Раскажувач на модни бајки во урбаната џунгла

6 Sep

by: Ана Несторовска
Објавено во “Викенд” (“Дневник”) на 04.09.2010


Легендите за вилинските коњчиња и самовилите, раскажани со јазикот на модата, создале креации во романтичен и елегантен стил. Инспириран од мистиката и од преданијата на истите, младиот креатор Никола Каракашов ја дизајнирал својата женска линија за сезоната лето 2010.
– Колекцијата е спој од ориенталниот и медитеранскиот шарм, преку оживување на разните бои и традиционалниот начин на изразување во разните култури. Со оглед на тоа што оваа колекција е наменета за македонскиот пазар и е комерцијална, се одлучив кроевите да имаат лесни и воздушести линии, нагласувања на половината и игра на В-изрезот – вели Каракашов, кој има завршено моден дизајн на високата школа “Академија Италијана”.

Деновиве тој ја промовира и машката колекција, Pret-â-porter есен/зима, за која бил инспириран од контрастите во светските метрополи, кои функционираат како урбани џунгли, со сите нивни добра и недоследности.
– Во оваа колекција употребив различни начини на конструкција и деконструкција на кроевите, кои се со тешки и строги линии за да се постигне театралност и провокација. Застапено е леерското решение и има доста рачни плетки. Од материјали најмногу користев волна во комбинација со лен и со памук. За изборот на боите се повикувам на разни тенденции во зависност од која сезона се и што се препорачува во нив – вели тој.
Новите модели ги промовира со помош на каталог. Во реализацијата се вклучени графичкиот дизајнер и фотографка Мирјана Јанашлиева – Мики и Цеце Кунц- фотографка што живее и работи во Њујорк.
Неговата актуелна женска летна колекција веќе е во продажба, а машката, бидејќи е за зимскиот период, ќе биде промовирана со зимската женска линија. Заедно да бидат во продажба кон крајот на октомври.
Еднакво е фокусиран на женската и на машката мода, а во донесувањето на одлуката каква линија ќе направи, пресудна е сезонската инспирација.

ЗНАЧАЈНО ИСКУСТВО НА СТУДИИТЕ
За време на школувањето Каракашов имаше можност да се претстави пред нашата јавност преку годишните ревии на “Академија Италијана”. Вели дека овие искуства го охрабриле да се занимава професионално со модата.
– Целиот тој метеж и притисоци да се успее ми беа мотив и големо искуство за понатамошната моја работа, а посебно ми остави впечаток учеството во завршните ревии на “Академија Италијана” во Фиренца, од каде што го имав одличниот фидбек за сработеното. С што научив на оваа школа сега е водич низ моите професионални ангажмани. Имам работено и со повеќе невладини организации што се занимаваат со култура, уметност и информации, преку кои стекнав и многу други искуства, како истражувања на пазарот, етнолошки истражувања, курсеви за промоции и презентации, работа со тимови и разни начини на организации – вели тој.
Од почетокот на студиите има направено колекции за секоја сезона, а работел и на историски костими. Открива дека посебно го радува создавањето на линијата за висока мода, за Академијата. Надвор од студиите, првпат се презентира во рамките на проектот Го оут анд данце, каде што имаше експериментална колекција, инспирирана од африканскиот кореограф на современи танци, Алфред Хинкел. Потоа соработуваше и со повеќе продуцентски куќи. Горд е на своите самостојни колекции: женската линија за сезоната лето 2010 во Pret-â-porter и мини-женска за истата сезона, во Haute couture, која содржи шест парчиња и се продава само во Холандија.

СЕКОЈДНЕВИЕ ПОСВЕТЕНО САМО НА МОДАТА
Досега има соработувано со повеќе личности под нашиот моден свет и вели дека сите контакти му се значајни.
– Неколку од нив ми имаат оставено голем впечаток. Тоа се мојата драга професорка, сега веќе и пријателка, Искра Петровска, која работи и живее во Сингапур. Мојот професор, кај кој се школувале и моите ментори, кој моментално работи на мастер-студиите на “Академија Италијана” во Фиренца, Лучо Антонучи. Тој константно ми дава критики и комплименти за моите колекции. А за мојата дипломска работа ментор ми беше Росица Мршиќ, со која имав одлична соработка во студентските денови – вели тој.
Неговото секојдневие претежно е посветено на модата. Во слободните денови сака да патува.
– Обично, покрај културните знаменитости на различните дестинации, сакам да ги запознам и луѓето, да им се доближам и да видам како функционира нивното секојдневие. На крај, сето тоа пак се сведува на покажување на некои традиционални техники на плетење, ткаење, бојадисување, сликање на материјали и на готова облека. Не можам без доза на приказна поврзана со модата.
Сега опремува свое модно ателје, кое истовремено ќе биде и продажбен простор, а се изработува и негова веб-страница за полесна комуникација со клиентите.
За крај, вели дека во иднина своето место го гледа меѓу продуктивните креатори на модната сцена во Македонија.
– Нашата цена и не е толку лоша за функционирање. Мислам дека има доволно простор за да може да се успее. Меѓутоа, потребна е многу голема желба и строго определена цел за да може да се издржат сите турбуленции што ти доаѓаат од разни страни и ако го издржиш тоа, на крајот доаѓа успехот. Посакувам меѓународна кариера. Тој што вели дека не сака да успее надвор од државава, ве лаже. Планирам да продолжам со својата едукација, а посакувам да заминам на мастер-студии во Лондон на Универзитетот ХУЛТ.
На крај открива дека нема лесно да се откаже од својата намера за успех во модниот бизнис.
– Си поставив цел што ме води во навлегувањето во убавините на оваа професија, а тоа беше да успеам како моден дизајнер. До патот на остварување се трудев да ги елиминирам сите пречки, а со многу напорна и хиперактивна работа сакав да ги истакнам моите квалитети и способности.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: