Будење на силната жена

28 Sep
Ана Несторовска
објавено на 27.09.2010 во “Дневник”

Се трудам што повеќе да ја истакнам жената како цврста, силна и полна со самодоверба. Сакам таа да се чувствува добро во своето тело.
Вака младата креаторка од Скопје, Аида Сарачини, која се школувала на престижна концептуална и современа академија во Холандија, го објаснува својот пристап во креирањето. Мината недела во рамките на манифестацијата „Звуците на Чаршијата“ во Скопје ја промовира својата нова колекција „Будење“. Ова е нејзино прво јавно претставување во Македонија. Сарачини е задоволна како поминала ревијата во Старата скопска чаршија, пред се’ поради позитивните реакциите на публиката и комплиментите што ги добила по шоуто.
– Овој настан за мене е значаен од неколку причини. Освен што ова беше моја прва ревија во Македонија, ова ми е прв настап на отворено, што беше огромен предизвик за подготовка на промоцијата. Покрај тоа, успеавме да дадеме и свој мал придонес во развојот на модната сцена во Скопје – вели Сарачини.
Колекцијата содржи 17 креации, изработени од органза, плетени парчиња, а има и покласични материјали и различни штофови. Дизајнерката вели дека со оглед на тоа што се работи за сезона есен-зима, ја избрала црната боја како доминантна, но има и детали во зелена, сина и розова боја. Колекцијата е за сезоната есен-зима 2010/2011, но има и модели што слободно може да се носат и напролет. Нејзиниот стил на работа е спој на уметноста и модниот дизајн. Линијата „Будење“ е чекор понапред, во која се труди креациите освен што претставуваат уметност, да бидат и практични и погодни за носење. Нејзините креации се готик, црни, концизни, а вели дека најважно е дека манипулира со секој материјал што го употребува.



УЧЕЛА ОД ПРОФЕСОРИ СО СВЕТСКО РЕНОМЕ Првиот допир со модата Аида го имала во детството кога рачно шиела фустани за своите кукли. Професионалното школување и’ почнало во Средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“ во Скопје. Дипломирала моден дизајн во Gerrit Rietveld Academie во Амстердам.
– По завршувањето на средното уметничко училиште, во кое ми предаваше познатата костимографка Лира Грабул, школувањето го продолжив во Хаг. Таму неколку години живееше брат ми. Успеав да се запишам на Gerrit Rietveld Academie, што е единствена концептуална и современа академија во Холандија, а мислам и во Европа. Годините поминати таму ми овозможија да станам посвесна за својата работа, желбите и за животот во целина. Научив дека ништо не се прави без причина или без приказна. Затоа и сега се трудам да најдам смисла во се’ што изработувам. Својата модна приказна ја почнав како наивна млада девојка од Балканот, а се развив во цврста европска жена која не се плаши, учи од своите грешки и има доверба во себе – вели таа.
Своите први работни искуства ги стекнала соработувајќи со данскиот моден дизајнер Клас Иверсен, кој работи во Холандија. Работела и со уметницата Роуена Дринг, од која многу научила. Последен работен ангажман и’ бил директор и предавач по концептуален дизајн во модната школа „Дизајн фектори“ во Приштина. Но, бидејќи таму немала многу простор за креативност и можност да го работи тоа што најмногу го сака, дала отказ. Сега е самостоен дизајнер, а паралелно е ангажирана како креатор на плетена облека кај Кренаре Ругова.
– Од мојата досегашна кариера најмногу се гордеам со учеството на модната недела во Амстердам -Lichting 2009 година, каде што бев избрана меѓу двете најдобри студентки од академијата и 14-те најдобри од сите модни академии во Холандија.
Знаења и совети низ годините добивала од професори со светско реноме, како што се: Војцек Ѓеѓиц, кој предава на „Сент Мартинс“ во Лондон, Ени Грет Флитенбург (дизајнерка на плетена облека), познатиот холандски уметник Алет Пилон, модниот дизајнер Бас Костерс, Моник ван Хајст (моден дизајнер) и други. Вели дека сега, кога ги завршила студиите, има можност да контактира со своите професори секогаш кога и треба помош и совет, но се труди секоја одлука да ја направи сама и свесно да ја изнаоѓа целта за секое свое дело. Сака секогаш да е во тек со работата на светските креатори. Меѓу најомилените и’ се: Баленсијага, Хусеин Чалајан, Герет Пју, Виктор и Ролф и други.



КРЕАЦИИ ВО ПРИШТИНА И ВО АМСТЕРДАМ
Досега има потпишано пет колекции. Од нив две се мини-линии, уште толку поголеми колекции, што ги презентирала во Амстердам и една во Скопје.
Покрај креирањето облека, таа има изработено и неколку модни додатоци.
– Луѓето што ја следат мојата работа ме препознаваат по маските што ги изработувам. Многу ги сакам модните детали и затоа на ревијата во Скопската чаршија соработував и со дизајнерките на накит Блашка и Санда Миева, кои имаат извонредна колекција и имаат изработено специјални додатоци за колекцијата Waking up („Будење“).
Енергија и инспирација за своите креации црпи од секојдневни случувања и емоции со кои се соочува.
– Сум забележила дека повеќе ме инспирираат негативните емоции и случувања. Енергија добивам од поддршката од мојата фамилија, пријателите и од љубовта Дрени – вели таа.
Во моментов функционира на неколку релации. Нејзиното ателје се наоѓа во Приштина, но истовремено соработува со клиенти во Македонија, Косово и во Холандија. Новата колекција ќе се продава во Приштина , а наскоро и во три бутици во Амстердам. Вели дека во иднина се гледа себеси како го работи тоа што го сака најмногу – модата.
– Планирам да продолжам да креирам и мислам дека се’ што се работи со љубов носи и добри резултати – завршува Сарачини.

СОРАБОТКА СО ТУНА
Забележителна е соработката на Сарачини со нашата поп-ѕвезда Туна Сејдиу. Се поврзале по покана на Туна, за работа на фото-сесијата со Ани и Дими по повод нејзино прогласување за најсекси пејачка за 2009 година.
-Фотографиите се прекрасни, и ми претставуваше особено задоволство да соработувам со Туна. Досега не сум имала можност да соработувам со други јавни личности , пред зашто не се пронаоѓав во комерцијалните води. Сега мислам дека најдов баланс што ми помага да ја работам мојата професија и истовремено да бидам креативна. По ревијата во Скопската чаршија имам многу нарачки од други јавни личности.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: