Шарен свет обликуван од глина

8 Jul


Сликарска палета, колачиња, лижавчиња, балетанки, цветови направени од глина во боја се дел од 500. уникати на седумнаесетгодишната креативка од Скопје, Јоана Стојчевска. Таа изработува обетки, ѓердани, алки, прстени, приврзоци за мобилен и за клучеви. Покрај накит од глина во боја, прави и парчиња од природни материјали, како обетки од сушени портокали, сушени ружи, алки од камчиња, школки и слично. Кога ќе ја испече глината ги аранжира и ги комбинира со синџир, мониста, бисери и циркони.
Со изработка на накит почнала пред пет години, кога била седмо одделение и на часовите по ликовно се запознала со глината.
– Ми се виде многу интересно и почнав и дома да правам некои фигури, ги боев, па ги лакирав. Така некој период изработував предмети од обична глина, но беше многу напорно да се бои, па да се лакира, а меѓу другото и многу лесно се кршеше. Затоа решив да побарам некој материјал со кој ќе ми биде олеснета работата. Најдов глина во боја и почнав да експериментирам со материјалот правејќи различни форми, најпрво апстрактни, а потоа и конкретни облици – вели Стојчевски, која е самоука и сите предмети ги изработила сама.
НАКИТ ЗА ТИНЕЈЏЕРКИ
На почетокот правела по повеќе парчиња од еден ист дизајн, но последниве две години сите модели се уникатни, бидејќи на купувачите им е многу важно да имаат единствен модел. Но и самата таа не сака да изработува повеќе исти работи.
– За мојот накит најмногу се интересираат тинејџерите, што е нормално бидејќи и јас сум во тие години и точно знам што сакаат моите врсници. Моделите најмногу се барани од девојките, но особено ме радува што и голем дел од машката популација се воодушевува од мојот накит. Долго изработував накит само за себе и за моите најблиски, потоа почнав со минимална продажба, исто така, во потесниот круг на пријатели и познајници, но последниве неколку месеци накитот е изложен на мојата страница на “Фејсбук “, па поголем круг на луѓе може да го видат и ако се заинтересирани да купат – вели таа и додава дека сега дел од накитот се продава во продавницата “Ла Линеа” во Т.Ц. “Лептокарија”.
ОБЕТКА ОД СУШЕН ПОРТОКАЛ
Дизајнот на накитот што го изработува се разликува од другите по органските форми и веселите бои.
– Парчето накит по кое ме препознаваат е една обетка од сушен портокал што луѓето често ја забележуваат и ме прашуваат за неа. Можам да кажам дека тоа е едно од парчињата на кое најмногу се гордеам. Но покрај тоа, омилено парче накит што сум го направила од глина во боја се обетките со четка и палета за сликање – вели таа.
Периодов изработува обетки, ѓердани и алки со конкретни или стилизирани форми на животни, предмети, овошје, зеленчук и слично, бидејќи забележала дека има поголем интерес за необичен накит со предмети од секојдневието и со апстрактни облици.
Таа прави и други креативни предмети, но за лична употреба. Најчесто тоа се кутии, роденденски честитки, рамки и слично. Уметничкиот порив го изразува и на својата облека – сликајќи со текстилни бои.
– Само на малкумина им е важно дали накитот што го носат е од рачна изработка и дали е уникатен. Немам некоја голема заработка, но не ми е тоа најважно, бидејќи с уште правам накит од љубов – завршува младата креативка и открива дека фантазира за промоција на свој бренд на накит на пазарот.

ГИМНАСТИЧАРКА И БАЛЕРИНА
Јоана е трета година во скопската гимназијата “Никола Карев”. Десет години се занимавала со ритмичка гимнастика и постигнала големи успеси на ниво на Македонија. Како дел од нашата репрезентација има учествувано на голем број меѓународни турнири на Балканот и во Европа.
– Но, мојата приказна со ритмичката гимнастика, за жал, заврши пред три години поради проблемите со кои се среќаваат сите спортисти во Македонија. Мојата голема желба постојано да се занимавам со некоја физичка активност ме вовлече во водите на модерниот танц и на балетот. Три години одам на приватни часови по класичен балет и досега имам учествувано во една неокласична балетска претстава “И жената знае да вози ” како дел од ансамблот – вели Стојчевска.

by: Ана Несторовска објавено во “Викенд” (“Дневник”) 30. 01. 2010

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: