Интервју со Александра Шекутковска

15 Nov
ОД ПОЕЗИЈА СОЗДАВАМ ОБЕТКИ

by Ана Несторовска
објавено во “Викенд” ( Дневник )

на 14. 11. 2009

Инспирирана од целиот “вокабулар” на уметноста, убавиот збор, парче материјал, боите и движењето на светлината, младата дизајнерка Александра Шекутковска создава уникатни парчиња накит и облека.
Оваа дваесет и четиригодишна девојка, која по професија е архитект, со своите необичните обетки изработени од плексиглас побуди голем интерес на неодамнешната изложбата на проектот “Мода за носење” што минатиот месец се одржа во Културниот центар “ЦК”. Јатото од пеперутки, ѕвезди, молекули, девојка-сонувач, снегулки, цветни композиции, во цела палета од бои, се само дел од моделите што Шекутковска ги направила со ласерско сечење на плексиглас. Изминатиов период можеа да се сретнат многу девојки што ги носат уникатите на Александра, која вели дека е среќна што накитот се носи и што во него се пронашле различни карактери.
Во рамките на проектот неодамна имаше и своја презентација во Белград. Таа е задоволна од ефектот постигнат со “Мода за носење”, пред с зашто доби можност за презентација пред македонската и пред српската јавност.
– Во Скопје атмосферата беше поинтимна, со помалку дизајнери и наликуваше на мала изложба. Изложбата во Белград, пак, беше вистинска парада од костимографија и накит. Сепак, мојот впечаток е дека без разлика на локацијата, секогаш има интерес за она што е ново, поинакво, уметничко и необично – вели Александра.

Допирни точки со архитектурата
Изработката на накит со ласерско сечење, според Шекутковска, има принципи што ги поврзува архитектурата и уметноста, како што се ефектот на полно-празно, процесот на создавање од скица до самата изработка и играта на светлината кога поминува низ предметите.
– Сакав моите креации да бидат дијаграми, меѓутоа и технички да бидат изведени на различни начини: со гравирање цртежи, со негатив и со позитив. Направив обетки што влегуваат една во друга и фигури што се завиткуваат на неа. Со нив се обединуваат сите мои мечти, случувања, сетилни впечатоци и индивидуалност. Секоја обетка стана како идеограм- отпечаток на мојата душа. Најдраги дела ми се “Мечтателка-нишалка” и “Пеперутки во стомакот”, бидејќи се најинтимни. Во нив целосно се дадов себеси -вели Александра и открива дека одушевена од ласерски изработените оригами што ги правел нејзиниот татко, се инспирирала да прави накит во оваа техника.
Креирањето за неа е вистинско патување од нематеријалното до техничкото т.е материјалното. Секогаш почнува со поетска слика што се создава спонтано, потоа прави скица која ја пренесува на компјутер и на крај приказната ја завршува со ласер.

Ласерско кроење облека
Оваа млада креативка цел живот имала потреба да ги изразува своите мечти и соништа преку различни експерименти во сите уметности. Сепак, најголем поттик да се занимава со моден дизајн добила на еден симпозиум за дизајн во дигиталната ера кој бил на тема “Архитектура и мода” и се одржал пред неколку години во Хрватска. Набрзо ги направила своите први скици за накит, за подоцна целосно да му се посвети на креирањето.
Освен накит Шекутковска дизајнира и облека, која исто така ја крои со ласерска машина. Техниката на создавање е сложена, зашто мора да ја адаптира направата за ласерско сечење, која не се користи за работа со ткаенини. Нејзините парчињата облека се со многу отвори, кои споени прават слики преку кои таа ги раскажува своите приказни.
За сезонава таа ја препорачува црната боја, целиот спектар на розовата боја, принтовите, модните икони на Едни Ворхол, футуризми, рускиот конструктивизам и Мондријан.
Александра е голем љубител на сите уметности, но и романтичен трагач по инспирации од секојдневниот живот.
– Собирам пеперутки, наоѓам нови начини за употреба на остатокот од картон, сакам да лутам низ Скопје, да се изгубам и повторно да се најдам, сакам да одам на места што луѓето решиле да ги заборават, а во кои с уште има толку многу убавина.
Ги сака музиката, филмот и театарот. Досега работела во секакви уметнички медиуми: сценарио, поезија, архитектура, мода, инсталации, перформанси.
– Сакам да живеам во синестезија со сето она што е уметност, зашто така ми трепери душата – вели таа и најавува дека следната колекција ќе биде поразновидна палета на идеи, од видови на дизајн, до големини, форми, бои и материјали.
Покрај контактот преку социјалните мрежи на интернет, клиентите може да ја најдат во нејзината работилница-ателје.

Од обетка до облакодер
Александра и покрај тоа што сега е главно фокусирана на модата, не се откажува од архитектурата. Со кој медиум ќе се изразува зависи од природата на креативната идеја што ја има.
– Пред неколку години во Њујорк имаше изложба “Коски и кожа”, која ги претставуваше паралелните практики во архитектурата и во модата со имиња како Хусеин Чалајан, Исеј Мијаки, Виктор и Ролф, ФОА, “Ателиер Манфердини” и Тојо Ито. На изложбата архитектурата и модата беа земени како сродни јазици со заеднички корен во однос на геометрија, заштита на телото, приватен и јавен простор, конструкции на облека и објекти во однос на форма и материјали, идеи за деконструкција, дури имаше и примери на облека што се трансформира во внатрешен дизајн. За мене е убава синтезата на уметностите, сакам да бидам буден истражувач на с што е уметност и дизајн, сакам да направам од обетка до облакодер.








Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: