Face Hunter на Модниот викенд – Скопје

12 Oct

by: Ана Несторовска
објавено во “Дневник” на 12.10.2010

Еден од највлијателните светски модни блогери, Иван Родиќ, познат како „Фејс хантер“, ќе гостува на есенското издание на Модниот викенд – Скопје (FWSK), што ќе се одржи од 26 до 31 октомври во салонот на „Ауди, Порше“. Ловецот на интересни модни стилови, кој е роден во Швајцарија, а е од српско потекло, во Скопје ќе ја промовира својата книга Face Hunter, која ги содржи најатрактивните фотографии што се нашле на неговиот блог во изминатите четири години. Заедно со блогерот „Сарториалист“, тој денес е меѓу најпочитуваните личности во модата, кој преку имиџот на обичните луѓе низ улиците ги диктира трендовите во светот. Во моментов е стациониран во Лондон, но постојано е присутен на сите поголеми модни настани во светот. Ова е негово прво гостување во Македонија, а интересен е податокот дека неговиот татко е роден во Струмица.
-Доаѓа на 27 октомври, кога ќе одржи предавање за поврзаноста на уличната мода и блогирањето, наменета за студентите од факултетите за арт и дизајн, но и за сите што сакаат одблизу да се запознаат со работата на овој млад човек чии фотографии денес можат да се најдат во светски познатите модни магазини „Ел“, „Вог“, „Космополитен“ и „Џи Кју“, а објавувани се и во Јапонија, Америка, Данска, Германија и САД. Нашата покана ја прифати по само неколку минути. Наредниот ден ќе ја промовира книгата и ќе одржи дебата. Вечерта во концептуалната продавница „Лудус“, каде што ќе се продава книгата, ќе има забава во негова чест. За жал, прекусо е времето за да можеме да му организираме посета и на Струмица – вели Даниела Симоновска, уметнички директор на Модниот викенд.
ТРИ ДЕНА РЕВИИ
Организаторите на FWSK, „Модна корпорација – Скопје“, на второто издание најавуваат и учество на млади дизајнери од Србија, кои во Скопје доаѓаат по модните ревии во Љубљана и настапот на Модната недела во Атина. На програмата се и работилници и ревии на десетина афирмирани и нови дизајнерски имиња, ателјеа и брендови.
– Ревискиот дел се отвора на 29-ти, со студентите од факултетите за арт и дизајн, и со доделување на наградата за најдобар млад талентиран дизајнер. Следи ревијата на новиот македонски бренд „Стилисимо“, а вечерта ја затвора Елена Лука. Наредниот ден се претставувањата на Емилија и Елена Давиткови („Дума“), следи Роберт Ивановски и промоцијата на модната колаборација помеѓу FWSK, брендот XP и дизајнерката Олгица Ѓоргиева. Последниот ден се ревиите на „Кокев-Кадриу“ и на дизајнерките Александра Митковска и Росица Мршиќ.
Дел од настаните ќе се одржат во неколку галерии, модни и концептуални продавници, шоу-рум простори и друго – вели Симоновска.
ПРВИОТ ЧЕКОР Е НАЈТЕЖОК
Директорката на FWSK, Света Богова-Јовановска од корпорацијата „Модна недела“, вели дека првото издание на Модниот викенд оставил добар впечаток и отворил врата за повеќе спонзорства.
– Првиот чекор секогаш е најтежок, а по успешен проект се очекува од вас да го одржите нивото, но и да воведувате новини во настанот, програмата и сценографијата. Не’ радува тоа што и во ова издание имаме спонзори и поддржувачи кои се со нас и по втор пат и кои веруваат во проектот и во нашите идеи – вели таа.
Богова-Јовановска додава дека 80 отсто од тимот што учествуваше на минатото издание останува ист. Кореограф на настанот е Ирина Доганџиска, кастинг-менаџер е Трајче Сачкарски, за видеопродукција и обработка е задолжен Благоја Ангеловски, а Тахар Алемдар работи на графичкиот изглед на FWSK.
– Партнер за фризура е „Вителитес“, а на настанот ќе бидат ангажирани тимови од фризерските студија „Весна 501“, „Арт“ на Сретен Костиќ, „Вог“ и Елена Лука од Скопје како и студијата „Парти нова“ од Струмица и „Трезор“ од Кавадарци. Шминката е од „Макс фактор“, чевлите од „Графити“, официјалните фотографи се „АД Фотографи“, а моделите се од агенцијата „Подиум“.
Единствена манифестација од ваков тип
Модниот викенд е единствена манифестација од ваков тип во метрополата, која презентира домашни и странски проекти, фотографи, уметници и поединци, студенти од катедрите за уметност и дизајн, се’ со цел да придонесе за развојот на модата кај нас. Минатото издание на FWSK, што се одржа во март, го посетија над три илјади гости.
– Да креирате и реализирате успешен и оправдан моден настан, по пауза од три години, на сцена што ја има изгубено динамиката на континуирано сезонско пласирање на колекции, бара темелна анализа на состојбата во модата кај нас. Треба да ги препознаеме потенцијалите и секојдневно да работиме со секој од дизајнерите, како и да најдеме спонзори и партнери што би ги поддржале овие наши заложби, би го потпомогнале презентирањето на талентирани модни дизајнери или, пак, одредени наши програмски активности – вели Даниела Симоновска, уметнички директор на Модниот викенд.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: