Мозаик вграден во една обетка

23 Sep

Играјќи со стиловите и експериментирајќи со формите и со материјалите, сестрите-дизајнерки на накит од Скопје, Блашка и Санда Миеви, создаваат уникатни обетки, ѓердани и брошови во неправилни форми и со апстрактни значења. Неодамна тие учествуваа на модната ревија во рамките на проектот „Звуците на чаршијата“, кој се одржа во Скопската стара чаршија. Нивниот накит беше дополнување на облеките на модните креаторки Аида Сарачини и Џери Плана.
Блашка и Санда со своите рачни изработки се навраќаат кон еден од најстарите медиуми во уметноста – мозаикот. Се претставија со модели изработени од плексиглас, врз кој има рачно насликани фигури. Понудија и модели од жица во кои се наѕираат впечатоци од преплети на мрежи и јазли.
– Работиме сосема нови медиуми, за нас неистражени. Претходно изработувавме накит од глина. Новите модели се резултат на експериментирање со повеќе материјали. Ни успеа во една обетка да сместиме мини-мозаик – велат тие.
Во новата колекција има обетки што не се носат во пар, туку само по една. Ѓерданите, пак, се впечатливи во однос на нивната динамика и големината што ја овозможува жицата. За Миеви, инспирацијата е постојано присутна и ја има насекаде околу нив.
– Во се’ може да најдеме лајтмотив. Само треба вистински, подлабоко да се погледне. Нашите дизајни се сосема уникатни. Секое парче накит е друга, нова приказна, посебно уметничко дело. А, нели, приказните ретко се повторуваат – велат тие.
Кога клиентите ќе ги препознаат своите дела од претходните серии е голем поттик и мотив за прогрес за двете. Откриваат дека интересот за рачно изработени уникати во Македонија е голем и задоволни се од досегашниот прием и од заработката.
Афинитетот кон уметноста Миеви ги навел да изберат професии поврзани со неа. Двете се школувале во средно уметничко училиште, Блашка (24) на отсекот за моден дизајн, Санда (22)- вајарство, и продолжиле на Факултетот за ликовна уметност во Скопје – на сликарскиот оддел, со подотсек конзервација и реставрација на икони и на фрески. Блашка лани дипломира како најдобар студент, а нејзината сестра сега е апсолвент.
Двете имаат учествувано на повеќе групни изложби во земјава и надвор од неа.
– Овој период почнав да сликам акрил на платно, а моја најголема пасија е правењето мозаик. Додека ги редам камчињата ми се смирува духот, а фрагментите од мозаикот ги споредувам со делови од моето секојдневие. Едно камче-еден момент – вели на крајот Блашка.
by: Ана Несторовска
објавено на 23.09.2010 во “Дневник”



Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: