Тајната на филигранот е во неповторливоста

17 Oct

by: Ана Несторовска
Објавено во “Викенд” (“Дневник”) на 16.10.2010



Иако е традиционална техника за изработка на накит, филигранот дава неограничени можности за експериментирање. Со него може да се направи буквално с што дизајнерот ќе посака: да вгради скапоцени камења, да комбинира сребро со злато, бакар… единствено треба да се има бујна фантазија. Со секое ново дело ова го потврдува една од новите изработувачи на накит во оваа техника, Катарина Дода, која прави интересен спој меѓу традицијата и модерното. Неодамна таа беше дел од шесте учесници на групна изложба на филигран во Куршумли ан во рамките на “Бела ноќ”, каде што како организатор се јави дизајнерката на накит Илинка Поповска. Излагачите, иако во основа ја користат филигран-техниката, негуваат разновиден стил на работа.
– Настанот беше посетен од многу голем број луѓе, што ги надмина моите очекувања. Бев одушевена од тоа колку посетителите се заинтересирани за филигранот, за дизајнот на изработениот накит, но уште повеќе ме изненади нивната желба да дознаат нешто повеќе за процесот на изработката – вели Дода.
Се претстави со класични парчиња, уникатни комбинации на традицијата со трендовите и со модерни дела, групирани во три дела: минато, сегашност и иднина.




АЛКИТЕ И СРЕБРОТО – ОМИЛЕНИ
Интересот за филигранот се развил поради големата љубов на Катарина кон накитот. А благодарение на познанствата што ги стекнала преку работата на нејзините родители – кои изработувале печки за топење злато, уште повеќе се заинтересирала за оваа техника.
– Филигранот е техника што се изработува семејно и е еден вид строго чувана тајна, па првично немав можност да научам. Сметав дека само со таа техника ќе можам да ги реализирам моите идеи. Подоцна дознав дека во Занаетчиската комора на Град Скопје се одржува курс за филигран, на кој се запишав и таму ги изработив моите први парчиња филигрански накит – вели таа.
Изработува ѓердани, обетки, прстени, а најмногу сака да прави алки.
Мотивите застапени во делата зависат од производот, но во основа, најчесто се цветови или кругови. Работи само со сребро, што е нејзин омилен метал. Вели дека секое дело е со своја приказна, носталгија, среќа или радост.
– Кога ќе почнам да работам на некој предмет, уште кога ќе го осмислам веќе му давам душа, тоа е разликата меѓу рачната изработка на накит и машинската. Не дека автоматски изработениот накит е помалку убав, но филигранот си има своја приказна – вели таа.



ИНТЕРЕС ОД ЈАПОНЦИ
Поединечните парчиња ги изработува само еднаш, а копии, во своја интерпретација, прави само на најбараните форми од традиционалниот филигран: алките фишеклии и пеперутките.
– Повторувам модели само по барање од купувачите, но колку и да сакаш да направиш ист примерок, креациите сепак се разликуваат – вели таа и открива дека тајната на филигранот е во неповторливоста.
Нејзини клиенти се од сите генерации, има накит наменет за тинејџери, но и дела за посериозни жени. Таа твори сама, во својата работилница во скопската населба Ченто, а вели дека во план & е да отвори свој дуќан. Досега има излагано во рамките на Занаетчиската комора, а последното претставување & било по повод Денови на занаетчиството. Покрај жените од Македонија, нејзиниот накит го носат и клиенти од странство, како на пример од Сингапур или Словенија.
– Најубаво се почувствував кога еден студент од Јапонија за својата девојка, како подарок од своето патување во Македонија, купи пеперутка што јас ја имам изработено – вели таа.
Во моментов е посветена на изработка на алка на која преовладуваат цветни мотиви. За во подалечна иднина планира самостојна изложба.


 

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: