"Шик андеркавер" – мистерија што одушевува

12 Jul
by: Ана Несторовска
фото: Жарко Чулиќ
Објавено во “Викенд” (Дневник) на 10.07.2010


Под мистериозен вел, не откривајќи го идентитетот на својот главен дизајнер, неколку месеци на македонската модна сцена функционира нов, авангарден бренд – “Шик андеркавер”. Засега само се знае дека зад ова име стои млад дизајнер, школуван на престижни колеџи во Фиренца и во Милано. Стажирал во повеќе италијански фирми, како “Форнарина” и Елио Фиоручи. Авторот, кој се дрзна да го пропагира својот бренд на малку поинаков и несвојствен начин за нашиов пазар, без намера да звучи претенциозно, со овој потег вели дека е свесен оти не направил ништо ново.
– Ова не е новина во светот и идејата воопшто не ми е да ме споредуваат или нарекуваат македонскиот Мартин Марџела. Сакав да направам експеримент на бихевиорална база на нашиот консумент. Колку патиме од дизајнерски парчиња со име и презиме што сите медиуми го наметнуваат, а колку купуваме нешто што навистина ни се допаѓа, без да се фалиме од кого е. Би сакал колекцијата да зборува сама за себе, а и за мене како творечки сензибилитет – вели анонимниот креатор.
“Шик андеркавер” за релативно кус период промовира две женски колекции и стекна свои фанови. Неодамна во “Лудус” ја претстави својата втора колекција “Скопска бедуина” за летната сезона.
*Велат дека треба да си добар за првата, но тоа ќе се потврди или докаже дури со втората линија. Дали имаше притисок при создавање на новите модели?
– Првата колекција постигна извонреден успех и одѕив од навистина широк дијапазон на клиентела во однос на години и величини, на мое огромно задоволство, секако. Полека, но сигурно “Шик” веќе си ја оформува таргет-групата. Неминовно беше да продолжи развојот со оваа летна мини-колекција што ја надополнува пролетната, но сепак е многу похомогена и смирена во поглед на бои, принтови и материјали. Се разви многу спонтано и без никаков притисок, најпрво зашто две колекции во годината со четири сезони, сметам дека се малку, а друга причина е што сакам да ја навикнам клиентелата на овој бренд и мојот сензибилитет, што ќе се покаже како многу контрадикторен, секогаш нов, непредвидлив и што никогаш нема да ги остави рамнодушни.

“СКОПСКА БЕДУИНА” – ТРЕНД ШТО СЕ БАРА ТУКА
*Моделите се од разновидни материјали и со многу форми. Дали се придржувавте на светските трендови или на тоа што го бара клиентелата?
– Колекцијата пролет-лето има дваесетина парчиња. Многу внимавав да биде опфатен секој дел од гардеробата: блузи, кошули, здолништа, панталони, фустани, комбинезони и модни додатоци. Сите се соодветно скроени, да ги задоволат светските тенденции, а сепак приспособени на вкусот и сензибилитетот на нашиот купувач, што воопшто не е лесна задача.
*Покрај парчињата облека, изработувате и модни додатоци. Колекцијата е со веќе изграден стајлинг, дополнет со брошови, накит, чанти… Што с има во новиот моден пакет и дали планирате да развиете посебна линија за накит?
– За да го комплетирам стајлингот на “Шик андеркавер” сметав дека е правилно и да има соодветни додатоци сплотени со самата колекција, па така произлегоа чанти, брошови, украси за на глава, обетки со самиот принт што се провлекува низ целата пролетна колекција. Исто дополнување ќе има и во есенската колекција, но сепак е прерано да основам посебен бренд.
*Носи ли посебна порака колекцијата и кое е мотото на брендот?
– Водечкото мото ни е: “Кога се чувствуваш добро, изгледај добро. Кога се чувствуваш лошо, изгледај фантастично”. Со ова би сакал да испратам порака дека мојата облека е реално за девојки што уживаат во тоа што се понежниот пол и не се плашат да го искористат тоа без никакви компромиси и пресии од страна на околината, самоувереност и цврст став е одликата на мојата “шик”- девојка.
*Како функционира брендот и каде освен во “Лудус” може да се најдат моделите?
– Имам свое ателје каде што се изработува колекцијата, која изложбено се продава во “Лудус “, а може онлајн да се нарача преку “Фејсбук” или на интернет-страницата на брендот.

АНОНИМНОСТА НЕ ИМ ПРЕЧИ НА КЛИЕНТИТЕ
*Дали мистериозноста им пречи на клиентите?
– Таинственоста наиде на многу добар одѕив и разбирање токму од тие што со гордост веќе можам да кажам дека се “Шик”-клиентела. Им се допаѓаат парчињата сами по себе, а не поради името. Целата таа мистериозност совршено се вклопува, зашто дава простор за шпекулации за причината за моето непојавување, па досега чув веќе неколку интересни верзии. На крајот на краиштата, можеби и јас не ја кажувам вистинската причина за мојата тајност.
*Кога и во какви услови ќе го откриете Вашиот идентитет?
– Тоа, секако, е неминовно да се случи, меѓутоа сметам дека е премногу рано. Би сакал “Шик андеркавер ” да создаде една цврста основа како дизајнерски бренд и доволно луѓето да го почитуваат поради производот, а не поради извиканото име, па потоа и ќе размислам за моето откривање.
*Имате ли ангажмани покрај дизајнирањето во “Шик андеркавер”?
– Имам повеќе независни обврски за компании надвор од Македонија, меѓутоа морам да признаам дека ова ми е најголем предизвик од сите затоа што јас ги поставувам правилата и знам дека секој успех и неуспех е моја заслуга.
*Какви се Вашите планови за догледно време. Дали ќе се фокусирате само на женската мода или сте подготвени за експерименти?
– Најизвесна е есенската колекција, која, се надевам, ќе биде претставена на почетокот на септември и ќе биде уште пообемна од пролетната, во поглед на квантитет на парчиња. Ќе има поголема поделба на моделите во поглед на примената, односно многу покежуал и поевтини парчиња и многу поексклузивни и поскапи вечерни парчиња. Новина на која многу се радувам и е еден своевиден експеримент е машката колекција на “Шик”, да го опипаме пулсот на мажите кај нас и колку се тие спремни стилски да одмерат сили со денешницата. На крајот на краиштата, и колку сум јас спремен на одмерување сили со нивниот вкус.

ПОКЛОНИК НА ИТАЛИЈАНСКАТА ШКОЛА
* На кои светски и домашни дизајнери им ја почитувате работата и каков тип дизајн и работа Ве одушевува?
– Поклоник сум неминовно на италијанската школа, па затоа многу го почитувам Армани, кој со право го нарекуваат крал поради неговиот совршен спој на едноставност, практичност, дизајн, инвентивност. Од друга страна отсекогаш ми бил многу драг сплетот на бои, материјали со принтови, убав, скап, италијански кич-момент што го имале Долче и Габана.

СОРАБОТКА СО ДОВЕРЛИВИ ПРИЈАТЕЛИ
*Во промоција на брендот работите со пи-арот и некогашна водителка Билјана Максимовка, а за промо-фотосесиите со манекенката Ана Додевска. Поради Вашата анонимност, многумина ги поврзуваат нив со брендот. Дали ви смета тоа?
– Сите мои соработници околу создавањето и промовирање на колекцијата се луѓе што ми се долгогодишни пријатели. Во нив имам целосна доверба, не само во однос на анонимноста туку и доверба за добро претставување на мојата приказна. Ана совршено ја доловува секоја моја замисла за конкретната колекција. Тука е и фотографот Жарко Чулиќ, преку чиј објектив ја презентирам таа приказна, а Билјана совршено си ја игра својата улога на промотер. Можеби најкруцијален лик е костимографката Ивана Кнез, која ја сметам за своја муза.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: