Интервју со Ристо Бимбилоски

6 Aug
Македонец плете висока мода во Њујорк и во Париз


by: Ана Несторовска
објавено во “Дневник” на 06.08.2010
foto: http://www.mercedes-benzfashionweek.com




На постојана релација Њујорк – Париз – Охрид, македонскиот моден дизајнер Ристо Бимбилоски веќе неколку години „плете“ мрежа од успешни колекции, ревии, соработки и креативни иновации. Во неа, низ годините се вброени нитните од работата во престижната светска модна куќа „Луј Витон“, соработката со светски познатиот креатор Марк Џејкобс, ревиите во Њујорк и во Берлин и малата фабрика во Охрид. Со својот креативен тим работи во студиото во Париз, а често патува во Италија, каде што ги развива материјалите или работи на консалтинг на други проекти.
– Охрид го посетувам често поради работата во својата фабрика, каде што ги изработувам колекциите. Во Њујорк, пак, одам неколку пати во сезона за проспекција и организација на ревијата. Мислам дека инертно сум навлечен на вакво темпо на работа и живеење – вели Бимбилоски, кој редовно се претставува на големите модни недели, како тие во Големото јаболко и во Берлин. Минатиот месец на затворањето на Берлинската модна недела ја претстави својата нова колекција, пролет-лето 2011.
– Поканата за гостување на овој моден настан се совпадна со лансирањето на мојата прва пре-колекција. Пред се’ бев одушевен што прикажувам во Берлин, зашто тоа е град што еднакво ме инспирира како Њујорк и Париз. Многу сум задоволен што креациите одлично „искомуницираа“ со берлинската публика и со медиумите – вели тој.
Станува збор за неименувана линија, наменета за пролетната и летна меѓусезона. Содржи лесно одбирливи и „покомерцијални“ парчиња, кои ќе бидат пуштени во продажба кон крајот на ноември.
– Ја обработив флоралната тема, која за мене е универзална, мистична, а во исто исто време и провокативна, бидејќи сметам дека често банално се користи како текстилен мотив. Работев со печатен крепон и трико, речиси проѕирен, свилен габарден, мароканска свила и египетски памучни плетенини. Изработивме и накит од ласерски оформен плексиглас.





ИНСПИРАЦИЈА ОД ФОЛКЛОРОТ
На светската модната сцена е препознатлив по плетените парчиња, кои се длабоко врежани во нашиот фолклор. Открива дека црпи инспирација од македонската традиција.
– Плетенината и принтот ми се дефинитивно специјализација. Главната идеја на сите мои колекции е како да се модернизира традиционалната ракотворба. Генерално фолклорот, се разбира и македонскиот, е секогаш присутен на моите „мудбордови“. Меѓутоа како и секоја друга инспирација од личен принцип тргнувам да ја апстрахирам во крајниот резултат – вели тој.
Благодарение на школувањето на престижниот Duperee fashion college во Париз доби шанса за брз пробив и воспоставување важни контакти.
– Студирав во класата на Пјер Харди, кој веќе беше добро познат дизајнер и одличен ментор. Оттука почнав да ги канализирам своите идеи и да стекнувам пријателства. Претпоставувам дека најважно е постојано да се биде креативно продуктивен и да се обновува и одржува мрежата на познаници.
Во меѓувреме разви свој моден бренд што е препознаен и признат од светските модни критичари. Вели дека пресудно во растењето на неговиот „потпис“ е работата со добар тим.
– Најклучно е да си опкружен со добра екипа. Почнав да работам со својот брат Алек на мојата прва колекција прикажана во Њујорк. Оттогаш еволуиравме полека, но сигурно. Мислам дека е важно да се земе доволно време за градење на личниот стил, како и целокупната финансиска и маркетинг-конструкција – вели дизајнерот.



СОРАБОТКА СО УМЕТНИЦИ
Во реализација на модните претставувања соработува со современиот артист Николас Сизон, кој ја изработи видеоподдршката за ревијата во Германија, што е соодветна на колекцијата. Бимбилоски генерално сака да работи со луѓе од различни профили околу една иста дирекција. Ги сака дијалозите, дополнувањата и конфликтите.
– Соработката со уметници за една колекција дава повеќеслојна содржина на самиот резултат и го оддалечува од сувопарно претставување на облеката. Творбите на Сизон ги сретнав преку неговата веб-страница http://www.youmakemehappy.com кога правев интернет-истражување за зимската колекција. Во тој период работев на еден проект во Хонг Конг и постојано ги сликав дигиталните вечерни одблесоци на градот врз заливот. Кај Николас веднаш ја почувствував истата дирекција: речиси наивен дигитален пристап на традиционална пејзаж-тема. Мислам дека ќе соработуваме и понатаму – вели тој и открива дека на наредната колекција работи со Џејмс Рив, фотограф од Лондон.
Резултатот ќе може да се погледне на 10 септември, за кога најавува учество на Модната недела во Њујорк
– Сега преговарам за нов консалтинг-проект од септември. А понатаму работам на отворање работилница за обучување млади на ракотворба во Македонија. Плетењето е современа, урбана јога, нели? – вели на крајот дизајнерот.



Приврзан за Охрид
Бимбилоски е родум од Охрид, а покрај стационираноста во Њујорк и во Париз многу често му се навраќа на својот град.
– Би рекол дека повеќе сум приврзан со Охрид отколку со Македонија, бидејќи колекциите ги изработувам таму, во своето големо ателје, кое е мала фабрика што ја раководи мајка ми. Значи, одам барем двапати во сезона. Имам навистина прекрасен тим кој со ентузијазам и квалитет работи на моите колекции и тоа ми дава постојана желба да се враќам. Од друга страна, Македонија, како држава, за соработка ми е многу тешка. Ја користам етикетата made in Macedonia, а за етаблирање на тој назив не наидов речиси на ниеден соработник. Но претпоставувам дека тоа многу подобро го знаете од мене – вели тој.
Во Македонија важи за дизајнер до кој потешко се доаѓа и кој ретко дава интервјуа. Но тој на шега вели:
– Па нели сега е лесно да ме најдете на „Фејсбук“. Искрено, засега не чувствувам потреба да се презентирам со ревии во Македонија бидејќи доволно ми се овие во Њујорк и во Берлин. Повеќе би сакал да соработувам со креативни таленти од разни домени.


Консултации со Марк Џејкобс
Во богатата професионална биографија на Бимбилоски еден од најуспешните моменти е работата на машката, плетена колекција за познатиот бренд „Луј Витон“.
– Работев четири години како консултант во „Луј Витон“. Дизајнирање луксузна облека е посебен, традиционален домен, па ми беше предизвик пред се’ да го совладам, а потоа и да го развивам со свои идеи. Престанав да соработувам кога се решив да прикажувам на Модата недела во Њујорк. Се разбира, се’ уште сум во контакт со дизајнерот Марк Џејкобс, со кој повремено се советувам околу моите настапи во Њујорк – вели Бимбилоски и додава дека најгорд момент во неговата кариера е кога Џејкобс го запознал со Турстон Мур и Ким Гордон од легендарниот алтернативен состав „Соник јут“ зад сцената во салата „Нуве Казино“.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: