Драматичен луксуз со бисери

8 Dec

By: Ана Несторовска
Фото: Жарко Чулиќ
објавено во “Викенд”, “Дневник” на 04. 12. 2010

Фасцинирана од машката кошула и од бисерите, модната креаторка и костимограф Ивана Кнез ги трансформирала и споила во уникатни модни детали. Деновиве од нејзината работилница излезе луксузната едиција “Драма премиум”, составена од десет парчиња: јаки, пластрони и манжетни, секое од нив со рачен вез и во црно-бела комбинација.
-Уште во првата година од студирањето во Белград се разви интерес за истражување на моделите на машката кошула. Ме одушеви каква историја стои зад тоа парче од машката гардероба и како спонтано се има инфилтрирано во женскиот ормар. Секогаш ќе ми биде инспирација, и кога ќе бидам во можност, ќе наоѓам начин за повторна изведба – вели Кнез, која има дипломирано костимографија во Србија, а сега е на постдипломски студии по моден дизајн на Европскиот универзитет.

РЕДЕФИНИРАЊЕ НА ФРАНЦУСКИОТ ШИК
Идејата за линијата постоела околу две години, а во меѓувреме барала начин и материјали за соодветна изведба. Откако набавила памучно платно од Фиренца и бисери, ги реализирала замислите. Кнез и во претходните свои колекции на накит ги употребува бисерите, но овој пат успева најсофистицирано да го редефинира парискиот шик.
– Како и секое мало девојче, првата претстава за тоа како треба да изгледа една жена, јас ја добив од својата мајка, која отсекогаш била средена од глава до петици. Посебно внимание обрнува на модните додатоци и неизбежниот охридски бисер. Цело детство летувањата ги поминував во Охрид, каде што најголем дел од времето стоев “залепена” за излозите на накит. До ден-денес, не се враќам од чаршија со празни раце, мојот најомилен накит е токму од таму. А бисерот како форма, како моден детаљ е неизоставен дел од женската гардероба. Без разлика на стилот што го негува една жена мора во својата кутија за накит да има нишка бел бисер – вели Кнез.
Во колекцијата прави интересна комбинација на парче облека со накит, што функционира како моден додаток. Тоа се совпаѓа со намерата да ги инспирира македонските девојки, повеќе да истражуваат во облекувањето.
-Сметам дека жените кај нас треба малку да се опуштат при комбинирање на гардероба и накит воопшто. Во мојата летна колекција, пораката беше “носи ја својата ‘Драма’, па дури и во кујната”. Забавувајте се со парчињата што ги имате на себе, почувствувајте ја магијата на накитот, бидете женствени каде и да сте, бидејќи тоа е нашиот најсилен адут, нашиот шарм и моќ на заведување, самодовербата. А на неа се работи кога се работи на надворешниот изглед, пред се’ – вели таа.

УНИКАТНА ИМПРОВИЗАЦИЈА НА БИЗНИС ДРЕС-КОДОТ
Колекцијата е наменета за секој ден, првенствено е за дами што негуваат бизнис-изглед, но не сакаат да бидат робови на дрес-кодот.
– Наместо кошула, жените може да си дозволат “луксуз” од црна ролка и една од јаките од “Драма премиум” преку неа. Може да се додадат и манжетните и да се искомбинира со црно здолниште со висок струк и должина на колена, со што ќе го заокружат барањето на соодветниот дрес код – советува Ивана.
Колекцијата ја промовира преку медиумите. Изработи фотосесија со фотографот Жарко Чулиќ, манекенката Јасмина, во студиото на Никола Спасеноски.
Моделите од новата колекција може да се набават преку директна комуникација со креаторката. Нејзините претходни колекции може да се најдат во “Петек” во Скопје. Вели дека наредниот период ќе се фокусира на изработка на колекции на накит и малку ќе паузира со дизајн на облека.
– Овој период сум фокусирана на модели за новогодишните празници, кои ќе бидат многу светкави и ќе им овозможат на девојките да ја истакнат својата убавина во овој празничен период.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: