Диско-дива во фискултурна сала

7 Jul


Етикетата „ШИК АНДЕРКАВЕР” препознатлива по својата авангардна идеја, со интензивни бои и шари и смели форми, деновиве ја претстави колекцијата наречена „Во здраво тело здрав фустан“, инспирирана од диско-ерата

„Во здраво тело здрав фустан“ е мотото на четвртата колекција на младиот авангарден домашен моден бренд „Шик андеркавер“. Како и во претходните линии, кроевите и играта со контрастите на боите се приспособени на женското тело, без намера да го изобличува истото. Колекцијата содржи петнаесетина парчиња, најмногу фустани, а има и здолништа, пантолони и блузи.
– И во оваа колекција доминира црната боја, зашто едноставно нашиот пазар го диктира тоа. Многу тешко на нашиот купувач може да му се наметнат колоритни креации, токму поради потребата од сигурна комбинација и поради филозофијата дека с` оди со црно. Па така, додека на светските модни писти се мешаат повеќе принтови, а не само бои, ние срамежливо експериментираме. Сепак, тој мој неизбежен контраст со боја се провлекува и во оваа колекција – вели основачот и главен дизајнер на брендот, кој е познат по тоа што работи анонимно, не откривајќи го својот идентитет. Единствено е познато дека станува збор за млад домашен креатор школуван на престижни колеџи во Фиренца и во Милано.

Инспирација од 70-тите и од 80-тите
За него вечна инспирација е модата од последните неколку децении од минатиот век, каде што турбулентно се менувале трендовите. Појдовна точка за колекцијата му била девојка – диско-дива, чиј имиџ подразбира мини-фустани, светки, глам макси-модели, златен сјај, кич, декаденција.
И во своите претходни колекции прави комбинација на стилот од 70-тите и 80-тите години со актуелната мода. Тоа е експеримент што веќе станува препознатлив за брендот.
– Драго ми е што веќе го препознаваат стилот на „Шик андеркавер“ и уште поважно што како дизајнер сум сфатен. Тоа се децении кога настанала експанзија на културолошко ниво, во многу области. Веројатно зашто практично немало граници, било тоа да се економски било општествени. Се трагало по нови и поинтересни работи, играта со андрогеноста, технологијата, музиката… с` било ново. Се трудам таа естетика да ја претставам низ моите колекции, изменета и адаптирана на сегашноста. Во моите модели се чувствува симбиоза на неколку влијанија што навидум можеби никогаш не сте помислиле дека одат заедно – вели тој.

Креации за силни жени
Силната жена секогаш е во фокусот на оваа етикета. Креациите се наменети за личности што се сигурни во себе и се водат од девизата -„тоа што јас изгледам вака добро е с` ,само не случајност“.
Со оглед на тоа што Скопје во моментов нема концептуална продавница или простор од сличен вид, каде што припаѓаат креации во овој стил, „Шик андеркавер“ може да се најде само во „Петек“.
– Имавме беспрекорна соработка со „Лудус“, кој е веројатно единствениот концептуален простор кај нас, што беше отскочна штица за многу млади дизајнери. Се залагаше за нивниот прогрес – вели тој.
Освен во Скопје, колекциите на „Шик андеркавер“ напоредно се достапни и во Софија, во „Иван Асен 22“, еден од поважните шоу-румови.
Иако отворање свој продажбен салон е еден од приоритетите за во иднина, дизајнерот на брендот вели дека тоа не е нешто во кое би влегувал нагло или барем не сам.

Модни додатоци од Ивана Кнез
Обично во колекциите на „Шик андеркавер” се нудат целосни стајлинзи, комплетирани со модни додатоци. Оваа сезона креаторот решил да ги искористи накитот и чантите од новата колекција на дизајнерката Ивана Кнез.
– Фантастично се вклопија, естетски и временски. Не е случајност што токму таа е двигателот на секоја моја инспирација – вели авторот, чија муза е Кнез.

Сесија со Ана Додевска
Четврта колекција по ред за промотивните фотоматеријали соработува со некогашната манекенката Ана Додевска и со фотографот Жарко Чулиќ. Шминката е на Дарко Мишовски, кој автентично ја долови идејата на авторот за глам-дива. Сесијата е реализирана во фискултурна сала во Скопје. Креаторот вели дека промоцијата на новата колекција е сплет на модата од 70-тите и од 80-тите години со диско глам-девојка во фокусот, која ги владее подиумот и фискултурната сала, како добар потсетник на тоа време.

Ана НЕСТОРОВСКА
Фото: Жарко Чулиќ
Објавено во Дневник на 02.07.2011

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: