Скопски шик инспириран од 80-тите

9 Oct

Инспирирана од модата и од музиката од 80-тите години на минатиот век, поточно од имиџот на поп-иконата Дејвид Боуви, младата креаторка Искра Џокиќ ја дизајнира својата нова колекција, која вчера беше претставена во концептуалната продавница „Лудус“ во Скопје. Линијата претставува дипломски труд на тема „Музика и дизајн“.
– Ме привлече една вежба на која работевме 3Д-форми од материјал на „Академија Италијана“. Така се развија здолништата и блузите со нагласени раменици, што се навраќање на еден од стиловите од 80-тите години. Отсекогаш ме привлекувале нешта што се разликуваат од останатите, што зрачат со смелост и отскокнуваат од „инкубаторот“ – вели Џокиќ.
Во колекцијата доминира црната боја, која е комбинирана со крем, бела и светлорозова боја. Моделите се надополнети со светкави мониста, со што се доловува поп-арт и диско-имиџот. Во реализација на оригиналите работела во консултација со својата професорка Росица Мршиќ, а на промо-материјалите соработувала со нашата позната манекенка Ана Калачовска.
Џокиќ, која е родена во Скопје, покрај студирањето на престижната модна школа, има посетувано и приватни часови за модна илустрација и сликарство и изработка на накит од филигран и од други материјали.
– Досега имам работено на проекти во и надвор од својот факултет. Тука спаѓаат изложби, ревии, базари на ракотворби, креации за одредени клиенти. Последните ги реализирав претежно дома, во соработка со подобро опремени работилници, но се надевам дека наскоро ќе имам можност и услови да ги презентирам своите креации во свој продажбен простор. Би сакала да остварам заеднички проекти со други наши млади талентирани дизајнери – вели таа.
Смета дека на младите креатори, во творењето, им е дозволена поголема слобода, со оглед на тоа што е потребно време за да се изгради сопствен стил на работа. Во процесот на себеистражување, таа вели дека е важно да се реализираат проекти што нема само да бидат експеримент на пистата, туку ќе бидат препознатливи за авторот.
Колекција првично беше претставена во април, на годишната ревија на „Академија Италијана“ во Фиренца каде што гостуваше со уште двајца студенти на моден дизајн од македонската гранка. Вели дека организацијата била на високо ниво, а во десетте дена што ги поминале во подготовки имала можност да се запознае и со студентите од другите земји.
– За време на студиите имав среќа да го осознаам светот на модата низ динамична програма, под водство на моите професори, препознатливи по својата креативност во нашава средина: Никола Ефтимов, Ненад Секирарски, Росица Мршиќ и Милјана Васојевиќ. Се надевам дека в година ќе запишам постдипломски студии во странство. Потоа ќе оставам постепено да ми се развива кариерата. Секогаш има можност за работа во Македонија, важно е да се посветиш максимално. Своето место го гледам меѓу успешните и задоволни луѓе – вели на крајот Џокиќ.

by: Ана Несторовска
објавено во “Дневник” на 09.10.2010



Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: