Авангарда што тежнее кон минимализам

23 Sep

Ана Несторовска
објавено во “Викенд” (“Дневник”) на 18 .09.2010
Врз темелите на златното модно правило “помалку е повеќе”, надежната дизајнерка од Скопје, Ирина Тошева, ја гради основата на својата модна кариера. Ја сака авангардата, но го преферира минимализмот. Има потреба од постојано експериментирање со различни бои, форми, материјали и доработки, но најважно е крајниот производ да биде практичен. Таа деновиве се подготвува да замине на постдипломски во лулката на современиот моден дизајн – Италија, а паралелно е активна во хуманитарното здружение “Млади за љубов”. Сака еден ден да ја активира модата во функција на хуманоста.
Вели дека уште како мала покажала интерес за шиењето и правењето “од ништо-нешто”.
– Пресуден беше моментот кога ги исеков фармерките на татко ми, сакајќи да направам торбички за мене и за мојата најдобра другарка. Првично тој беше лут, но кога го виде финалниот производ, се вчудовиди. Мојот интерес за модата растеше со годините и по отворањето на “Академија Италијана” решив да се запишам таму, најмногу поради рејтингот што го има во модниот бизнис – вели таа.
ЕКСПЕРИМЕНТ СО ДЕТСКА КОЛЕКЦИЈА
На минатогодишната завршна ревија на “Академија Италијана” се претстави со креации инспирирани од 80-тите години, кои привлекоа голем медиумски интерес.
Годинава првпат се претстави со детска колекција инспирирана од нејзината дипломска тема “Малиот црн фустан”.
– Многу сум задоволна од тоа како малите манекени ја презентираа колекцијата, како беше прифатена од публиката и тоа многу ме охрабрува за понатаму. Оваа линија беше своевиден експеримент, да ја вметнам црната боја без да го “повредам” тој детски шарен свет. Мислам дека успеав во тоа – вели таа.
Лани во рамките на Скопско лето работеше како костимограф на претставата “Ескоријал” со студенти од Факултетот за драмски уметности, во режија на Јане Спасиќ. Неодамна изработи и свое дизајнерско портфолио, на кое соработуваше со фотографите Фросина Илиевска и Огнен Бојковски, шминкерот Виктор Мирчевски и моделот Ангела Црвенкоска. Вели дека комерцијализацијата на нејзината работа ќе следува по завршување на студиите.

ВО ФИРЕНЦА ПО НОВИ ЗНАЕЊА
За време на студиите имала можност да учи од познатите дизајнери и професори Никола Ефтимов и Росица Мршиќ. Ефтимов ја научил да ја гледа уметноста со други очи, Мршиќ ја пренела софистицираноста во изработката на кроеви и модни детали. Ја издвојува и соработката со Милијана Васојевиќ, која била менторката на дипломската работа.
Сега работи како костимограф на дипломската претстава “Човек перница” на Јане Спасиќ, кој е студент на Факултетот за драмски уметности. Интензивно го учи италијанскиот јазик бидејќи постдипломските студии ќе ги следи во централата на “Академија Италијана” – Фиренца. Се надева дека ќе добие можност да се промовира и пред тамошната јавност.
– Во Македонија модниот дизајн како професија датира од понов датум, но мислам дека има можност да се направи солидна кариера. Со добри идеи, упорност и квалитет во работата може многу да се постигне – вели таа на крај.

ГРАТИС ПРЕГРАТКИ ВО ХУМАНИ ЦЕЛИ
Тошева вели дека не се разликува многу од младите во Скопје: излегува, се забавува, а е и дел од организацијата “Млади за љубов” и ја води кампањата “Гратис гушкање”.
– Ние сме група млади што шират љубов и насмевки, нудејќи им прегратки на непознати луѓе на градскиот плоштад во Скопје. Работам и на хуманитарни проекти, собирајќи средства за деца на кои им е најпотребно.
Се надевам дека со афирмацијата како моден креатор ќе ми се овозможи професионалната активност да ја поврзам и со мојата желба за хуманитарна работа во рамките на “Гратис гушкање” – вели таа.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: