Интервју со Иван Родиќ (Face Hunter) : Блогерите ја променија модната индустрија

31 Oct
Ана Несторовска
фото: АД фотографи
Објавено на 30.10.2010 во “Дневник”

Своите „жртви“ ги избира инстинктивно, трпеливо, а некогаш му требаат часови за да налета на личност со автентичен стил. Кога ќе забележи интересен поединец, заборава на се’ околу себе и се впушта во мисија да го документира со својот фотоапарат. Во двата дена, колку што престојуваше во Скопје како гостин на Модниот викенд, светски познатиот моден блогер Иван Родиќ, познат и како „Фејс хатнер“, успеа во својата фотомрежа да улови повеќе лица. Некои ги фати во галеријата „Мала станица“, каде што во средата беше отворена изложба на негови фотографии, некои наредниот ден, по промоцијата на неговата книга и предавање, а неколку во концептуалната продавница „Лудус“, каде што имаше забава во негова чест. Иако, поради дождливото време немаше многу услови за фотографирање лица по улиците на метрополата, со својот „канон“ понесе кадри од Скопската стара чаршија, Рузвелтова и од други места.
– Фотографирав интересни личности и ситуации низ Скопје. Забележителна е разликата во стилот и во структурата на луѓето. Мислам дека ќе имам интересни објави од тука. Задоволен сум од приемот и од дружбата со Македонците. Се надевам дека ќе се вратам еден ден – вели Родиќ, за кој Модниот викенд – Скопје е последната модна недела што ја посетува оваа сезона.

ЛОВ ОД БРАЗИЛ ДО РУСИЈА
Приказната за „Фејс хантер“ почнала пред пет години кога Родиќ за Божик добил фотоапарат. Прво ги фотографирал луѓето околу себе, а потоа интересот се развил во ловење интересни ликови од патувањата.
– Имав стотици портрети во својот компјутер и морав нешто да направам со нив. Така, отворив блог на популарната „Блог спот“ – мрежа и почнав да ги објавувам поинтересните. Не очекував дека за толку брзо време блогот ќе се популаризира и ќе прерасне во еден од најпосетуваните – вели блогерот, кој во тоа време работел како копирајтер во маркетинг-агенција.
Набрзо почнал да обавува фотографии во магазини, а само по една година постоење добил покана од Модата недела во Њујорк. Постепено неговото хоби прераснало во професија. Во изминатите години посетил стотици градови, ловел лица од Бразил, па се’ до Русија. Открил многу нови места каде што луѓето се облекуваат многу пооригинално отколку во извиканите модни центри како Милано или Париз.
– За мене, Рејкјавик (Исланд) или пак Копенхаген (Данска) се многу поинтересни. Се одушевив од луѓето што ги сретнав на тамошните улици. Има што да се фотографира во секој град. Кога би избирал меѓу место каде што веќе сум бил и некој непознат град, прво би го избрал новото, поради љубопитноста – вели тој.
За него се интересни луѓето што имаат што да кажат не само преку облеката туку и преку тоа што го прават во животот, нивните размислувања, таленти, хобија и друго.
– Секогаш барам уникатни луѓе, што се свои. Веднаш препознавам кога поединците се нечија копија или не се тоа што го преставува нивната облека. Моите фотографии се нешто меѓу документарец и фикција, пред се’ зашто дел од нив не фотографирани точно на местото каде што сум ги сретнал – вели тој.

ШОУ, КНИГА И ПРЕДАВАЊА
Блогот facehunter.blogspot.com, кој дневно има над 30.000 посети, во меѓувреме се разви во бренд. Под ова име Родиќ направил видео-шоу, во соработка со мрежата „Мај спејс“.
– Во основа „Фејс хантер-шоу“ е краток видеозапис за луѓе со интересно хоби или талент, кои исто така ги имам сретнато на улиците. Проектот паузираше извесно време, но наредната недела во Њујорк ќе ја снимам пилот-епизодата од новите продолженија – вели тој.
Во почетокот на годинава во Париз ја објави својата книга Face Hunter. Книгата доби пофални зборови од критиката. Од неодамна има и своја апликација на ајфон. Благодарение на популарноста и на искуството што го стекнал, денеска Родиќ е чест гостин на разни предавања поврзани со блогирањето и со модата (какво што имаше во рамките на Модниот викенд). Има држено академски предавања на универзитети во САД. Наредниот месец го очекува дебата на колеџот „Беркли“, каде што ќе зборува за промените во модата. Во Скопје одржа дебата за врските меѓу блогирањето и модната индустрија. Негови фотографии денес може да се најдат во светски познатите модни магазини „Ел“, „Вог“, „Космополитен“ и „Џи кју“, а се објавувани во Јапонија, Америка, Данска, Германија и во САД, а имал и колумна и во „Гардијан“.
Покрај „Фејс хантер“, тој го води и блогот yvanrodic.blogspot.com, кој е своевиден дневник и таму објавува репортажи и фотографии и ги отсликува патувањата од повеќе аспекти. Вели дека во иднина повеќе ќе му се посвети на овој блог, а планира да објави книга и од фотографиите што се објавени таму.
На идните модни блогери или на тие што веќе имаат им порачува да бидат доследни на идејата да се фокусираат кон обичните луѓе.
– Тајната е во препознавањето на оригиналноста и во редовното освежување на блогот со содржини. Така ќе го одржувате во живот и ќе бидете во контакт со своите посетители – вели на крајот Родиќ, кој по Скопје замина на неколкудневен престој во Лондон. Наредната недела овој светски патник заминува на отворање на својата изложба на фотографии во Њујорк.

Обичните луѓе ја диктираат модата
Пред ерата на интернетот модните трендови беа диктирани исклучиво од влијателните модни уредници и магазини. Со отворање на различните модни портали, блоговите и социјалните мрежи се децентрализира моќта. Денес поединците може да се информираат и сами да влијаат врз создавањето на трендовите.
– Сега, обичните луѓе, преку својот стил ги одредуваат трендовите. Блоговите овозможија еден вид глобализација на модата, се бришат разликите што порано беа видливи и се врзуваа со припадноста на некоја нација, место на живеење или музиката што се слуша. Сега луѓето можат да изберат како ќе изгледаат, со стил што ќе биде спој од повеќе. Се создаде нова, креонска култура и се надминуваат стереотипите – вели тој.
На прашањето дали стилските блогови ги убија магазините, Родиќ вели дека продажбата на модни весници не е нарушена од блоговите.
– Тоа е медиум на новата генерација. Лесната достапност и свртувањето кон обичните луѓе ги прави блоговите попопуларни и повлијатели – смета тој.

Струмица во идните планови
Родиќ е роден во Швајцарија, каде што сега живее поголемиот дел од неговото семејство. Неговата мајка е Швајцарка, а татко му е Србин, кој во случаен сплет на околности на свет дошол во Струмица.
– Се надевам дека еден ден ќе го посетам градот каде што е роден мојот татко, иако и тој му се нема многу навраќано во животот. Не успеав за време на ова мое кусо гостување во Македонија поради набиената агенда и обврските на Модниот викенд, но верувам дека еден ден ќе се најде на мојата мапа – вели Родиќ.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: