Интервју со Јасмина Главинчевска

13 Mar

ЖИВОТИНСКО ЦАРСТВО ОД МОНИСТА

By: Ана Несторовска

Објавено во Викенд на 13.03.2010











Mорски и самовилски коњчиња, пеперутки, бубамари, слончиња, жаби, желки, гуштерчиња и цветови изработени од мониста во боја се создаваат во работилницата на младата креативка од Охрид, Јасмина Главинчевска. Со своите дела побуди голем интерес на годинашниот Осмомартовски базар на ракотворби во Домот на АРМ во Скопје. Се претстави со неколку вида накит: обетки, брошеви, приврзоци, синџирчиња, белезици изработени од мониста, во форма на секакви видови животни и инсекти.

– Многу ги сакам сите творби на природата. Ме одушевуваат со формите, боите, нивната игра, нивните комбинации. На Базарот понудив и накит од охридски каменчиња, со апстрактни форми, кои ги изработувам подолго време. Има и моделите од бакарна и месингена жица и мојата најнова идеја – накит изработен од керамика (глина), рачно цртана со македонски строги геометриски орнаменти, апстрактни или стилизирани, шематизирани зооморфни или антропоморфни.

Главинчевска, која е дипломиран археолог, а сезонски работи како туристички водич, вели дека постојано експериментира во изработката на накит, пробува најразлични техники и медиуми. Работи со мониста, глина, камен, коска и кожа.

БИ ГИ НАУЧИЛА СИТЕ ЗАНАЕТИ

Со изработка на накит почнала спонтано. Вели дека веројатно ја натерал некој природен креативен набој што го носи во гените.

– Кога сум била многу мала со часови сум седела покрај својот дедо додека тој ги создавал своите грнци. Очигледно уште тогаш сум ја научила школата. Курсеви немам посетувано, а доколку имам можност, би ги научила сите занаети. Охрид е лулка на многу занаети: филигран, резба, изработка на накит од охридски бисери… Не би дозволила тие да изумрат. Преку нив ќе се зачува исконското, с што исчезнува во смогот на индустриската, технолошката револуција – вели таа.

Како секое уметничко дело парчињата накит од рацете на Јасмина се раѓаат со приказна. За неа чинот на создавање на едно парче е магичен, трансцендентален процес кога се “исклучува и влетува во некој нов универзум, од каде што енергијата и нервните импулси се претвораат во парче накит, што откако ќе се роди зрачи со убавина и понатаму незапирливо емитира енергија”. Инспирација наоѓа во животинскиот и растителниот свет, од животот, другарствата, понекогаш и во зависност од нивното толкување и симболизам во различни светски верувања и митологии.

– Пеперутките во повеќе верувања (јапонски, старогрчки) се симбол на брзина, активност, среќа, храброст. Формите што произлегуваат од збирот на каменчињата е спонтана игра на бои, облици, која едноставно извира однатре. Македонскиот фолклор е неисцрпна инспирација, ме поврзува со нашата традиција, која сметам дека не треба да се заборави и треба да се негува. Тој во себе задржал траги на прастари форми кои исто така имаат своја симболика и значење – вели таа.

НА МАКЕДОНИЈА И ФАЛАТ КВАЛИТЕТНИ СУВЕНИРИ

Нејзините креации се единствени и гледа да не се повторува во дизајнот. Не го сака сериското производство, а доколку направи иста форма гледа моделот да е со различна боја и големината.

– Понекогаш тешко ја поднесувам разделбата од некое дело. Ми се случило да не се радувам што сум продала некое парче накит. На пример, не се радував кога ми “одлета” првиот пар пеперутки-обетки, но со текот на времето, колку повеќе креирам, знам дека ќе создадам нови, убави и с поубави модели и не ми е криво.

Овој накит најмногу го бараат урбани девојки, но и повозрасни жени со сопствен стил и уметнички дух, кои ја ценат и знаат да ја препознаат оригиналноста. Засега нејзините дела можат да се најдат само на базарите и на нејзината страница на “Фејсбук”.

– Секоја јавна манифестација е голема промоција, отскочна штица

за секој индивидуалец, дизајнер. Се трудам постојано да се надградувам и да се развивам и на тој план. Но со оглед на моите други ангажмани, можеби тоа малку побавно ми оди.

Покрај изработката на накит, таа прави и сувенири, магнети, рачно сликани филџани, копии на некои од артефактите.

– Мислам дека на Македонија недостигаат квалитетни сувенири со стандардна цена, за секој турист. Но во последно време сликата некако како да оди кон подобро.

Интересот за рачно изработен накит зависи од сезоната и поводот. Главинчевска, за разлика од новогодишниот, на Осмомартовскиот базар имала многу поголема побарувачка.

– Само од изработката на накит не може да се живее, но треба трпение и упорност, што за некое време сигурно ќе се исплати. Ретки се тие што знаат да го проценат и ценат уметничкиот труд. Среќа што ние уметниците се задоволуваме со многу малку – завршува таа.


АРХЕОЛОГИЈАТА – ШКОЛА ЗА МОДАТА НИЗ ВРЕМЕТО

Големо влијание врз одлуката да се занимава со изработка на накит имала и нејзината професија, археолог. Благодарение на неа Главинчевска имала можност да дознае повеќе за трендовите на дотерување низ историјата, од праисторијата до средниот век.

– Пред две години, работејќи на локалитетот Плаошник во Охрид, имав среќа да бидам дел од истражувачката екипа која наиде на остатоци од погребаната Млада принцеза (како што беше наречена), која очигледно била од висок социјален ранг во заедницата, која суштествувала на овие простори во железниот период. На себе носеше дијадема, една бронзена белегзија на рацете и две на нозете, две железни очилести фибули и богата појасна гарнитура. Секако, ваквиот контакт со предците ми претставува неисцрпна инспирација.

Покрај тоа што е археолог, таа активно работи и како туристички водич. Вели дека тоа кореспондира со нејзината желба постојано да создава нови пријателства.

– Сакам да имам пријатели во секоја земја од светов, да им раскажувам за нашата богата историја, традиција и да им го покажувам нашето огромно културно наследство што ни го оставиле предците, од кои треба многу, многу да учиме.


Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: