Моден фокус на урбаните херојки

8 Jun


Младата модна фотографка Лепа Георгиевска, која соработувала на промотивните сесии на дизајнерот Јован Петровски и на фирмата Ludus Loves fashion, во клубот “Дамар” претстави серија дела посветена на упорниот дух на младите жени од современото општество

Упорните млади жени кои сами се снаоѓаат во светските метрополи се во центарот на младата модна фотографка Лепа Георгиевска, која деновиве во локалот “Дамар” во Старата скопска чаршија ја претстави својата изложба “Урбани хероини”.
– Серијата фотографии е посветена на упорниот дух на младите жени од современото општество. Тие се како млади дрва незаштитени, изложени на сите влијанија. По одредено време се претвораат во еден вид мали монструми. Сепак, овие фотографии се модни и идејата е да се претстават девојките во тематски костими за капење. Тие се четири херојски лика од нашиот живот: Жената на Франкенштајн, Невестата-костур на Тим Бартон, Покахонтас и Ева – вели Георгиевска.
Најголема пасија е портретирањето луѓе. Се врзува за некои ликови кои ги избира интуитивно.
– Истото важи за изборот на модели, кога се работи со агенција, девојките се избираат по изглед и изборот е секогаш индивидуален. Во Скопје изборот на модели најчесто го прави дизајнерот, според неговата визија. Некогаш може за тоа заеднички да се продискутира – вели Лепа.

Фасцинирана од модата
Таа отсекогаш била фасцинирана од модата. Ја смета за еден од најпрестижните човечки достигања. Вели: “Луѓето се разликуваат од другите видови по тоа што се облекуваат, а изборот на облека е индивидуален и зависи од разни фактори, но тој е имедијатен, директен веднаш зборува за карактерот на човекот”.
Ова не е прва изложба на Лепа. Минатата година се претстави на првото издание на Модниот викенд – Скопје, следеше групната изложба на тема “табу” во Културниот центар ЦК. Досега има соработувано со неколку наши дизајнери и модни брендови како Јован Петровски и Ludus Loves Fashion, кои по својот стил се слични – авангардни и концептуални. Иако тој стил е близок, за неа поважно е да има разбирање со дизајнерот.
– Некогаш најкреативните работи излегуваат кога креаторот или стилистот си ја работи својата работа, а јас мојата, и си веруваме еден на друг. Лесно прифаќам идеи, таква сум по карактер, мошне отворена, не ми се чудни, ниту ми пречат какви било барања – вели фотографката.

Инспирација од уметниците
Освен ангажмани за каталози и колекции има искуство со портретирање уметници и актери. Најпозната личност досега е нејзин другар од Италија, Андреа Пичирило, кој работи на националната телевизија “Раи уно” и е медиумски позната личност.
Инспирација црпи од себе и од луѓето околу неа. Темата на работите што ги прави секогаш ја поврзува со нејзиниот живот во моментот или моментните размислувања.
– Имам многу личности од уметноста што ме инспирираат. Во моментов многу ме мотивира работата на Рајан Мекгинли, Чедвик Тајлер, Марина Хогланд Иванов, Ванеса Бикрофт, Сем Тејлор Вуд и Марина Абрамович – вели таа.
Во ноември оваа година ја очекува изложба во галерија во Штутгарт, Германија и во моментов ја разработува идејата. Се надева и на соработка со повеќе македонски дизајнери.
Изложбата во “Дамар” е од продажбен карактер, а ќе може да се погледне до 20 јуни.

Школувана на фотографски институт во Милано
Лепа е родена во Скопје, каде што живее во моментов. Се школувала на фотографски институт во Милано, во една хип-зона Тортона, што значи многу, бидејќи таму има голем број фотографски студија и модни дизајнери.
– Сите се млади и полни со надеж, енергијата е забележлива и заразна. Меѓу професорите на мојот институт имаше искусни професионалци како Окјомаџико, псевдоним за Џанкарло Мајоки, кој е модерен концептуален моден фотограф, Ангела Мадесани, познат историчар на уметноста и на фотографијата и Марија Виторија Бакхаус – моден фотограф.

Ана Несторовска
објавено во “Дневник” на 04.06.2011

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: