"Дума" – свет исполнет со предизвици

20 May


Ана Несторовска
објавено на 15.05.2010 во “Викенд” (Дневник)
Градот на текстилот, Штип, секоја сезона, покрај трендовите на македонската модна сцена, “раѓа” и по некој нов дизајнер. Деновиве на социјалните интернет-мрежи се промовира свежото модно име “Дума” на сестрите-близначки Елена и Емилија Давиткови. Младите дизајнерки, кои излегоа од школата на “Академија Италијана”, велат дека со нивното модно ателје сакале да креираат свој свет.
– Сакавме да создадеме ателје исполнето со уметност, предизвици и авантури. Во него да раскажуваме модни приказни со нашиот јазик на изразување. Подолго време размислувавме за името на брендот. Бевме во потрага на збор што нема директно да биде поврзан со поимот мода или дизајн. Сакавме да оди чекор пред создавањето на сликата на колекцијата, пред процесот на дизајнирање на облека, а “Дума” беше единствениот збор што најкомплетно ги содржи карактеристиките на тоа што го баравме – велат Давиткови, кои с уште немаат отворено посебен простор за продажба на своите модели.

КОЛЕКЦИЈА ИНСПИРИРАНА ОД НЕМИТЕ ФИЛМОВИ
Досега имале можност да се претстават само преку групните ревии на “Академија Италијана” во Скопје и во Фиренца. Сега, паралелно со своето ателје ја претставуваат и својата прва заедничка колекција Цопасетиц Фор Цаке Еатхер. Идејата за линијата ја развивале уште во периодот кога ги завршувале студиите.
– Бевме одушевени од немите филмови и од моќта и убавината на нивната тишина. Спонтано, како инспирација се издвоија 20-тите години од минатиот век, кога овие филмови биле актуелни. Истражувавме за новиот тип на жените во тој период – “флапер”- девојките. Собравме информации за нивниот начин на живот, моралот и како се облекувале – велат тие.
За време на подготовките ја слушале музиката на Луис Армсронг, Дјук Елингтон, Кинг Оливер, Беси Смит и други. Гледале некои филмови од тој период, како: “Пандорината кутија”, “Дневникот на загубената девојка” и “Флапер”.
Фигурите на девојките од овој период се поделени во две линии. Едната е арт-деко, уредна, елегантна и тенка со машка фигура. Косата е геометриска, изгледа како шлем и не дава чувство на мекост. Другата, пак, има голема количина на мека и заплеткана коса на главата, полничка е и атрактивна, со гради, најчесто истурени низ деколтето. Нејзината линија има обли кривини кои се нишаат додека се движи.
– Синтезата на тие две линии беше точката од каде што ја реализиравме нашата инспирација. Тоа го оправдува изгледот на девојката во оваа колекција и ни дава слобода да манипулираме со стереотипите на наш начин. На крај, произлегоа осум аутфити што содржат: фустани, хеланки, блузи, панталони и сакоа, кои се менуваат во палетата од портокалова, сина, црна и бела и сива боја – велат тие и додаваат дека користеле свила, жоржет и памук.
Името на колекцијата е кованица од два термина што се користеле во жаргонот кај “флапер”-девојките.

СИНТЕЗА МЕЃУ СОНУВАЧ И РЕАЛИСТ
Иако Елена и Емилија се близначки, откриваат дека нивните стилови на работа и размислување се многу различни, а во тоа гледаат голем предизвик при творењето.
– Ние сме синтеза меѓу сонувач и реалист, флексибилност и перфекција. Тоа што работиме заедно воопшто не е недостаток. Како сестри одлично се разбираме и си ги знаеме нашите позитивни страни и недостатоци. Корисното од заедничкото работење е тоа што имаме целосна меѓусебна доверба и можност еднакво да бидеме одговорни за проектите.
Модните приказни на сестрите почнале уште во детството. Уште пред да се запишат на студиите по моден дизајн во слободното време се занимавале со модни истражувања, цртање и изработката на додатоци, а ја сакаат и уметноста. Покрај сликањето, свиреле и пијано, а Емилија учествувала и на натпревари за проза и за поезија. Се запишале во различни средни училишта, Елена учела за обувки во текстилното училиште, а Емилија го гимназијата во Штип. Интересно е и што и покрај тоа што заедно се запишале на факултет, за време на студиите проектите никогаш не ги правеле заедно, сакале секоја поединечно да ја развива својата перцепција.
– Навистина постоеше огромна разлика во начинот на толкување и презентирање на нештата. Секоја својот фокус го насочи на различни чекори во процесот на дизајнирање и изработката на една колекција. Затоа, сега кога работиме заедно, успешно се дополнуваме една со друга – велат тие.
По дипломирањето тие постојано работат на својата професионална и едукативна наобразба. Учат преку работата, но и црпат информации од релевантни извори, најчесто книги посветени на модата и на стиловите.

МОДЕЛИ ЗА ПОСМЕЛИ ДЕВОЈКИ
Давиткови се свесни дека не може да им се допаднат на сите клиенти и не настојуваат по секоја цена нивните модели да бидат носливи за сите профили на личности.
– Облеката што ја правиме е наменета за девојки што сакаат да експериментираат со изгледот и се храбри во комбинирање на боите и на формите. За девојки што веруваат во различноста што се постигнува со комбинирање на облеката. Не би сакале да наметнуваме тренд во облекување, туку понудените парчиња клиентите да ги вметнат во својот веќе изграден стил.
Елена и Емилија се сметаат за вистински среќнички што имале можност за модниот дизајн да учат од познатите македонски креатори Росица Мршиќ и Никола Ефтимов. Велат дека искуството и знаењето што им го пренеле е значајно. Тие постојано им се восхитуваат на нивната неуморна и успешна работа.
Амбициите на младите дизајнерки не се ограничени само на Македонија и посакуваат да стекнат нови искуства во странство.
– Се надеваме дека наскоро ќе имаме можност пошироко да проговориме со јазикот на “Дума”, покажувајќи го својот став на поголема публика. Сепак, сметаме дека има можност за градење кариера во Македонија. Нашата генерација на модни дизајнери е прва генерација што стекна високо модно образование во Македонија. Дел од нив успеваат да бидат на модната сцена покрај веќе докажаните македонски дизајнери. Ваквата ситуација н радува и покажува дека вложениот труд и квалитетната работа секогаш излегуваат на површина – велат тие за крај.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: