Новите дизајнерски сили ќе ја спасат модата

8 Јул
by: Ана Несторовска
објавено во “Викенд” (“Дневник”) на 06.02. 2010

Намерата да направи промотивни фотосесии за своите колекции, студентката на моден дизајн на “Академија Италијана”, Јована Филиповиќ, ја довела до редовен ангажман на скопската забавна телевизија “Џангл”. Таа со своите пријатели и соработници Монија Пљакиќ и Игор Марков е дел од модниот тим МОЦО, кој прави емисија за мода и фотографија на овој ТВ-канал. Филиповиќ, која ја делат само уште неколку испити до дипломирањето, се јавува како стилист, а понекогаш и како дизајнер.
– Во емисијата се дава целиот процес на подготовка на една фотосесија. Почнува со креирањето фризура и шминка, кои ги прави Игор, потоа сум јас во улога на стилист и дизајнер и на крај Монија, која е студент по графички дизајн на “Академија Италијана” и ги фотографира моделите. Ова ми е прва професионална работа. Емисијата на “Џангл” се емитува во текот на целиот ден, без одреден термин – вели Филиповиќ.
Надежната креаторка, која во рамките на своите студии по моден дизајн имаше неколку успешни презентации, вели дека отсекогаш имала желба да се занимава со моден дизајн. По завршувањето на средното училиште во своето родно Куманово го добила своето прво дизајнерско образование во престижната италијанска висока школа за дизајн. По дипломирањето планира да се запише на мастер-студии во некој од големите модни центри во светот. Но, потоа сака да се врати во Скопје (каде што сега живее, работи и студира) за да ги оствари своите професионални и приватни планови.

ПРИКАЗНИ БОГАТИ СО КОНТРАСТИ
Секоја колекција на Филиповиќ има своја приказна, вели дека сите парчиња имаат дел од неа и од нејзиниот дух.
– Самиот процес на правење своја лична приказна и соживување со истата е едноставно магичен. Моите модели се приказни исполнети со контрасти: минимализам и максимализам, авангарда и елеганција, уличната наспроти високата мода. Креациите се со различни форми и кроеви, а застапена е црно-бела комбинација. Сакам да правам спој на различни стилови и да ги вклопувам во една авторска приказна.
Досега има креирано две колекции и неколку самостојни модели, а веќе е во изработка и на третата, дипломска колекција. Засега нејзините парчиња не се изложени никаде, но планира тоа да го направи во иднина.
Во оформувањето на Јована како моден креатор многу помогнале нејзините професори од “Академијата”, Никола Ефтимов и Росица Мршиќ.
– Не можам да ја опишам среќата што моето школување го стекнав со нив. Дури мислам дека Ефтимов е виновен што станав уште поголем сонувач, со уште поголеми приказни во свој уште поголем и на моменти чуден свет, кој секој ден с повеќе и повеќе ме прави среќна, исполнета, го гради мојот карактер и ме дефинира како личност.

ЖЕЛНА ЗА НОВИ ЗНАЕЊА
Филиповиќ посакува меѓународна кариера, но прво сака да го надгради своето знаење.
– Сe’ уште има многу нешта што треба да ги научам, да стекнам нови искуства, влијанија. Имам голема желба за нешто ново, различно и инспиративно. Со оглед на тоа дека сум личност што знае да се инспирира од многу мали, чудни, секојдневни и несекојдневни нешта, верувам дека школувањето во некоја друга земја е вистинското нешто за мене.
Таа смета дека Македонија сe’ уште не е голем моден центар, со раскошна модна сцена, но се надева дека во иднина тоа ќе се промени.
– Студирајќи на “Академија Италијана” имав можност да запознам нови, млади и креативни дизајнери, со чие творештво модната сцена во Македонија ќе се крене на повисоко ниво. Верувам во тоа дека може да се изгради кариера во Македонија. Ако знаеш што сакаш, ако веруваш во тоа што го правиш, ако имаш желба и свој сон, секако дека може.
Покрај модата ја интересира и графичкиот дизајн. Често прави комбинација на тие две нешта, а најчесто во модните илустрации со кои ги презентира своите колекции.
– Тој дел од работата многу ме исполнува. Ми дава простор за уште поголемо фантазирање и експериментирање, нешто што не можам да го направам при реализирање на една колекција – вели таа.
Почнав и со изработка на модни додатоци, кои ќе бидат дел од мојата дипломска колекција, што би требало да биде претставена на ревијата во Фиренца, а потоа и во Македонија – завршува таа.

Напишете коментар