го наоѓа своето место на македонскиот пазар. Притоа и самиот тим кој работи позади овој бренд се шири. Младата дизајнерка на накит, Бранка Данчевска остана дел од креативната екипа на „Драма“. Ни се придружи и Туба Атман од Турција, која ќе биде задолжена за промоција на „Драма“ во тоа подрачје. Тука е и Мери Ванчовска, која е официјалниот ПР и комерцијален директор на самиот бренд. Во меѓувреме сум во преговори со уште неколку креативци за размена на идеи и соработки на повеќе полиња-вели таа.

Покрај модели од Данчевска и Атман во студиото на Кнез екслузивно ќе бидат понудени и креации од Ива Јанковиќ од Холандија.

-А за таа сметка „Драма“ отпатува во Хаг. До оваа соработка дојде благодарејќи на „Паблик рум“ и „Скопје дизајн вик“, кои одиграа значајна улога за пласманот на „Драма“. Во меѓувреме се работи на усовршување на брендот, поделба на линии во склоп на истиот, а со тоа ќе се зголеми достапноста за пошироката клиентела-додава Кнез.

Предизвик-да се надмине себе си

Со твоите линии на накит не се врзува за сезони и за стилови, туку создава креации водена од моменталната инспирација. Последна колекција под оваа етикета беше Drama Love, наменета за празникот на виното и љубовта, 14 февруари.

-Заштитно лице на колекцијата е поп-ѕвездата Тамара Тодевска, која е исклучителен уметник. Совршено се вклопува во принципите за женственост на „Драма“. На оваа колекција ~ претходеа Drama Princess Collection инспирирана од принцезите на Дизни. Наскоро следува Drama Gold. Со оглед на тоа што секоја колекција е незавршена приказна сама по себе, материјалите, формите и боите се различни. Доминираат метал и бисери, а од скоро и кожа. Се појави и 14к позлата на материјалите, масивност во форма и доминација на златна и црвената боја.

Иако првите колекции беа луксузна бижутерија во чиј центар се бисерите, сега моделите на Кнез се поразновидни. Вменува разни други додатоци, како пердуви, плексиглас, кожа, кристали.

-Предизвик ми е да се надминам себе си и буквално да се замолчам. Инспирацијата ја пронаоѓам во секојдневни експерименти со структурата, составот, флексибилноста, издрзливоста и стандардите на самите материјали. Денес, за жал, дизајнот е во материјалите. Креативноста изразена во форма и боја се поретки случаи и на нашиот и на светскиот пазар, најмногу заради ограничувања од самите клиенти. Пазарот трпи огромни промени кои и те како се одразуваат на модните полиња, а и на работата на самите креатори. Се диктираат начела и правила по кои дизајнерите се водат. Сето тоа резултира со многу повеќе бизнис, а помалку простор за уметност, барем во нослива смисла на зборот, што до некаде и само по себе е предизвик да се изведе. Потешко е да си практичен уметник отколку чист креативец, а во исто време двата профила дефинираат идни тенденции и случувања на таргетираната сцена-вели таа.

Костимографијата- прва љубов

Ивана досега успешно соработуваше со младиот македонски бренд „Шик андеркавер“, со кој одлично им се поклопуваат модните гледишта.

-Бобан Илиевски (основачот на „Шик андеркавер“) е љубовта на мојот дизајнерски живот, многу пати имам кажано и повторно ќе повторам, јас и тој делиме неопислива хемија на постоење, која секогаш резултира со врвен продукт. Сакам соработки и размена на идеи, со самото тоа застанувам позади моите гледишта цврсто на земја и подготвена сум за секаков предизвик на секое поле-вели таа.

Кнез е една од ретките наши модни дизајнери со диплома и искутво во креирање на облека и костими, што се посвети најмногу на дизајн на накит.

-Костимографијата е мојата прва љубов, која сè уште го диктира начинот на кој јас размислувам, и живеам, воопшто. Секогаш ќе има предност во мојот живот, но не по секоја цена. Кога работата е љубов, сe` е исплатливо.

На домашната сцена е активна од 2009 година, но не само како моден креатор и костимограф, туку и како буден критичар и набљудувач на случувањата.

-Во моментот кога настана „Драма” и се промовираше на македонската модна сцена, беше затишје пред бура. Во 2010 се појавија повеќе нови имиња и неколку стари воскреснуваат и со тоа се поставувија темелите на една нова платформа, која има сериозни понуди на квалилтетни дизајнери. Се обидуваме да постигнеме ниво на дизајн кое нам ни недостасува, база која ја поминавме во поинакви политичко-опстествени околности. Ќе ја издвојам Јована Филиповиќ како млада инспиративна креаторка, која и те како има што да каже со своите парчиња.

Изминативе години благодарение на многуте курсеви за изработка на накит, се појавија доста креативци кои создаваат модели за поширока продажба. Кнез посочува дека за да извалидира некој од дизајнерите на накит истиот треба да го задржи нејзиното внимание.

-На нашата сцена за жал, се сто допира игла и конец се самопрогласува за дизајнер на гардероба, а секој што ќе фати бисер е дизајнер на накит. Луѓето овде треба да направат дистинкција помеѓу хоби и професија, и ако е некој креативен не значи дека е дизајнер. Со тие опстествени испади се губи на квалитет помеѓу самите дизајнери кои целиот живот го посветуваат на полето на својата професија. Вечна е битката помеѓу квалитетот и квантитетот, доброто е што квалитетот е секогаш победник во таа битка-вели таа.

Редовно изработува фотосесии за твоите нови колекции. Жарко Чулик и понатаму останува нејзин фаворит на фотографската сцена кај нас, но тој е повеќе на релација Белград- Скопје. -Младиот Горан Вуќелиќ покажа одличен сензибилитет, основа на која доколку продолжи и понатаму да работи сметам дека му претстои светла иднина. Младоста му дозволува да лудува и да експериментира. Јас, како таков го почитувам и постојано ја пратам неговата работа. Последната фотосесија е соработката со „Горила продукција“, „Тамара за Drama Love“, со фотографии на Владимир Дади Ивановски.

Колекција за лондонскиот пазар

INTAKTA – A story of an Empress е најновата колекција од студио „Драма“ која својата промоција ќе ја има на почетокот на април.

-Работена е за лондонскиот пазар, по принципи на еко-мода, тема што кај нас сè уште е недопрена, а мене ми е блиска бидејќи ми беше предмент на интерес уште од студентските денови. Почната е во 2008 година, под менторство на Лидија Георгиева. Станува збор за жива колекција, која допрва ќе се разработува. Тоа ќе ми биде прво официјално претставување како дизајнер на облека. Колекцијата е биде достапна само на http://www.bastetnoir.com s сопственост на Даниела Милошеска. Сите почнуваат прво со облека, па понатаму продолзуваат со модни додатоци. Јас се разбира, започнав поинаку.

 

 Хемија со Тамара Тодевска

Изминатиот период Ивана соработува со Тамара Тодевсказа нејзните јавни настапи.

-Соработката на „Драма“ и Тамара е резултат на хемија. Од првиот разговор некако се подразбираше дека ќе постои соработка. Тамара е дива во вистинска смисла на зборот. Културна, образована млада девојка, со моќен глас и со неверојатна харизма. Кога на целиот тој склоп ќе се додаде соодветен сценски изглед, знаете дека го комплетирате рецептот за сценска икона.

Еволуција на брендот

Во однос на работата на Ивана Кнез нејзината колешка Бранка Данчевска рече: „Секому му треба ’Драма’ во животот, јас си ја пронајдов својата”. Јасна Шоптрајанова Вртева, пак вели: „Ова е единствена ’Драма’ што постојано ја сакам во животот о во неизмерни колицини”. На ова Кнез Додава:

-„Драма“ е како мое дете, расте, учи нови работи, стекнува нови искуства, и полека но сигурно созрева во еден стабилен бренд кој постојано работи на себе подобрување. На 8 март слави три години од севкупното постоење. Задоволна сум што секој ден ни е нов напредок, предизвик и успех. Со секоја нова колекција стануваме дел од светската модна индустрија и го пронаоѓаме своето праведно место, со безрезервна љубов создаваме креации кои изнудуваат насмевки на лицата на клиентите-вели Ивана.

МАЈА КИРОСКА ЕСЕН-ЗИМА 2012-2013

2 Фев

maja kiroska-5

Сакам да дизајнирам за нашиот убав и топол народ

Ана Несторовска

Објавено на 01. февруари 2013 во „Антена“ („Дневник“)
 
 

Модели наменети за современите и успешни жени, што сакаат да бидат уникатни и ја разбираат важноста на убавиот изглед при остварувањето на своите цели, се дел од новата колекција на младата креаторка Маја Кироска. Главната цел на дизајнерката, која е родум од Тетово, а модно се образова во Љубљана, била на нашиот пазар да понуди квалитетни парчиња облека со чисти линии.Тие лесно се комбинираат со останатите креации и во зависност од стилирањето може да се носат за различни прилики. Колекцијата ја промовира кон крајот на минатата година на новогодишната поп-ап продавница во „Домиталиjа“ во Скопје, заедно со дизајнерите Драган Христов („Лудус лавс фешн“), Бобан Илиевски ( „Шик андеркавер“) и Јана Ацевска („Капка“).
-Пријатно бевме изненадени од посетеноста на овој наш настан. Критиките беа најпозитивни, а најголем дел од нив беа во насока дека треба почесто да се организираат настани од ваков карактер-вели таа.
Открива дека во креирањето секогаш како приоритет ~ се употребата на квалитетни материјали и стручноста во изработката.
-С` мора да е беспрекорно. Парчињата облека се доста минималистички во дизајнот, со чисти линии и форми кои и ласкаат на женската фигура. Во колекцијата преовладуваат претежно земјените бои. За оваа колекција не изработив модни додатоци.
Стилот на дизајнирање, како и нејзниот личен имиџ доста осцилираат и не се меѓусебно поврзани.
-Со огледна тоа што претежно се занимавам со изработка на модели по порачка тогаш с` зависи од тоа за каква прилика е наменет моделот и кој ќе го носи. Колекциите зависат од избраниот концепт. Но и покрај тоа, сите парчиња облека поминати низ моја рака ги поврзува еден заеднички печат.

Самостојни ревии и изложба на венчаници
Уште за време на студиите во Љубљана се интересирала за проекти надвор од рамките на факултетските обврски, па така, уште во втора година учествувала на манифестацијата „Модест“, која се одржуваше во рамките на „Саемот за мода“ во Скопје. Поставила свој сопствен штанд со три креации на мали црни фустанчиња.
-Уште на отворањето на мое големо и пријатно изненадување го продадов првото парче и тоа на тогашниот амбасадор на Австрија во Република Македонија. Тоа беше една голема потврда и мотивација за мене како млад дизајнер и добар епилог на моето прво јавно претставување во Македонија.
Настанот во „Домиталија“ е моја втора јавна промоција тука. Во Љубљана имам направено неколку самостојни модни ревии и една изложба на венчаници-вели Маја која сега е вратена во Македонија со, како што вели, „желба да дизајнирам за нашиот убав и топол народ“.
На 18 години, сама, заминала да студира во Љубљана-град за кој знаела само дека е главен град на Словенија, и толку! Но, доста брзо се снашла, и како што вели, не наишла на некои поголеми потешкотии.
-Дружењето, соработката со неколку млади словенечки дизајнери и трудољубивоста ми помогнаа да се пробијам. Сега сум во постојан контакт со некои од нив и договарам следни проекти меѓу кои е промоцијата на мојот бренд таму, меѓутоа засега приоритет ми е промоцијата тука, бидејќи сметам дека за еден млад творец е најважно е признанието од сопствениот народ-вели таа.

Развива свој бренд во Тетово
Нејзините колекции во Љубљана ги промовирала преку модни ревии и изложби. По таквите настани луѓето лично ја контактирале за да купат парче облека од колекцијата или барале да им изработи модел по порачка. Поретко оставала креации и во концептуални продавнички кои нудатоблека од млади дизајнери.
Моментално е стационирана во Тетово.
-Додека траеја студиските обврски доаѓав три пати годишно, а потоа нон стоп бев на релација Словенија-Македонија. Во септември се вратив на неопределено време. За овој крај најмногу ме врзува семејството, пријателите. Но, морам да споменам дека премногу сум разочарана од моменталната запуштеност на Тетово, кој од некогаш прекрасен град денес за жал е без никакви културни збиднувања, без вода, прекриен со смет…-констарира таа.
Досега има изработено три колекции и голем број на модели по порачка.
Порачаните модели се најчесто венчаници и свечени фустани. Во нејзините колекции, бидејќи има поголема слобода при дизајнирањето, се наоѓаат и концептуални парчиња облека, но и доста едноставни, елагантни и носливи модели. Во моментов го развива својот бренд „КирОска“, основан кон крајот на минатата година, а првата и засега единствена колекција актуелната за сезоната есен-зима 2012/2013. Засега е стационирана во атељето на својата мајка, но веќе размислува за пронаоѓање на свој продажен простор.
Иако повеќе години не живееше тука таа ги слади случувањата нашата модна сцена:
-Македонската модна сцена е во развој. Ние сме креативен народ, младата дизајнерска сила и постарите модни дизајнери кои ги поставија основите, организаторите на модните случувања, модните куќи, модните блогери и друго, сите ние со меѓусебна соработка можеме да ја подигнеме македонската модна сцена на едно препознатливо ниво.
Покрај самостојната работа често соработува и со словенечите дизајнери и придонесува за тамошната модна сцена. Планира да го промовира својот бренд таму.
-Во преговори сум следната колекција да биде понудена на продажба во дизајнерската продавница „КОДА 386“, која препорачувам да ја посети секој вљубеник на убавото парче облека доколку се најде во Љубљана. Во изминатава година работев како стилист во најпрестижната мулти-бренд продавници во Словенија, „Галерија емпориум“. Работев со врвните брендови за женска облека како сто се „Александар Меквин“, „Кензо“, „Роберто Кавали“, „Етро“, „Армани“, „Версаче“ и со клиенти од повисоките слоеви. ми помогна да го истенчам својот вкус за квалитетот на изработката и уникатноста на кројот на дизајнерското парче облека-вели таа.

По стапките на баба и` и мајка и`
Модната приказна на Маја почнала уште во детсвото, со остатоците од материјалите од кои шиела нејзината баба, која била самоука шивачка. -Приказната продолжи во атељето на мајка ми, која е дипломиран инженер по конфекциска технологија во Белград и која безрезвно ми го пренесува сето искуство со кое се има здобиено во текот на нејзината долгогодишна работа. Јас успешно го завршив Технолошкиот факултет во Љубљана кој што е високо рангиран во светот и нуди одлично знаење од областа на текстилот. Предметникот на мојот факултет беше комбинација од технологија,пиродно науки и уметност. Сега сум дипломиран инженер по дизајн на текстил и облека.

Костими за најгледаното шоу во Љубљана
Маја беше дел од тимот одговорен за костимографијата на една од најпопуларните хумористични ТВ-шоуа на најгледаната приватна телевизија во Љубљана. Исто така ги издизајнира костимите за главните улоги за балетската претстава „Моќта на куклите “ на балетското студио „Менада“ од Тетово.
-Љубљана е град кој нуди многу нешта за уживање. Во миговите за наменети за опуштање посетував изложби, театарски претсави, концерти. Летно време многу често ги посетував понеделничките jam session свирки во омилената летната градина на џез-клуб „Гајо“.

ОЛГИЦА ЃОРГИЕВА -есен-зима 2012-2013

12 Јан

Префинето модно пресликување на паунот

olgica gjorgieva

Ана Несторовска
Фото: Ани и Дими

Објавено на 11. јануари 2013 во „Антена“ („Дневник“)

Со секоја своја нова колекција праќа силна модна и лична порака. По грациозноста на „Еднорог“, патување во иднината со футуристичката „9“, откривање на „Нешто лично“, оставањето на свој печат со „Идентитет“, трагањето по „Вечноста“… етаблираната модна дизајнерка Олгица Ѓоргиева за својата нова линија за пролет-лето 2013 најде симболика во паунот. Неговата асоција за бесмртност ја мотивирала да создаде безвремени парчиња, кои во исто време се уникатни и практични.
-Во историјата, митовите и легендите паунот носи навестување на благородништво, светост, емпатија, заштита и претпазливост. Кратката листа на симболизми за паунот се: слава, визија, член на кралското семејство, духовност, будење, бесмртност… Визуелниот ефект и глетка оставаат простор за огромна креативност. Тоа се модерни, ексклузивни парчиња наменети за префинети и свои личности-вели Ѓоргиева и додава дека нејзиниот бренд „ГО“ е наменет за сите оние кои преферираат ексклузивна и уникатна облека.

Модели со личен печат
Колекцијата ја престави на есенското издание на Модниот викенд-Скопје. Во неа се препознава дизајнерскиот момент, а сепак во исто време моделите се носливи, што било и главната идеја. -Не сакалв многу да се врзувам за боите на паунот, иако е тоа првата асоцијација кога ќе се спомне. Повеќе сакав да биде стилизирана варијанта на идејата. ~ се посветив на формата на суптилен начин. Користени се стилизирани жоржети, памучен сатен, штоф, кадифе, тантела, памучни материјали. Има доста рачна работа, применета е техника пачворк на неколку креации. Застапена е белата боја, мастило сина, црна и пепито-дезен-вели таа.
Олгица е препознатлива по тоа што во колекциите нуди модели за елегантни и модерни дами. Креациите се доста носливи и применливи кај девојки и жени то негуваат различни стилови.
За неа секоја животна ситуација е приказна сама за себе.
-Треба да се задржи личниот печат, зошто ако не е така тогаш нештата не би имале тежина. Официјално сум вработена во мојата компанија и никаде на друго место. Живеам во Македонија и с` уште работам само за овој пазар, така да, во моментов морам да се прилагодувам на пазарот. Се разбира не по секоја цена…Се радувам што клиентоте кои доаѓаат во моето ателје ми покажуваат почит и доверба и можам да кажам дека во поголем процент сум успеала да си го задржам мојот личен печат. Исклучоци секогаш има-вели таа

Реални амбиции и чекори
Минатата година Олгица го отвори своето модно студио, кое е место каде што ги создава своите колекции и се среќава со клинетите.
-По природа сум со големи идеи и реални чекори. Не сакам ништо преку ноќ, ниту работи со кои во моментот не можам да се носам. Не дека не сум во можност, меѓутоа цело е кога има с`. Таму каде што не можеш да го дадеш својот максимум, подобро да употребиш трпение. Реално чекорам низ мојата животна приказна, работам вредно, неуморно и сигурна сум дека тоа се исплати. Ивестицијата почнува да се исплатува, се надевам за кратко во целост ќе се исплати. Ме радува фактот што работите се движат со чекори напред. Можеби и презадоволна сум од моето ателје. Мометално можат да се најдат готови парчиња облека, од ревии и секако можат да се прават индивидуални нарачки. Од наредната сезона асортиманот ќе се зголеми, меѓутоа за тоа дополнително-вели таа.
Покрај средбите со клиентите и редовните колекции таа постојано е во движење. Изминатиов период имаше неколку проекти каде што успеа да ја презентира својата работа и да запознае нови луѓе, како и да соработува со јавни личности и да биде дел од хуманитарни настани. По празниците ја очекува многу активен работен период.
Неодмана направи фотосесија со Ани и Дими за промоција на новата колекција. Вели дека соработката со познатиот фотографски тандем е базирана на взаемна почит и доверба.
Како модели се јавуваат Сања Трајковска ( „Моделс ин“) и Ангела Ѓоргиева („Подиум“) , а гостинка на фотосесијата е познатата албанска пејачка Аделина Тахири со која има одлична соработка подолго време.

Бабушките-инспирација за новогодишни украси
Пред празнициоте со неколку свои колеги на фестивалот „Кидсфест“ изработи уникатни украси за новогодишна елка.
-Инспирација за елката што ја изработив ми беше руската кукла Матрошка – или кај нас позната како Бабушка. Кога размислував како да ја претставам, одлучив да биде луксузна, светкава, со повеќе дезен. Беа изработени околу 100 кукли. Тоа беа 100 пластични шишиња целите рачно изработени и претворени во кукли. Мислам дека успеав да ја доловам идејата. Ја изработувавме кај мене, во ателје и буквално уживавме, се потсетивме на детските денови, убавината на празниците, близината на семејтвото-вели таа.

Разоткривање со романтичнен и храбар крој

6 Јан

БОБАН ИЛИЕВСКИ- „ШИК АНДЕРКАВЕР“

 3

Ана Несторовска
Фото: Жарко Чулиќ
Објавено на 04. јануари, 2013 во „Антена“ („Дневник“)

По две години работа под превез на мистерија, со новата колекција дизајнерот на брендот „Шик андеркавер“ го откри својот идентитет. Бобан Илиевски, кој има завршено на институтот за мода „Бурго“ во Милано, и е познат по својата работа во креативниот тим на македонскиот бренд „Кара“, одлучил дека сега е момент да се „рaзоткрие“.
-Сметам дека сега е вистинскиот момент кога „Шик андеркавер“, како веќе препознатлива етикера со свое место и клиентела, треба да го добие и ликот на креативецот што зад него. Сета мистерија околу истиот покрена многу повеќе прашина отколку што замислував. Па, така сметав дека тоа им го должам на приврзаниците на „шик“- филозофијата. Неизмерно го засакав овој проект кој започна како некој издувен вентил, заради некоја моја лична сатисфакција. Тој прерасна во нешто што континуирано ќе еволуира и ќе се развива, па така од ова сезона „Шик“ ќе биде мојот приоритет. Тоа не значи дека целам кон некоја помасовна продукција, напротив -филозофијата на единствени, посебни и горди ќе ја застапувам од прво лице-вели тој.

Помеѓу трендовите и ретро-класиците
Моделите од новата линија се во препознатливиот стил на брендот: драматични, колоритни и со ретро-елементи. Тие се со мали контардикторности, зашто, како што вели Бобан, „секогаш постои опасност една етикета или бренд да биде заробен сам во сопствениот стил на креирање, а бегството од тоа да е многу тежок процес и најчесто да заврши искритикуван“.
-Решив ова колекција да биде многу полична, за разлика од другите. Секој аутфит да отсликува дел од сегмените на „шик“- филозофијата, а воедно и од мојот карактер. Па така фам-фаталот оди од љубов и романтична, преку храбра, дива, отворена сексуалност-вели тој.
Колекцијата содржи два дела во кои се прилично монохроматски. Застапени се кафената, црната и белата основа, надополнети со колоритен дел во т.н. вински бои. Изработени се од свила, волна, памук, еко-кожа и крзно.
Иако неговите креации се трендовски, сепак секогаш се навраќа на класиката, на впешатливи форми и крој од минатото.
-Добриот дизајнер секогаш треба да знае што сакаат да носат луѓето. Личната визија на креаторот и карактеристичниот осврт на минатите декади-од една страна и вкусот на публиката-од друга, треба да се во одлична симбиоза во секоја колекција.

Физички пропорции не се најважни
„Шик андеркавер“ е еден од ретките наши брендови што не прави креации само за слаби девојки и жени, туку и за тие со облини. Тие во визијата на Бобан тие се секси, модерни и уникатни.
-Отсекогаш го пропагирам ставот дека физички пропорции не се најбитни за една девојка да изгледа совршено. Сигурноста во сама себе е најдобриот имиџ што може да го има. Облеката што ја правам има цел само да го потпомогне тој став. Доколку сум успеал во тоа, мојата работа е завршена-вели тој.
Неодамна направија и фотосесија за промоција на новата колекција.
-Овојпат решив фотосесијата да биде многу почиста со цел карактерот на колекцијата да дојде до израз, па со веќе проверениот тим сметам дека го постигнавме тоа. Соработував со фотографот Жарко Чулиќ , кој како и секогаш ја долови есенцата на секое парче. Тука е и моделот Викторија Тодосова, со својата убавина во улога на фам-фатал, што Дарко Мишовски фантастично ја долови со шминката-вели тој.
Сите негови досегашни колекции се инспирирани или од ликови што ги почитува и сака, или со дизајнери со кои соработува во своето креативно дејствување. Ивана Кнез како еден од најдобрите дизајнери за накит, а пред с` добар пријател, која всушнос и е муза на моето творество, несомнено се вклопува во мојата визија. Така што, таа соработка е и ќе биде неизбежна-вели Бобан, кој на преминот од 2012 во 2013 година окрива дека се наоѓа на пресвртницата каде што одлучи овој проект да му биде примарен.

Новогодишната поп-ап продавница
Практикува колекциите на „Шик андеркавер“ да ги промовира на неконвенционален начин, преку социјални мрежи, изложби, фотосесии….
-Моето прилично големо искуство во модната индустрија кај нас и во странство, ми покажа дека претставувањето е многу битно за еден бренди дизајнер, па така, отсега кога веќе „Шик“ го има својот лик, ревија е повеќе од очекуван чекор највериојатно на некој од следните модни недели кај нас.
Колекцијата ова сезона имаше промоција, најпрво надвор од државава, во шоурумови во Берлин и Софија, а деновиве и на новогодишната поп-ап продавница во „Домиталија“ во Скопје.
– Со „Лудус“, Маја Кироска и Јана Ацевска („Капка“) имавме фантастичен одзив. Тоа ме радува, искрено, зашто сепак постои тој глад за добар дизајн кај нашите купувачи…. На таков помалку алтернативе нацин на презентација.

Созревање под менторство на Ношпал и Деспотовска
Бобан Илиевски е припадник на помладата генерација на дизајнери кај нас. По завршеното средно уметничко училисте во Скопје и студиите на претсижниот „Бурго“ на 21 година стана дел од дизајнерскиот тим на македонскиот бренд „Кара“. Таму работи веќе седум години.
Како негови ментори низ годините се јавуваат етеблираните креатори Александар Ношпал и Христина Деспотовска. Тие играат круцијална улога во созревањето на Илиевски како дизајнер. Во изминатите две и пол години паралелно го гради брендот „Шик андеркавер“ со помалку алтернативен пристап во јавноста како еден вид експеримент кај нашата модна публика.

Росица Мршиќ есен-зима 2012/2013

22 Дек

02


Женственост во 3Д-фустани

Ана Несторовска
Фото: Билјана Ќосева

Објавено на 21. декември 2012 во „Антена“  („Дневник“).

Ова беше доста динамична и плодна работна година за познатата модна дизајнерка Росица Мршиќ. Таа со секој нареден проект поставува нови и повисоки цели, а тие што ги зацрта изминатите 12 месеци беа реализирани. На пролетното и на есенското издание на Модниот викенд-Скопје претстави две сезонски колекции, како и една мини-линија на почетокот на 2012. Во меѓувреме имаше ангажман како предавач на школата по моден дизајн на „Евро Балкан“, и беше во постојан контакт со своите клиенти. На последното издание на Модниот викенд одушеви со колекцијата за сезоната есен-зима 2012/2013 за која деновиве изработи фотосесија со Билјана Ќосева и моделите : Маргарида од агенцијата Best Models од Португалија, и нашата Наташа. Секогаш трагајќи по уникатна, истовремено модерна и вонвременска нишка во своите линии, Мршиќ прерасна во една од најпрепознатливите имиња на нашата модна сцена. Така, креациите од новата колекција се дефинирани со Кандински-геометријата, флоралните ориентални форми и руски фолклорни мотиви.

-Вообичаено, потребни ми се повеќе елементи за да ја заокружам темата и идејата за секоја колекција. Не сакам општи теми, ме интересира правење спој од сегменти кои ми го влечат вниманието, кои нудат можност за истражување и анализирање-вели таа.
06
Фасцинацијата од архитектурата и уметноста
Кај нејзините модели забележлива е фасцинацијата од архитектурата и уметноста. Мотиви од разни артисти, нивни дела и зданија може да се забележат во креациите низ годините.
-Мојот пристап и начин на градење на секое парче облека е архитектонски, а неизбежно е тоа да се поврзе и провлече низ инспирацијата. Сакам чисти линии, нови форми, интригантни детали, удобна облека, автентична облека која не трае една сезона, добар крој… Без историја не може да ја движиме идејата напред, навраќањето кон минатото ни овозможува да знаеме како можеме да ја оформиме и дадеме нов, различен карактер на постоечката форма-вели дизајнерката.
Иако нејзините креации комуницираат со трендовите и тоа што допрва ќе се носи, сепак, во основата секогаш се навраќаат на формите и кројот специфичен за некои минати декади. Ски-облеката од 70-тите пак, беше мотивација на колекцијата за претходната зима… А, моделите од новата колекција се инспирирани од силуета од 60-те години на минатиот век.
-Секоја колекција се темели на аспирации за разработување на идеи во дадено време. Навраќањето кон одредени модни декади е веројатно мојата аспирација која често се провлекува низ колекциите, а има поврзаност со желбата да ги поврзувам сеќавањата од минатото и сегашните доживувања.
Во изборот на боите и шарите секогаш е умерена, а најчесто ексеприментира со формата, и деталите. Овој пат моделите се издвојуваат со шарените околувратници и со повеќедимензионалните здолништа.
-Иако сум љубител на умерени тонови, понекогаш ми се допаѓа да создадам монохромно парче облека во јарка боја. За мене формата е предизвик, а таа најдобро се постигнува кога е изработена во црна боја. Оваа колекција е создадена со идеја да се разработуваат 3Д-форми кои го обвиваат телото, а истовремено му даваат женствен изглед и нагласуваат одредени делови, а ефектот се постигнува со напластување на парчиња од материјал. Додатоците се состојат од принтани повеќебојни графички решенија, аплицирани на околувратни ланчиња и крагњи. Целата колекција е изработена од природни материјали, а мал дел е мешавина од волна и полиестерски влакна.

Желбата за споделување на искуството
Изминатите неколку сезони креираше хулахопки и чорапи за македонскиот бренд „Санда“.
-Соработката со „Санда“ овозможи пласирање на широко достапен моден дизајнерски производ, кој е новина на македонскиот пазар. Оваа сезона, имиџот на колекцијата не дозволуваше дополнување со дизајнирани хулахопки, но производите од претходните сезони с` уште се продажни и достапни на пазарот.
Иако најчесто дизајнира сама, сепак има остварено и некои соработки, како на пример со уметникот Глигор Кузмановски, кој го направи накитот во нејзините две претходни колекции. Открива дека „одлучувачкиот фактор за да се оствари една ваква дизајнерска конекција е желбата да се сподели искуството, да се создаде различен аспект на разработка на идеја и производ кој носи поинаков печат од сопствениот“.
Росица е дел од професорскиот тим на школата по моден дизајн на „Евро Балкан“, заедно со својот колега-дизајнер Никола Ефтимов. Досега одржаа три курсеви, на кои имаа добар интерес и се задоволни од сработеното. Дел од нивната работа имаа можност да презентираат на моден настан, што за Росица претставувало посебно задоволство. Повеќе години таа предаваше и на „Академија Италијана-Скопје“ (до нејзиното затворање), а претходно и во Бангкок. На прашањето дали ~ недостасуваат овие нагажмани вели:
-Убаво е чувството кога сопственото искуство и знаење може да се сподели, размени и надогради. Прекинот на овој ангажман за мене значеше поголема посветеност кон креирањето на сопствените колекции и активно работење на нивно пласирање.
Во меѓувреме се пробија повеќе нејзини студенти, кои веќе се активни играчи на нашата модна сцена. Мршиќ го следи нивниот развој како дизајнери.
-Ме интересира нивната работа, ме радува секој нивен чекор и развој на професионално ниво. Би ги издвоила сите оние кои активно, упорно и доследно го градат своето име-вели таа.

Облеката треба да биде нослива, но карактерна

Како долгогодишен самостоен креатор, но и како едукатор Мршиќ одличноја знае разликата меѓу авангардниот и костимографски дизајн од една страна и униканоста на секојдневната облека од друга. Речиси сите нејзини модели, иако се уникатни и не се до крај мејнстрим, наоѓаат широка примена кај девојки и жени кои негуваат различни стилови на облекување.
-Верувам дека е тешко да се најде формулата за создавање облека која е авагардна, но истовремено нослива и атрактивна за поширока публика, а да не потсетуваа на парче костимографски дизајн. Верувам дека за тоа е потребно чувство, перцепција и однос, а едукацијата не може премногу да направи. Мојата лична потреба ја поистоветувам со професионалниот став дека облеката мора да биде практична, нослива и доволно карактерна за да овозможи поединецот да ја носи, а не обратно.

Пласман во Софија, Виена и Дубаи

Неколку години со ред колекциите на Мршиќ се продаваат во Софија, Виена, Дубаи…. без измени, но со селекција направена според потребите на пазарот. Со тек на време таа стекна свои редовни клиенти и станала препознатлива во тие градови.
-Очекувано е дека пласирањето на колекции после неколку сезони ќе создадени љубители на одредениот моден израз кој се пласира. Ме радува што во моментов работиме на проширување на пласманот и на две нови места, што за мене претставува големо професионално достигнување-вели таа.