Футуризмот ми е најголем предизвик

4 Apr


Мистична, транспарентна, моќна и во знакот на бројот девет, е новата колекција на дизајнерката Олгица Ѓоргиева, која во минатата недела се претстави на Модниот викенд во Скопје. Ова е деветта јавна презентација на младата креаторка и затоа линијата ја нарекла „9“. Станува збор за нејзина најзрела колекција, во која прави омаж на својата досегашна работа.
– Бројот девет претставува совршенство, хармонија, перфекција на идејата, и изобилство на талент. Го истражував неговото значење од историски, астролошки, математички, и духовен аспект. Со секое ново откритие бев с` повозбудена и чувствував с` поголем предизвик да работам на оваа тема. Дефинитивната одлука падна кога дознав дека астролошкиот број на мојот животен пат е бројот девет – вели Ѓоргиева.




Елементи од машкиот костим
Во колекцијата повторно му се навраќа на футуризмот, а и целокупниот изглед на манекенките на пистата беше во тој стил.
– Мислам дека во футуризмот сум најцелосна. Најмногу се пронаоѓам во него. Чувствувам најголем предизвик и возбуда за работа. Иако се авангардни, во принцип моите креации се носливи. Но, сигурна сум дека ќе дојде денот кога ќе можам да работам нешто за пари, а нешто за своја душа – вели таа.
Во линијата застапени се транспарентни материјали, свила, жоржет и памук, како и метални елементи и додатоци. Моделите се во бела, крем, црна и мастило сина боја, со повеќе чисти линии и карактеристични кроеви. Низ цела колекција се провлекуваат елементи од машкиот костим и кошула, во стилизирана варијанта, со која се дава острината.



Врти нова страница
Олгица е задоволна од реакциите по ревијата од публиката и колегите. Открива дека се најпозитивни досега. Таа настапи и на претходните две изданија на Модниот викенд. Вели дека „настанот с` уште е млад и многу кревок и се надева дека ќе има правилен развој во текот на своето растење“.
Од следната линија планира да сврти нова модна страница.
– Време е за промена. Се чувствувам позрело, присебно и свесна сум за се` околу себе. Реална сум и растоварена од т.н. правила на однесување за успех. Со оглед на ова во иднина ќе се потрудам да го извлечам максимумот од себе. Чувствувам единство на мојот разум и мојата душа. За почеток моите идни цели се точно одредени – вели таа.
Креациите може да се најдат со директен контакт со креаторката и во продажбениот простор „Петек“.


Учество на Битолската модна недела
Ѓоргиева во нашата јавност се популаризира најмногу преку ревијата на Модната недела во Битола пред неколку години. Годинава таа повторно најавува учество на оваа манифестација, која ќе се одржи од 13 до 17 април.
– Многу ги почитувам организаторите на тој настан. Тоа се големи ентузијасти, а, пред се`, луѓе. Секогаш ми е драго кога ќе отидам таму. За наредната сезона имам други планови. Сакам да ја презентирам својата работа надвор од Македонија, но на тоа допрва ќе работам – вели таа.

Ана НЕСТОРОВСКА
Фото: Skopje Street Style
“Дневник” 02.04.2011


Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: