Забавна модна драма во режија на Ивана Кнез

12 Jul
by: Ана Несторовска
Објавено во Дневник на 12.07.2010

Само по два месеца од промоцијата на пролетната линија Secretary Collection, младата македонска модна креаторка и костимографка Ивана Кнез создаде нова – летна колекција. Во нејзин „драма“- стил, со смислена, театрална фотонарација дизајнерката деновиве ја промовира новата модна приказна наречена Fun For Me.
– Летните модели се само продолжение на „драмата“ што ја почнав пред извесен период. Станува збор за посебна колекција, која нема никаква поврзаност со претходната. Направив поопширна линија, каде што се опфатени повеќе карактерни типови на девојки. Оставен е простор за различни сензибилитети да се пронајдат во летниот дух на колекцијата -вели Кнез.
Таа создала 14 нови парчиња, од кои четири комбинации и шест фустани. Не експериментирала со кројот имајќи предвид дека е лето, кога се препорачува поудобна облека. Моделите се поедноставни, но сепак со специфичен печат, препознатлив за Кнез. Идејата за името Fun For Me Drama Summer 2010 се родила спонтано, при снимањето на промотивниот едиторијал со фотографката Билјана Ковачевска.
– Едноставно, беше премногу забавно, па логичен заклучок беше така да се нарече целата колекција, иако почетниот правец беше сосема поинаков. Колекцијата е мотивирана од морнарските тенденции, кои се неизоставен дел од секоја летна сезона. Првичната замисла ми беше да направам Cruise Collection (колекција за крстарење), меѓутоа кај нас условите налагаат компромис. Како резултат произлегоа класични, морнарски модели, во комбинација со принтови и малку сликан текстил -вели креаторката и објаснува дека во моделите има влијание од пин-ап стилот.
Застапени се црната, белата, морнарско сината боја на трикотажни и на памучни материјали, кои се многу пријатни за летните горештини.

МОДЕЛИ СО КОСТИМОГРАФСКИ ФИЛ
Кнез, која е дипломиран костимограф, во својата работа како моден креатор не се откажува од театралноста, па сите колекции и’ се со некоја интересна приказна. И во новите модели костимографијата вмешала прсти.
– Самото име на мојот бренд бара приказна. Во овој случај фокусот е на девојка задоволна од себе, која има замисла за тоа како би сакала да изгледа и тоа го прави. Неминовно е секое парче што било и ќе биде „драма“ да биде костимографски филувано. Секое нешто што го имам создадено веќе однапред знам каде да го применам во секојдневниот живот во повеќе ситуации и на различен начин. А што е тоа ако не костимографија?
Моделите може да се најдат во продавниците на „Петек“ во Скопје, но и со лична нарачка.
– Ме прави среќна кога знам дека некоја девојка таму некаде се чувствува привлечно носејќи „Драма“, шармира и заведува, се забавува и се чувствува добро. Тоа главно е идеологија на мојата лична „драматургија“, „биди она што си и сакај го тоа неизмерно, позитивните промени ќе дојдат спонтано, попатно, додека си задоволен сам со себе“.

За потребите на промоцијата на колекцијата Кнез изработи мини- едиторијал со младата фотографка Билјана Ковачевска. Како модели се јавуваат Антица Мали, Симона Тодоровска и Жарко Чулиќ

ТЕАТАРСКИТЕ АНГАЖМАНИ НА ПАУЗА
Паралелно со облеката создава и линија за модни додатоци и украси. Рачно изработува луксузна бижутерија, во чија основа најмногу се застапени бисерите.
– И понатаму е актуелен накитот што го изработувам веќе одреден период, но не ги поврзав со оваа колекција. Мислам дека девојките се доволно инвентивни сами да го сторат тоа ако имаат желба. Нема потреба да се пласира клише, продолжение на нешто што е и повеќе од очигледно, како и на кој начин е применливо. Само треба малку да се заскокотка фантазијата.
Ивана е постдипломец на студиите по моден дизајн на Европскиот универзитет во Скопје, кои треба да ги заврши годинава. Сега е посветена на истражување, со намера да се вклопи во конкретен проект. Неодамна одржа работилница за костимографија и театарска игра во Театарскиот младински центар во Брно, Чешка.
– Многу сум задоволна од соработката со „Лужанки центарот“. Плод на оваа работилница беше еден одличен перформанс, во кој заедно со Катерина Сековска (која беше задолжена за актерите) искомбиниравме повеќе типови применети уметности. Задоволни се и учесниците, а доказ за тоа е и поканата во ноември да се вратам како специјален гостин.
Како костимограф, пак, досега има соработувано со професионални и аматерски театарски ансамбли, а има искуство и како дизајнер во филм.
Нејзини се костимите на Ескуријал“ (Градски театар Скопје), „Ќелавата пејачка“, „Дракула“ и „Игра“ („Театар 007“) и други.
– Театарската и филмската сцена, за жал, ги запоставив откако и’ се посветив на модната сцена. Ангажманот околу студиите дополнително ме оддалечува од тој свет, но верувам дека се’ ќе најде свој пат и начин – вели на крај Кнез.

„Драма“ целосно ме исполнува
Ивана Кнез веќе развива свој бренд наречен „Драма“, што во кусиот период од постоењето стекна свои фанови.
– Во „Драма“ се пронајдов целосно. Ме исполнува и ми дава шанса да се изразам без никому да должам објаснувања. Оставив само да биде сфатена, сакана, носена, а и не мора за оној што не се пронаоѓа во моќноста на моделите. Како и секој уметник, сонувам за свое ателје, но до отворање на мој простор останувам достапна во секое време за моите клиенти преку интернет или на телефон – вели дизајнерката.
Му се навраќам на Белград
Ивана, која е родум од Скопје, има дипломирано костимографија на Академија лепих уметности во Белград. Ја користи секоја шанса да ја посети српската престолнина.
– Белград е градот на моето срце. Моја прва љубов. Често му се навраќам за да ги видам моите пријатели и драгите места. Тоа е малку поинаков пазар, каде што организацијата на целиот моден свет е на малку подруго ниво, но се разбира дека кога „Драма“ ќе ги помине границите, тоа сепак ќе биде прво во Белград.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: