Росица Мршиќ есен-зима 2012/2013

22 Dec

02


Женственост во 3Д-фустани

Ана Несторовска
Фото: Билјана Ќосева

Објавено на 21. декември 2012 во „Антена“  („Дневник“).

Ова беше доста динамична и плодна работна година за познатата модна дизајнерка Росица Мршиќ. Таа со секој нареден проект поставува нови и повисоки цели, а тие што ги зацрта изминатите 12 месеци беа реализирани. На пролетното и на есенското издание на Модниот викенд-Скопје претстави две сезонски колекции, како и една мини-линија на почетокот на 2012. Во меѓувреме имаше ангажман како предавач на школата по моден дизајн на „Евро Балкан“, и беше во постојан контакт со своите клиенти. На последното издание на Модниот викенд одушеви со колекцијата за сезоната есен-зима 2012/2013 за која деновиве изработи фотосесија со Билјана Ќосева и моделите : Маргарида од агенцијата Best Models од Португалија, и нашата Наташа. Секогаш трагајќи по уникатна, истовремено модерна и вонвременска нишка во своите линии, Мршиќ прерасна во една од најпрепознатливите имиња на нашата модна сцена. Така, креациите од новата колекција се дефинирани со Кандински-геометријата, флоралните ориентални форми и руски фолклорни мотиви.

-Вообичаено, потребни ми се повеќе елементи за да ја заокружам темата и идејата за секоја колекција. Не сакам општи теми, ме интересира правење спој од сегменти кои ми го влечат вниманието, кои нудат можност за истражување и анализирање-вели таа.
06
Фасцинацијата од архитектурата и уметноста
Кај нејзините модели забележлива е фасцинацијата од архитектурата и уметноста. Мотиви од разни артисти, нивни дела и зданија може да се забележат во креациите низ годините.
-Мојот пристап и начин на градење на секое парче облека е архитектонски, а неизбежно е тоа да се поврзе и провлече низ инспирацијата. Сакам чисти линии, нови форми, интригантни детали, удобна облека, автентична облека која не трае една сезона, добар крој… Без историја не може да ја движиме идејата напред, навраќањето кон минатото ни овозможува да знаеме како можеме да ја оформиме и дадеме нов, различен карактер на постоечката форма-вели дизајнерката.
Иако нејзините креации комуницираат со трендовите и тоа што допрва ќе се носи, сепак, во основата секогаш се навраќаат на формите и кројот специфичен за некои минати декади. Ски-облеката од 70-тите пак, беше мотивација на колекцијата за претходната зима… А, моделите од новата колекција се инспирирани од силуета од 60-те години на минатиот век.
-Секоја колекција се темели на аспирации за разработување на идеи во дадено време. Навраќањето кон одредени модни декади е веројатно мојата аспирација која често се провлекува низ колекциите, а има поврзаност со желбата да ги поврзувам сеќавањата од минатото и сегашните доживувања.
Во изборот на боите и шарите секогаш е умерена, а најчесто ексеприментира со формата, и деталите. Овој пат моделите се издвојуваат со шарените околувратници и со повеќедимензионалните здолништа.
-Иако сум љубител на умерени тонови, понекогаш ми се допаѓа да создадам монохромно парче облека во јарка боја. За мене формата е предизвик, а таа најдобро се постигнува кога е изработена во црна боја. Оваа колекција е создадена со идеја да се разработуваат 3Д-форми кои го обвиваат телото, а истовремено му даваат женствен изглед и нагласуваат одредени делови, а ефектот се постигнува со напластување на парчиња од материјал. Додатоците се состојат од принтани повеќебојни графички решенија, аплицирани на околувратни ланчиња и крагњи. Целата колекција е изработена од природни материјали, а мал дел е мешавина од волна и полиестерски влакна.

Желбата за споделување на искуството
Изминатите неколку сезони креираше хулахопки и чорапи за македонскиот бренд „Санда“.
-Соработката со „Санда“ овозможи пласирање на широко достапен моден дизајнерски производ, кој е новина на македонскиот пазар. Оваа сезона, имиџот на колекцијата не дозволуваше дополнување со дизајнирани хулахопки, но производите од претходните сезони с` уште се продажни и достапни на пазарот.
Иако најчесто дизајнира сама, сепак има остварено и некои соработки, како на пример со уметникот Глигор Кузмановски, кој го направи накитот во нејзините две претходни колекции. Открива дека „одлучувачкиот фактор за да се оствари една ваква дизајнерска конекција е желбата да се сподели искуството, да се создаде различен аспект на разработка на идеја и производ кој носи поинаков печат од сопствениот“.
Росица е дел од професорскиот тим на школата по моден дизајн на „Евро Балкан“, заедно со својот колега-дизајнер Никола Ефтимов. Досега одржаа три курсеви, на кои имаа добар интерес и се задоволни од сработеното. Дел од нивната работа имаа можност да презентираат на моден настан, што за Росица претставувало посебно задоволство. Повеќе години таа предаваше и на „Академија Италијана-Скопје“ (до нејзиното затворање), а претходно и во Бангкок. На прашањето дали ~ недостасуваат овие нагажмани вели:
-Убаво е чувството кога сопственото искуство и знаење може да се сподели, размени и надогради. Прекинот на овој ангажман за мене значеше поголема посветеност кон креирањето на сопствените колекции и активно работење на нивно пласирање.
Во меѓувреме се пробија повеќе нејзини студенти, кои веќе се активни играчи на нашата модна сцена. Мршиќ го следи нивниот развој како дизајнери.
-Ме интересира нивната работа, ме радува секој нивен чекор и развој на професионално ниво. Би ги издвоила сите оние кои активно, упорно и доследно го градат своето име-вели таа.

Облеката треба да биде нослива, но карактерна

Како долгогодишен самостоен креатор, но и како едукатор Мршиќ одличноја знае разликата меѓу авангардниот и костимографски дизајн од една страна и униканоста на секојдневната облека од друга. Речиси сите нејзини модели, иако се уникатни и не се до крај мејнстрим, наоѓаат широка примена кај девојки и жени кои негуваат различни стилови на облекување.
-Верувам дека е тешко да се најде формулата за создавање облека која е авагардна, но истовремено нослива и атрактивна за поширока публика, а да не потсетуваа на парче костимографски дизајн. Верувам дека за тоа е потребно чувство, перцепција и однос, а едукацијата не може премногу да направи. Мојата лична потреба ја поистоветувам со професионалниот став дека облеката мора да биде практична, нослива и доволно карактерна за да овозможи поединецот да ја носи, а не обратно.

Пласман во Софија, Виена и Дубаи

Неколку години со ред колекциите на Мршиќ се продаваат во Софија, Виена, Дубаи…. без измени, но со селекција направена според потребите на пазарот. Со тек на време таа стекна свои редовни клиенти и станала препознатлива во тие градови.
-Очекувано е дека пласирањето на колекции после неколку сезони ќе создадени љубители на одредениот моден израз кој се пласира. Ме радува што во моментов работиме на проширување на пласманот и на две нови места, што за мене претставува големо професионално достигнување-вели таа.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: