Нова мода инспирирана од минатото

30 Oct

by Ана Несторовскa
објавено во “Дневник” на 29.10.2010

 

Колекции инспирирани од 50-тите, 60-тите, 70-тите и од 80-тите години на минатиот век, како и мотиви од барокот, ќе може да се видат на ревискиот дел на есенското издание на Модниот викенд – Скопје, што ќе почне денеска во 19 часот во салонот на „Ауди, Порше“. На програмата се претежно нови дизајнерски имиња. Вечерта ќе ја отвори проектот на „Пелистерка“, во кој десет студенти од три високи школи за мода во Македонија создадоа модели инспирирани од новиот дизајн на шише од оваа фирма. Ќе може да се погледнат модните решенија на идните креатори: Мелани Димитрова, Јулија Гичевска , Мите Занов, Орнела Јордановска, Елена Прцуловска, Ксенија Котева, Викторија Арсовска, Маре Трајковска, Андреј Ѓорѓиевски и Алмир Ибраим. Ревијата е од награден карактер, а за најдобриот дизајн ќе одлучи стручно жири раководено од познатиот креатор Ненад Секирарски.
Следна е ревијата на модната марка“ Стилисимо“ што неодамна се појави на македонскиот пазар. Ова ќе биде прво јавно претставување на брендот, зад кој стои модната водителка Цаци Паковска и нејзината бизнис-партнерка Тања Панделеска.
– Ќе се претставиме со надградена верзија од нашата прва колекција. „Стилисимо“ е бренд со пристапни цени и квалитетни материјали – нешто што му недостигаше на овој пазар. Наменет е за девојки и жени со изграден стил. Се надевам дека нашите модели ќе бидат добро прифатени – изјави Паковска на прес-конференцијата на Модниот викенд.
По нив е ревијата на Елена Лука , која ќе понуди раскошна колекција инспирирана од дамскиот костим во 16 век, наречена „Урбан барок“.


ВЛИЈАНИЕ НА МУЗИКАТА ОД 70-ТИТЕ И ОД 80-ТИТЕ
Близначките Елена и Емилија Давиткови, кои работат под името „Дума“ ќе ја отворат втората вечер (сабота) со колекцијата The Beginning Of Modern-Day Gomorrah – инспирирана од најпопуларните вечерни забави во 70-тите и раните 80-ти години.
– Појдовна точка ни беше времето на познатото „Студио 54“. Тој локал го сменил начинот на кој луѓето се забавувале. На едно место собирал славни уметници и ексцентрици, што беше предизвик за нас. Колекцијата содржи впечатливи модели наменети за вечерни излегувања. Тие даваат андроген и смел секси изглед – велат тие.
По нив е талентираниот дизајнер Роберт Ивановски, кој веќе се наметна на модната сцена со својот готски имиџ. Овој пат инспириран од 80-тите години ќе се претстави со колекција наречена „Р“. Како и на претходното издание на Модниот викенд нуди модели во доминантна црна боја.
– Станува збор за младешка урбано-бунтовничка колекција за двата пола. Инспирација ми беше музиката и готската супкултура од 80-тите години, како и смелиот и експериментален начин на облекување на младите од тој период. Застапени се разновидни форми и материјали: памук, плетенина, еко-кожа и друго. Доминираат кожените реси и металните нитни како главни детали – вели Ивановски.
Вечерта ќе биде заокружена со колекцијата на креаторката Олгица Ѓоргиева, која е поддржана од „ХП“. Линијата е наречена „Нешто лично“ и е составена од 20-ина парчиња, во кои има применето техника на рачна доработка.
– Моделите се уникатни, моќни, енергични и се наменети за личности со силен карактер, свесни за себе и за своето место во средината. Ја задржав, за мене, препознатливата чиста форма, облагородена со детали или со некоја доработка на материјалите – вели Ѓоргиева.

МРШИЌ ЗА ФИНАЛЕ НА МОДНИОТ ВИКЕНД
Ревиите в недела ќе почнат со тандемот Тања Кокев и Мила Кадриу. Во новата колекција ги задржуваат едноставните форми на свечените фустани и венчаници, со акцент на квалитетни и луксузни материјали.
– Овој пат нема да понудиме вообичаени, бели венчаници, туку тоа ќе бидат модели со нежни тонови. Тоалетите, пак, ќе се движат од светлобеж до темномаслинеста боја. Заедничка нишка во целата колекција е плетенката – изјави Кокев.
Програмата продолжува со дизајнерката Александра Митковска, која ќе одржи мини-ревија со модели во авангарден стил – препознатлив за неа.
– Се обидувам да го спојам конвенционалното и авангардното, нешто што ќе внесе малку енергија во тмурните зимски денови. Во однос на досегашните колекции оваа ќе одговара за секојдневна употреба.
Инспирацијата ја најдов во независната жена. Застапени се природни материјали – 100-отстотна волна и кожа. Ќе понудам капути, панталони и здолништа – вели Митковска.
Модната недела ќе биде затворена со ревија на познатата дизајнерка Росица Мршиќ. Колекцијата, чиј работен наслов е Different View, има 25 парчиња. Моделите се инспирирани и преработени во духот на 50-тите и 60-тити години од минатиот век.
-Иако е женствена и естетски приспособена на периодот, колекцијата носи нова, урбана идеја на изгледот, која е потенцирана со детали што се вметнати како контрасна слика на самата облека. Преовладува силуетата а ла песочен часовник, препознатлива за 50-тите. Моделите се изработени од памук, волна, а употребено е и кадифе – вели Мршиќ, која открива дека периодов е фокусирана на пласирање на своите модели надвор од Македонија, од кои некои веќе се продаваат во Дубаи.
Второто издание на Модниот викенд – Скопје, во организација на „Модна недела корпорација“, трае од 27 до 31 октомври и опфаќа повеќе аспекти на модата.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: