Конструкторка на нова геометрија во модата

6 Sep
by: Ана Несторовска
објавено во “Дневник” на 06.09.2010

Со желба да помогне во заживувањето на културниот и моден живот во Дојран, Мелани Димитровска, една од нашите најнадежни креаторки, со свои креации учествуваше на неодамна одржаниот хуманитарен настан во овој град. На проектот, кој беше во организација на здружението „За спас на Дојранското Езеро – за здрави и убави деца“ во соработка со скопската модна агенција „Подиум“, креаторката понуди неколку футуристички креации што се дел од нејзината нова колекција „Конструкт“.
– Ми причинува задоволство што учествував на моден настан кој има цел да ги подобри културната и модна сцена во помалите места. Но за да има видливи резултати, потребно е почесто да се реализираат вакви проекти. Со нив ќе се разбуди модната свест и ќе се поттикнат идните дизајнери да творат – вели младата дизајнерка, која потекнува од Кратово, но живее и твори во Скопје.

УРБАНИ И ФУТУРИСТИЧКИ МОДЕЛИ
Креациите од нејзината прва поголема колекција се инспирирани од уметничкото творештво на Курт Швитерс. Во основата на делата на познатиот автор е конструктивизмот, па оттаму и колекцијата на Димитровска е наречена „Конструкт“. Во моделите е нагласена играта со неспецифични материјали за модниот дизајн, како што авторот употребувал необични медиуми за изработка на колажите. Застапени се неутралните бои со земјени тонови, а става акцент со контрасната црна, сината и со маслинесто зелената боја.
– Моделите се урбани и футуристички. Сакам да откривам нови форми и да ја истражувам геометријата. Ме привлекуваат нагласените волумени на одредени места од силуетата. На пример, изработив панталони со топчест нагласок кај колената, нешто што претходно не можев да го сретнам… Се’ што е употребено во моите дизајни, во однос на форми, бои и материјали, е одговор на инспирацијата дадена по предметот Колекција од професорката Јана Манева-Чупоска – вели Мелани, која студира моден дизајн на Европскиот универзитет во Скопје.

КРЕАТОРКА И КОСТИМОГРАФ
За време на студиите имаше можност да се претстави преку годишните ревии на универзитетот, но и на модните недели во Скопје и во Битола. Досега има сработено повеќе помали и поголеми колекции. Сега работи на фустан инспириран од шише „пелистерка“ за проект во соработка со „Трето уво“, на кој учествуваат 10 наши млади дизајнери. Уникатите наскоро ќе бидат промовирани со ревија.
– Паралелно сум ангажирана како костимограф и сценограф на дипломски филм на режисерката Марија Дачева од Бугарија. Станува збор за современ танц-филм, на кој работи балкански тим со учесници од Македонија, Србија и од Бугарија – вели таа.
Од професионалните дизајнери има соработувано со Никола Ефтимов на реализација на костимографско решение за историски сценски костим од Луј 14 како Аполон. Фотографија од креацијата, снимена од Ефтимов, беше претставена на изложби во Скопје и во Охрид. Димитровска се надева на подобрување на модната сцена во нашата земја, а смета дека тоа може да се случи со честите модни случувања и редовни модни недели.
– Доколку модниот дизајн добие значење во земјава како што му доликува, со задоволство прво би ја развила мојата кариера тука – вели таа на крај.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: