Модна работилница што го освои Балканот

10 Nov
by: Ана Несторовска
Објавено на 06.11.2010 во “Викенд” (“Дневник”)
Фото: АД фотографи
Ако некогаш авангардната мода и креациите со необичен, театрален крој беа привилегија и беа препознатливи за музичките и актерски ѕвезди, денеска е тренд што го применуваат “обичните” луѓе. Благодарение на големото влијание на стилот на мегаѕвездите, како Мадона, Лејди Гага и Ријана, пазарот го преплавија модели со нагласени волумени и форми, необични бои, несекојдневни споеви на материјали. На отворањето на неодамна одржаниот Моден викенд-Скопје, во просториите на галеријата “Мала станица”, со моден перформанс се претстави српската групација “Белград воркшоп”. Иако навидум е алтернативен моден бренд, во својата земја важи за мејнстрим и неговата мода е употреблива во секојдневниот изглед на девојките и жените во Белград. Милан Зејак, главниот дизајнер на овој релативно нов, но успешен балкански бренд, беше меѓу гостите на Модниот викенд.
– Изненаден сум од добрата реакција на присутните во “Мала станица”. Македонците ја разбираат и ја препознаваат нашата мода. Ова ни е прво гостување со овој проект во вашата земја и задоволни сме од приемот -вели Зејак, кој има македонско потекло.

КОМЕРЦИЈАЛЕН БРЕНД
Екипата на “Белград воркшоп” дојде во нашата метропола по презентациите во Љубљана и на Модната недела во Атина.
– На нашето претставување во Словенија поминавме многу успешно. Не ни очекувавме дека нашиот моден израз толку добро ќе помине. Словенците се отворени за нашите креации. За разлика од Љубљана, во Атина бевме доживеани како авангарден бренд – вели Зејак.
Сопственичка на етикетата е Александра Велимировиќ-Јанакиевски, а покрај Зејак во тимот се и дизајнерките Марија Тркуља и Јелена Стојачковиќ-Ѓуриќ. Идејата за “Белград воркшоп” се развила уште кога креаторите биле студенти, во 2003-2004 година, но поради околностите почнале со работа пет години подоцна. Идејата ја зеле од познатиот “Виенски воркшоп”. Придржувајќи се кон правилата на занаетот и уметничките стандарди, успеале од претходно неприменливите и необични креации да создадат практична мода. Денеска е една од најпознатите и најперспективни етикети во Белград.
– Нашите колекции се многу барани. Важиме за комерцијален бренд, кој го носат девојки и жени што преферираат различни стилови и се од повеќе генерации – вели тој.

СПОЈ НА РАЗЛИЧНИ ДИЗАЈНЕРСКИ ИЗРАЗИ
Моделите се меѓу функционалното и артистичкото. Во Скопје се претставија со неколку креации во бело-беж боја со интересни форми, со нагласени делови и исечоци. Дизајните ги носеа манекенки, кои позираа пред фотоапаратите. Беа изложени и други модели и модни детали.
Брендот спојува дизајнери со различен сензибилитет. Зејак го застапува класичниот и функционален стил, Тркуља им дава романтичен шмек на моделите, а Стојачковиќ-Ѓуриќ има свој бескомпромисен, уличен стил, што ги прави креациите поурбани.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: