Божица Ѓорѓевска отвора ателје во Тетово

9 May

Фото: Ѓорѓи Ристоски

Сакајќи да ја оживеат замрената модна сцена во својот роден град, група млади тетовци, предводени од креаторката Божица Ѓорѓевска, на 11 мај ќе отворат ателје за современ моден дизајн. Во „Ателје Маникино“ ќе биде понуден голем избор на оригинална облека потпишана од дизајнерката.
– Ние сме мал тим од искусни луѓе и посветено работиме на секое парче. Иако во последниве години текстилната индустрија во Тетово е во опаѓање, има поединци со големо искуство и знаење, кои ги најмив како наши надворешни соработници. Нашата цел е да го искористиме сиот тој потенцијал – вели Ѓорѓевска, која се школувала и работела во Рим.
Покрај неа во екипата се моделарите Мирче Стефановски, Божана Тасанова и Трајче Тасанов, а за шиење најмени се Славица Спасовска и Маја Аризанкоска. Ѓорѓевска се јавува како главен дизајнер и се грижи за реализација на креациите од цртеж до готов производ за продажба.

Кројачка кукла
Името на ателјето – Манкино на италијански значи кројачка кукла.
– Првичната намера беше името да биде на македонски. Логото ми беше замислено како торзото – што е основно за моделирање на материјалот. Но, поради недостиг на поим што директно асоцира на кројачката кукла се одлучив за италијанскиот назив – вели таа.
Со отворањето на студиото Божица ќе претстави и нова колекција. Главна инспирација за креациите ~ била еманципираната жена во 20-тите години, која разви вкус за удобна облека со благ андроген акцент, без да се изгуби женственоста. Парчињата се претежно изработени од свила, памук и тенки волнени материјали. Кај некои модели има игра со печатен сатен, мека тантела и свилен жоржет. Користела нежни бои: пастелна розова, виолетова, беж, кафеава и секако, црна и бела.
– Моделите се наменети за сите заинтересирани девојки и жени. Сметам дека добар креатор не мора да прави креации со екстремно високи цени. Сакам клиентите да бидат задоволни, да можат да си дозволат убаво изработена облека со квалитетни материјали – вели Ѓорѓевска, за која ова е трета самостојна колекција.

Отворен ден со клиентите
Иако се школуваше и неколку години работеше во Рим, неодамна одлучи да се врати во Македонија.
– Од административни причини морав да бидам надвор од Италија на шест месеци. Тоа е предолго за обврските што ги имав таму и поради тоа одлучив да останам во Тетово. Во меѓувреме наидов на интерес за мојата работа, а независноста и неограничената креативност се од суштинско значење за секој дизајнер. Така, со голема помош и поддршка од моето семејство се одлучив на овој чекор и го основав ателјето.
Отворањето е замислено како еден цел отворен ден кога сите заинтересирани да ги посетат и да видат како се одвива работата и подобро да се запознаат со работата и можностите на „Ателје Маникино“.

Деби со модели инспирирани од македонскиот фолклор
Божица, која родум е од Тетово, завршила Средно уметничко училиште во Скопје, а има дипломирано дизајн на Академијата за мода и костимографија (Accademia di Costume e di Moda) во Рим. Гледано наназад од својата професионална биографија најмногу се гордее со ревијата во римскиот Аудиториум, каде што за првпат беа прикажани нејзини модели на шоуто, во рамките на Модната недела во Рим во 2006 година се претстави со креации инспирирана од македонскиот фолклор. Втората нејзина самостојна колекција беше за „Фрутини“.

Во Рим созреав
Во Рим почна да работи уште за време на студиите, во оперска трупа како помошник, а по извесно време и како костимограф.
– Со екипата станавме како едно семејство и постојано ме потсетуваат дека ако се вратам во Рим, во операта секогаш ќе има место за мене. Во меѓувреме, хонорарно работев како дизајнер додека не најдов постојано вработување во кинеска компанија што произведува за италијанскиот пазар.
Не можам да речам дека не ми недостига, таму созревав осум години, пораснав, се изградив како личност и креатор. По сето тоа искуство се чувствувам подготвено да застанам на свои нозе и да почнам сама да работам – вели Божица.

by Ана НЕСТОРОВСКА (“Дневник” 07.05.2011)

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: