Интервју со Елена Спасовска

13 Апр
ВИТЕШКИ МОДЕН ПОХОД ВО ЕВРОПА
Ана Несторовска
Фото: Предраг Тасевски
објавено во Викенд (Дневник) на 10.04.2010

Во време кога парите, славата и моќта се најголеми идеали во општеството, младата дизајнерка од Куманово, Елена Спасовка, преку модата се обидува да ги оживее старите вредности на витезите со романтични идеали. Тргнувајќи од фактот дека во вакви услови сите вредности на мажот-витез се преобразени во функција на жена, која е способна сама да ги остварува своите романтични желби, таа направила уникатна, авангардна и витешка колекција.
– Жената станува Дон Кихот во општеството на симулации и е подготвена да најде свој уникатен пат во деконструираното опкружување на постмодерното постоење. Со оваа преобразба таа доживува момент на иницијација и станува жена-херој – вели младата креаторка, која деновиве во концептуалната продавница “Лудус” во Скопје ја промовира својата колекција пролет-лето 2010, наречена “Романтична потреба од жена-херој”.

СТИЛИСТ ВО ШПАНИЈА
Спасовка е ново име на македонската модна сцена, дипломирала моден дизајн на Националната уметничка академија во Софија. По две години на Филолошкиот факултет, на кој учела француски и шпански јазик, се запишала на магистратура во Шпанија. Во супериорната школа за дизајн во Барселона освен магистерски степен, добила и искуство како стилист за неколку модни магазини, за модната ревија на “Антик Батик”, како и за концертот на Џулиет Луис. Во 2008 работела како стилист во шоу-румот на Хелена Хернандес како стилист за “Гес”, Томас Сабо и Ферли.
– Во Барселона почнав да го оформувам и својот бренд. Во почетокот колекцијата се продаваше во бутикот за млади дизајнери “Нанас” во познатиот монденски центар на Барселона – Грасија, а подоцна имав и претставување во шоу-румот на Јулија Кап.
Откако пред една година се врати во Македонија, продолжи со соработката со “Нанас”, а пред неколку месеци почна и да изложува и во “Лудус”. Досега се има претставено со две колекции. Вели дека засега е задоволна од одзивот и промоцијата во Скопје.
– За “Лудус” дознав случајно од еден пријател и бев многу пријатно изненадена од професионализмот и оригиналниот начин на презентација на младите уметници. Уште со првата колекција бев одлично прифатена и охрабрена од медиумите и од клиентите, па затоа, за краток период следува и моето второ претставување тука. Мислам дека ваква концептуална продавница е одлична можност еден млад дизајнер да се претстави и да ги пласира своите дела во јавноста.

ПОВОЛЕН ПАЗАР ЗА АВАНГАРДНА МОДА
Во колекцијата “Романтична потреба од жена-херој” се забележува влијание од витешките костими и нивните форми и бои приспособени на женските тела. Доминантна е црната боја, а застапени се и металните нијанси. За палтата користи екокожа, а за останатиот дел од колекцијата: памук, свила и волна. Во некои делови има и детали изработени со композиции од нитни. Елена смета дека жените повеќе немаат потреба да се докажуваат пред мажите, а избрала нејзината хероина во колекцијата да биде витез, бидејќи смета дека е доволно силна да се бори за остварување на своите желби.
– Колку и да се оградуваме од своите лични чувства и приватни борби, тие сепак наоѓаат одраз во тоа што го работиме – вели таа.
Нејзиниот стил на креирање се поклопува со светските трендови, но кај нас авангардата с$ уште е маргинализирана и реткост се дизајнери што комплетно се посветени на создавањето модели во рок, панк, метал или готик-стил.
Дизајнерката верува дека и кај нас авангардата секогаш си наоѓа своја публика.- Ако оваа сцена тука е поврзана со супкултурата и алтернативната музика, тогаш пазарот кај нас е многу голем. Во последната колекција, иако може да се забележи големо влиание на модата и на алтернативната музика од 80-тите, се чувствува и нов урбан звук на нашето време. Се обидувам да оставам свој печат на секој модел, тие може да предизвикаат различни емоции, па дури и зачуденост и предрасуди, но с додека не предизвикуваат рамнодушност, ќе знам дека сум на вистинскиот пат. Уметноста не треба да трпи компромиси и никој не треба да го прави тоа што не го сака. Само на тој начин уметничкиот израз ќе остане искрен и чист

ПРОМОЦИИ ВО СКОПЈЕ, СОФИЈА И ВО БАРСЕЛОНА
Моделите се наменети за силни жени, свесни за својата сила, но и за вистинските вредности. Нејзините модели, покрај во “Лудус”, ќе може да се најдат и на дизајнерската изложба “Соседски приказни” во Софија во шоу-румот за современ дизајн “Иван Асен 22”, на која ќе учествуваат и дизајнери од Србија, Романија и од Бугарија.
Летната колекција, пак, ќе биде премиерно претставена во Барселона.
Изминатиов период постојано е на релација Скопје-Куманово-Софија.
– Од неодамна ја обновив врската со Бугарија, па се надевам дека оваа соработка ќе продолжи. Би сакала да се движам на повеќе релации бидејќи соработката со другите земји дава многу можности, а со самото тоа воспоставувам и нови контакти и запознавам нови луѓе. Смета дека на Скопје му недостига сериозна модна сцена, на која би можеле да се претстават млади дизајнери.
– Но, сепак, забележувам дека има напредок и се надевам дека во иднина ќе може да ги презентираме своите модели во едно такво опкружување. Што се однесува до презентациите надвор од земјава, засега сум задоволна.
Открива дека во иднина би сакала да работи во Македонија за да вложи во подигнување на нашата модната сцена на повисоко ниво и да ја доближи поблиску до уметноста, а не до занаетчиството.

ВО МОДАТА ПОРАДИ ВИВИЕН ВЕСТВУД
Вели дека нема идоли меѓу светските и домашните модни креатори бидејќи се обидува да не идеализира.
– Не сакам да создадам култ околу никој, иако постојат многу дизајнери што заслужуваат почит за нивните достигнувања и успеси. Но, ако треба да издвојам некој креатор, тогаш тоа е Вивиен Вествуд, која беше една од причините поради кои се одлучив за модниот дизајн.

ИСТОРИСКИТЕ КОСТУМИ – ПОЈДОВНА ТОЧКА
Креациите на Спасовска се модерни, но со видлива потрага низ историските костуми. Вели дека не ги сака строгите дефиниции на дизајнерскиот израз, пред с за да го одбегне етикетирањето.
– Сакам да ја задржам урбаноста во своите колекции и постојаната потреба од промени. Костумите од минатото секогаш ќе ги имам како појдовна точка “бидејќи не само што се сведоштво на едно време туку и на еден народ, култура и идеологија”.
Сепак, таа се труди да ги следи трендовите. Во зависност од актуелната мода ги избира и темите на кои работи, а изборот на материјалите и формите се наметнуваат сами откако ќе почне да ја создава колекцијата.

Напишете коментар