Духот на Британија во македонски крој

6 Jul
by: Ана Несторовска
фото: “АД фотографи”
објавено во “Дневник” (06.07.2010)



Инспирирана од Велика Британија, нејзината разновидност, модата и стиловите што настануваат таму, младата дизајнерка од Тетово, Џули Алексовска, ја создаде својата прва поголема колекција по дипломирањето на високата школа за мода „Академија Италијана“.
Колекцијата God Save The Fashion Queen е создадена под импресии од бунтовноста и оригиналноста на Британците.
– Ги сакам уникатните личности, кои креираат ексцентрични дела, а луѓето во таа земја се токму такви. Сакав да направам спој на класичните парчиња од женската облека и агресивноста, што е карактеристична за панк-движењето, во секој поглед – вели Алексовска.
Линијата, наменета за сезоната пролет-лето, е составена од вечерни елегантни тоалети, два кратки фустана (црно-бел и мал црн модел), кошула-фустан украсен со рачно изработени брошеви, палта, панталони со панделки, класично здолниште и маички со рачно изработени брошеви и принтови. Доминираат црната и белата боја, а преземени се и боите од знамето на Британија – црвената и сината. Тие се аплицирани на дел од брошевите и појасите. Користела природни материјали: свила, лен, памук и кепер.
Алексовска досега има направено две колекции и неколку самостојни креации во текот на школувањето. Во првата професионална линија го задржала својот театрален стил на комбинирање, по која беше препознатлива за време на студиите, но од костимографски преминала во нослив, секојдневен крој. Колекцијата е најава на тоа што планира да креира како индивидуален, професионален дизајнер.
– Парчињата се поедноставни и носливи. И досегашните модели беа во тој терк, но стајлингот ги правеше да изгледаат многу подраматично. Во иднина планирам да ги задржам тие покласични линии, а со комбинирањето да го изменам целокупниот изглед на креацијата – вели таа.
Колекцијата е комерцијална и моделите може да се набават со личен контакт со креаторката. Вели дека засега ќе ја промовира само во Македонија.
– Многу се мали шансите да ја претставам линијата и во Британија, но се разбира, доколку би дошло до такво нешто, многу би била среќна – вели дизајнерката, која за домашната промоција изработи фотосесија во „Арт-институтот“ во Скопје.
Џули, која досега се има претставено претежно на групните ревии во рамките на студиите на „Академија Италијана“, открива дека пробивот на македонската модна сцена не е лесен за младите дизајнери.
– Искрено, почетокот е премногу тежок, барем за држава како што е нашата. Можеби среќата е пресудна за пробивот на сцената и како ќе бидеш прифатен од потенцијалните клиенти. Обично, повеќето само ќе ти се насмеат и ќе ти честитаат за колекцијата, но малкумина би издвоиле пари да купат парче облека од истата. Поголемиот број од клиентите попрво се одлучуваат за некои од веќе попознати светски брендови што се продаваат кај нас.
Моделите на Алексовска се издвојуваат и по уникатните рачно изработени додатоци. Креаторката се’ уште не планира посебна колекција на аксесоари, но не ја исклучува можноста за мини-линија со модни украси поврзана со God Save The Fashion Queen.
Моментално работи во домашен амбиент, а во тек е подготовка на нејзиното прво сопствено модно студио, што треба да биде готово до крајот на летото. Планира тој простор да го користи како изложбен салон и како место каде што ќе се раѓаат идните креации и колекции.



Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: