Лидија Георгиева – колекција пролет-лето 2010

18 Мар
Македонската модна креаторка што живее и работи во Париз, Лидија Георгиева, деновиве ја промовира својата колекција пролет-лето 2010. Во новата женска линија има фустани, туники, куси здолништа, елечиња, палтенца и блузи. Креациите се збогатени со принтови, рачно везени парчиња и со карнери.
– Колекцијата е создадена во малку поинакви услови, поради измени во распоредот на работа што морав да ги направам минатата есен. Речиси целосно е изработена во Париз. Се водев од потребата да го заокружам големиот циклус на креативно откривање во последните десет години. Ова е последниот дел од трилогијата на колекции почната лани со „Во бранови“ и „Во звуци“. Последниов, трет дел, е наречен „Во етерот“ – вели креаторката.
Како и во претходните колекции, дизајнерката е во апстрактна истрага по формите и волуменот, со употреба на нејзините добропознати принтови – големото крило и папратот. Насловот на колекцијата бил наметнат од околности во кои се нашла без своја волја.

– Кога ги создавав моделите, во исто време се обновуваше фасадата на зградата во која се наоѓа моето ателје во Париз, па прозорците беа постојано отворени, иако беше есен. Бев завиткана со едно големо ќебе и единствен контакт со надворешниот свет ми беше радиото. Така, главна инспирација додека работев ми беше музиката што одеше во етерот.

Во изработка на колекцијата се користени материјалите: бамбус, свила и памук. Од боите, застапени се бисерносива, ванила, карамел, преку металносини тонови, а кај вечерните модели црна, неколку нијанси на сината и сивата боја, надополнети со црни и бели везови.

На 22 април Георгиева со фотографката Ива Димеска ќе има изложба во мултимедијалниот центар „Мала станица“ во Скопје.

– Повод е двоен јубилеј. Јас прославувам 10 години презентирање независна колекција на Париската модна недела, како и продажба на истата во дизајнерските бутици во светски рамки, а Ива Димеска одбележува деценија професионална работа како фотограф. Формата на изложбата сакаме да биде изненадување, а содржината е фузија на нашата работа, респективно – вели Георгиева.

by: Ана Несторовска Објавено во “Дневник” на 18.03.2010

Напишете коментар