Интервју со Џули Алексовска

13 Дек
Објавено во “Викенд” (Дневник) на 12.12.2009
by: Ана Несторовска

На завршните ревии на скопската гранка на престижната висока школа за мода “Академија Италијана”, голем впечаток оставија моделите на младата креаторка Џули Алексовска. Нејзините дизајни побудија медиумски интерес, а дел од нив се најдоа и на неколку насловни страници. Модната приказна на тазе дипломираната креаторка почнала со запишувањето во Средното уметничко училиште на отсекот мода и текстил, кај професорката Лира Грабул. Образованието го продолжила во “Академија Италијана” во Скопје.
– Планирам во иднина да се запишам на мастер-студии во некој од позначајните модни центри во светот. Во меѓувреме, додека правам мала пауза од школувањето, со мојата колешка Милјана Атанасова ќе отворам модно студио. Просторот, што ќе биде промовиран во почетокот на идната година, ќе се вика “Амодини””. Сега работиме на новата колекција пролет-лето 2010, што би требало да биде презентирана по отворањето на ателјето. Сакаме да се пробаме на македонскиот пазар, да видиме како ќе бидеме прифатени како нови, млади дизајнери. Подоцна би можеле да се обидеме и во странство – вели Алексовска.

ПОД МЕНТОРСТВО НА ЕФТИМОВ И НА МРШИЌ
Во текот на школувањето на “Академија Италијана” имаше можност да се претстави пред нашата јавност на заедничките ревии на студентите, но и на ревиите во Фиренца.
– Секогаш се трудев да се претставам најдобро што можам, бидејќи за еден млад дизајнер тоа е од голема важност за време на едукацијата. Презентациите во Фиренца, на кои имав среќа да учествувам двапати, поминаа супер и мислам дека бев добро прифатена од италијанската публика, што беше многу охрабрувачки за мене. Мои ментори и најдраги професори беа познатите креатори Никола Ефтимов и Росица Мршиќ. Многу ми помогнаа и имаа големо влијание во создавањето на мојот стил – вели таа.
Џули е приврзаничка на подраматични форми, а нејзините креации се со “театарски” шмек.
– Искрено, ги сакам поедноставните форми. Моите креации имаат прости линии. Тие можеби се помалку несекојдневни и понеобични, но сепак се приспособени за носење. Во создавањето на крајниот изглед правам можеби подраматични комбинации и затоа крајната слика го доловува тој театарски дух, но сепак, тоа се едноставни модели, комбинирани со екстравагантни модни додатоци. Хуморот е секогаш присутен во моите креации.

ПОСАКУВА МЕЃУНАРОДНА КАРИЕРА
Досега има направено две колекции и изработено неколку самостојни модели, од кои едниот е од категоријата висока мода. Нејзините креации с уште не се поставени во некој продажен салон.
– Во изработка е интернет-страница на новото модно ателје, каде што ќе може да се најдат мои постари, но и нови модели. Има доста заинтересираност за креациите, што многу ме радува.
Алексовска потекнува од Тетово, градот на “Тетекс”. Но вели дека нема амбиции да работи во текстилна фабрика, на големо производство.
– Не се пронаоѓам во работа во фабрика. Попрво би се одлучила за создавање свој сопствен бренд, иако “Тетекс” за мене бил и ќе остане еден од поголемите текстилни гиганти во Македонија.
Вели дека с уште е рано да оцени каде е нејзиното место на модната сцена во нашата земја, но се надева дека ќе го постигне максимумот. Како и другите креатори, посакува меѓународна кариера.
Покрај креирањето, таа се интересира и за модната фотографија. Изработува интересни и необични модни додатоци, а во слободното време сака да слика и да пее.



Напишете коментар