Накит навезен од неспојливото

4 Sep
by: Ана Несторовска
Објавено во “Дневник” на 02.09.2010
Младата дизајнерка на накит и на украси Вера Маркоска изработува уникатни ѓердани, брошови, алки и обетки со разгранета форма и од навидум неспојливи материјали



Потребата да докаже дека секој материјал може да се комбинира со се’ и дека тоа може да изгледа убаво ако е со вистинскиот спој, ја мотивира младата креативка Вера Маркоска од Скопје секојдневно да создава нови, уникатни парчиња накит, кои за кусо време станаа препознатливи. Од веќе постојните украси и предмети создава ѓердани, брошови алки и обетки со разгранета форма, од повеќе материјали. Инспирација наоѓа во правилата, кои не мора секогаш да се почитуваат.
– Настојувам секое наредно парче да биде различно од претходното бидејќи не сакам да се врзувам само за еден стил, за еден материјал или за една иста техника. Користам материјали до кои имам пристап: кожа, метал, дрво, глина, полускапоцени камења, школки, стакло, тантела. Секое мое дело е настанато преку експериментирање и од навидум неспојливи комбинации на повеќе бои и материјали – вели Маркоска.
Во нејзините креации има вметнато и сувенири што ги набавила на патувањата, на кои подоцна им го менува првобитниот изглед. На пример, еден приврзок со Ајфеловата кула го искомбинирала со други украси и од тоа настанал ѓердан. Сака да им ја менува формата на нештата, онака како што ги замислила.
– Се’ зависи од тоа како сум расположена. Знаете, изработката на накит е како да пишувате дневник, а секое парче накит е страница од тој дневник. Секој ден е различен, а со тоа и мојата инспирација да направам што било – вели таа.
Неодамна учествуваше на годинашниот Базар на модни додатоци посветен на матурантите, во Културниот центар ЦК. Смета дека ваквиот тип на презентација е добар, особено за самостојните дизајнери бидејќи им се дава шанса да се промовираат и да и’ се доближат на модната публика.
Нејзини најчести клиенти се девојки со изграден стил, со „голем апетит за нешто поинакво и кои знаат да ја вреднуваат рачната изработка“.Со порастот на изработените парчиња и зголемување на интересот кај клиентите, спонтано го основала својот бренд „Вер Мар дизајн“, кој го промовира пред три месеци со поддршка од нејзините најблиски.
– Откако почнав да ги презентирам своите дела на интернет, одѕивот е одличен и пријатно сум изненадена од големиот интерес за мојот накит. Може добро да се заработи од оваа професија, но ништо без добар маркетинг. Има огромна конкуренција и секогаш треба да се најде начин да се исплива на површината. Нема ништо поубаво и постимулативно од тоа кога хобито ќе стане професија – вели таа на крајот.
Правото го замени со дизајнот

Маркоска е дипломиран правник, но желбата ја навела професионално да се занимава со дизајн на накит.
– Додека студирав посакав да бидам нешто повеќе од правник. Ми недостигаше простор во кој ќе можам да ја испрезентирам сета креативна енергија. Колку и да пробував да се фокусирам на правото, за мене секогаш постоеше еден свет што многу повеќе личи на мене и на мојот карактер.
Таа се самообразовала учејќи ги техниките на изработка на накит преку туторијали и статии на интернет. Покрај креирањето, голем дел од времето го користи за изучување странски јазици. Добро ги владее англискиот, италијанскиот, францускиот и германскиот јазик, а се интересира и за фотографирање.


Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: