Интервју со Марта Пејоска

6 Mar

ФИЛИГРАНСКА ПЕПЕРУТКА ВО МОДЕРЕН ЛЕТ



by: Ана Несторовска

Фото: Јоне Јанкоски и Сања Најдо

Објавено во “Викенд” (“Дневник”) на 06.03.2010






В
о време кога модниот пазар е преплавен од разни увозни трендовски и евтини парчиња накит и кога благодарение на интернетот и мас-медиумите може да се видат и набават креации на странски познати брендови, младата дизајнерка Марта Пејоска одлучи да дизајнира традиционален накит во автентична, филигран-техника.

Интересот за филиграните кај Пејоска се родил уште во раното детство, кога во својот роден Охрид поминувала часови пред излогот од дуќанот на мајстор Вангел Деребан. Го чекала моментот кога и таа ќе може да изработува накит како Деребан. Тој иако се придржувал на традицијата и тајните на занаетот ги пренесувал само на членови на своето семејство, сепак вдахнал дел од своето знаење на љубопитната девојка.

– Беше неизбежно мојата желба за учење на занаетот и живеењето на мајсторот Деребан во Охрид да резултираат со средба. Понекогаш цела една година може да учите и да не сознаете ништо, но некогаш се доволни само три дена поминати во работилницата на мајсторот за да се дознаат суштински тајни на занаетот. Не попусто тој е наречен мајстор. Отсекогаш ме интересираше како од сребрена жица се создаваат различни форми на естетика со многу префинетост? Како достоинствено да се обработи материјалот во неговата вистинска појавност и притоа да се задржи неговата изворна оригиналност? Посакав и јас да ги раскажам моите приказни преку таа филигранска тантела – вели Пејоска.

Занаетот го учела и преку семинари и школи. За време на своите студии по архитектура била дел од проектот “Ревитализација на старите занаети”, кој бил од исклучителна важност за младата дизајнерка и со која се дополнила нејзината филигранска наобразба, особено во совладувањето на техниката.



СПОЈ НА ТРАДИЦИЈАТА СО ТРЕНДОВИТЕ

Марта прави интересен спој на традиционална техника со современи мотиви и апликација. Нејзиниот творечки опус опфаќа речиси с што се однесува до парче накит со посебен акцент на модните детали. Често моделите се со неконвенционалност во поглед на нивната намена, презентација, начин на носење.

– С зависи од мојата перцепција, каде што формите се речиси секогаш израз на нивната утилитарност, која се дополнува со одреден степен на еротика.

Секое парче е отпечаток од моето секојдневие, каде што речиси секогаш ја наоѓам мојата инспирација. Најчесто се инспирирам кога “лутам” низ архитектонските проекти, предавања и теории. А понекогаш знае да ме привлече и силна авторска мисла препознаена во одредено дизајнерско дело. Инспирацијата ја наоѓам и во самиот предизвик на задачата што ја добивам или сама си ја задавам. Така што мотивите ги црпам според потребата за нарачаното парче – вели таа.

Во нејзиното творештво највпечатливи се пеперутките. Видлива е фасцинацијата од традиционалната филигранска пеперутка.

– Како архитект, процесот на создавање едно дело е она што мене најмногу ме интригира независно од крајниот резултат. Пеперутката претставува голем симбол на филигранот како македонско културно наследство, кој како таков е препознатлив во пошироки рамки, но и без тоа фасцинирачки е самиот процес на метаморфоза, која го доживува додека ја достигне својата полна форма на пеперутка. Додека ја создавам пеперутката и јас минувам низ процес. Се восхитувам на нејзиниот цел живот изживеан во еден ден со некоја чудна леснотија и безгрижност во кој препознавам слобода, која јас ја апстрахирам во мојот живот.

Според Пејоска, среброто во форма на филигран си има посебна препознатлива убавина. Комбинирањето со други материјали е можно толку колку што самото парче го дозволува тоа, така што с зависи од мојата идеја и интенција. Вели дека филигранството дава можност за ескпериметирање и воведување новитети, иако е традиционална техника.

-Срцевината на филигранството е сребрената жица, експериментирањето и надградувањето го наоѓам токму во нејзиното ограничување. Моите новитети се ново читање на филигранот, притоа навраќајќи се на неговата суштина.



СИТЕ ДЕЛА УНИКАТИ

И покрај тоа што филиграните се повторно во мода и се појавија многу изработувачи, таа не се плаши од конкуренцијата.

– Додека бев дете, му се чудев на својот татко-сликар зошто им дозволува на сите тие луѓе кога ќе дојдеа во неговото ателје да го гледаат додека работи. Секогаш го прашував нели е загрижен од тоа дека некој ќе нацрта или направи исто како него на што тој ми одговараше: “Никој ги нема моиве раце и моиве очи. Секој човек е различен и во срцевината му е да се разликува од другите”. Впрочем така сме и создадени. Секој ги доживува работите на свој сопствен начин и с што е потребно е да бидеме искрени спрема тоа чувство и искрени спрема себе – вели таа.

Се стреми с што создава да биде уникатно и оригинално. Открива дека класичниот филигран е сам по себе препознатлив и повторлив меѓутоа секогаш постои диверзитет во плетките, патерните, формите на елементите. Повторување на дизајнираното парче е скоро невозможно, можни се варијации на тема.

-Омилено парче ми е ѓерданот од школки. Тоа за мене претставува заокружување на период од мојот живот. Почеток на мојата независна дизајнерска работа.

Досега создала две колекции, а бројот на индивидуалните парчиња, кои, како што вели, се како оддишка од границите на колекцијата, секој ден се зголемува. Нејзините дела може да се најдат во нејзиното ателје во Охрид, кое сега се подготвува за претстојната летна сезона. Достапни се и преку нејзината веб-страница.

– На мое огромно задоволство клиентелата ми е различна, со оглед на тоа што ателјето е посетено од многу различни луѓе од сите страни на светот и од нивните реакции можам да забележам дека филигранскиот накит наидува на општо одушевување.

ОХРИД Е ГОЛЕМА ИНСПИРАЦИЈА

Потекнува од семејство на архитекти, а повеќемина од нејзините најблиски се занимаваат со оваа професија. Многумина од нив ја негуваат и уметноста, нејзиниот татко е познатиот сликар Живко Пејоски. Вели дека има голем поддршка од своето семејство во изработката на накит.

– С што ме прави мене среќна и нив ги прави среќни, но секогаш предупредена да не заборавам дека треба да живеам. За многу нешта во мојот живот големо влијание имаат токму мојот град и моите најблиски. Црпам инспирација и од Охрид. Имаме куќа во стариот дел, на улицата Цар Самуил. Самиот град и езерото се мој неограничен одмор и инспирација.

Живее во Скопје, за каде што вели дека добро функционира.

-Во мојот образец на живот во Скопје се препознава постојан стремеж да се живее во урбаните рамки на градот во кој уживам. Постојано во потрага по нов медиум за изразување, нови можности и шанси како да дествувам, творам и креирам. Моите тенденции се искористување на познавањето на техниката и нејзино воведување во архитектонски рамки.

Фокусирана е на дипломирањето на Архитектонскиот факултет. Но, вели дека не може да остане рамнодушна на напливот на инспирации и идеи.

– Понекогаш ми се случува едноставно да се затворам и постојано да работам с додека во еден здив не излезе од мене тоа што ме преокупира. Сега правам колекција што претставува заокружување на моето досегашно студирање и работење како дизајнер на накит.

Покрај во дизајнот на накит, таа е голема вљубеничка во модата. Има поголеми амбиции за создавање свој моден бренд во иднина.

– Овие желби почнуваат полека да се остваруваат. Планирам да отворам простор во Скопје – работилница во која ќе се изработува мојот накит. Плановите за негова промоција со изложба, како и за негово брендирање и официјално појавување на пазарот, се во подготовка – завршува младата дизајнерка.


УЧИ ОД АРХИТЕКТУРАТА И ПАТУВАЊАТА

Пејоска е при крај со студиите на Архитектонскиот факултет. Вели дека црпи сознанија и мотиви од архитектурата, а тоа може тоа да се препознае во нејзините дела.

– Се чувствувам апсолутно привилегирана што студирам архитектура и тоа на нашиот Универзитет “Св. Кирил и Методиј”. Благодарение на архитектурата, перцепцијата на нештата, процесот на создавање, логиката на размислување, концептот за конструктивен склоп на секое парче се основните принципи на кои се потпирам.

Во рамките на студиите имаше можност да патува на повеќе далечни дестинации и да се запознае со различни луѓе и култури. Таа многу научила од овие авантури.

– Можноста да се запознаете со една култура, да ја почувствувате, да ја помирисате одблиску, да се најдете во центарот на еден простор каде што се создал еден стил или од каде што почнал еден период и тоа како е животно искуство и остава траги. Медитеранот на Европа, Мала Азија, а особено Далечниот Исток т.е. Кина со своите центри, Пекинг каде што с уште може да се почувствува традиционална Кина и Шангај, кој е апсолутна апстракција, му дадоа нова димензија на моето размислување.



НЕЈЗИНАТА ПРИКАЗНА НА ФИЛМ

Нејзината работа со филиграните е во фокусот на документарниот филм “Летот на пеперутката”.

– Минатата година Природно-математичкиот факултет, во дел од својата програма по предметот мултимедија, ја вклучи темата на културното наследство. За таа цел беа снимени одреден број документарни филмови. Авторскиот тим од неколку студенти ме контактира мене со желба да го обработи мојот профил на млад архитект-дизајнер, кој ја негува филигранската техника. Се работеше неколку месеци и крајниот резултат беше повеќе од одличен. Планови за негово прикажување има, а засега може да се погледне на мојата страница http://www.martapejoska.com.











Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: