Мери Радончиќ промовира деби-колекција

30 Dec


Младата дизајнерка Мери Радончиќ деновиве ја промовира својата прва колекција, која содржи 25 креации. Линијата е нејзина дипломска работа. Таа неодамна заврши на познатата „Академија ди костуме е ди мода“ во Рим. Вели дека четиригодишното студирање во Италија било големо искуство, растење и созревање за неа. При изработката на моделите ги искористила знаењата стекнати на школата.
– Во изработката на креациите применив техника на драпирање, нафалтирање и некои нови облици на превиткување на ткаенината. Се гордеам со својата прва колекција, пред с` зашто комплетно сама ја изработив, од скици, избор на материјали, моделирање, кроење, шиење и пеглање – вели Радончиќ.
Моделите се изработени од природни материјали, а наместа се користени тантелата и плетеницата. Доминираат крем-бојата и сите посветли и потемни тонови од истиот спектар. Колекцијата е наменета за девојки и за жени со изграден стил, кои свесно сакаат да се одвојат од униформираната толпа.
– Линијата им ја посветив на дамите со стил и со став, за самосвесни личности што се чувствуваат удобно во својата кожа и облека – вели таа.
Мери е ќерка на нашата етаблирана креаторка Сека Радончиќ. Вели дека со оглед на тоа што покрај себе има моден професионалец како нејзината мајка, морала постапно да ги научи сите фази на дизајнирањето.
– Кај мајка ми нема место за привилегии кога работата е во прашање. И покрај нејзиното големото влијание врз мојата работа, најважно е што таа ја поттикнува и ја почитува мојата различност, а и мојот поинаков естетски сензибилитет – вели таа.
Колекцијата нема да биде претставена со ревија, туку само преку објави во медиуми. Дел од моделите веќе е распродаден.
Ана Несторовска
(објавено во Дневник на 28 декември 2010)


Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: