Интервју со Мима Пејоска

29 Oct

Приказни раскажани во филигран

Користејќи ја старата техника, младата дизајнерка изработува трендовски накит во кој воведува многу иновации

by: Ана Несторовска
објавено во Дневник (29.10.2009)






Иновациите во модата често значат и реставрација и осовременување на старите техники во креирањето. Филигранството, кое има длабоки корени во македонската традиција, во изминатите години повторно се актуелизира. Се регрутираа и нови, млади изработувачи на накит во оваа техника. Една од новите е дваесет и петгодишната Мима Пејоска, која има дипломирано на етнологија и антропологија на Филозофскиот факултет во Скопје на тема поврзана со филигранството.

Таа има многу интересен и модерен пристап во својата работа. Прави одличен спој на традиционална техника со современи мотиви и апликација. Вели дека оваа техника ја привлекла уште многу одамна.

– Долго се обидував да најдам некој од постарите, поискусни мајстори за да ме научат на изработката. Сепак, станува збор за традиционален занает кој секој мајстор има желба, пред се’, да му го пренесе на член од семејството. По завршувањето на додипломските студии се запишав на интензивен курс за основи на филигранската техника, кој се одржа во Скопје, а потоа и на шестмесечна специјализација на златарски техники во Италија. Своите први парчиња ги изработив во 2005 година, а некои се’ уште ги чувам за спомен – вели Пејоска.

НЕОБИЧЕН ДИЗАЈН

Филигранската техника иако изгледа сложена, сепак, лесно се совладува со практика.

– На првиот курс што го посетив ми беше невозможно да изработам совршено мало цветче или пеперутка. Но, со текот на времето и со многу работа се’ може да се усоврши. Се’ се сведува на трпение и љубов кон занаетот.

Пејоска изработува секаков вид накит, обетки, прстени, ѓердани, брошови, а омилени и’ се парчињата што може да се носат на нестандарден начин. Има дизајнирано прстени што се носат на три прста, обетки што ја покриваат целата ушна школка, украси за на очила, околуушници што се прицврстуваат околу увото и го покриваат делот околу окото и дел од челото, синџирчиња што се носат на половина од грбот, а половина на градниот кош. Пејоска вели дека ужива во осмислувањето на овие нови парчиња накит.

Секое нејзино дело се разликува по својата асиметричност. На пример, обетките во еден пар имаат различни форми и големини. Изработува и полни форми од сребро, како што се обетките „фризерај“ – составени од пар ножички и чешле. Основен материјал е среброто, а често употребува и додатни материјали, како дрво, кожа, бисери, месинг или бакар.

СЕКОЕ ДЕЛО Е УНИКАТ
Пејоска е дел од проектот „Мода за носење“, на кој се претстави со дела собрани од нејзини различни колекции. Досега има учествувано на неколку групни изложби во Скопје, поврзани со накит и мода. Го издвојува учеството на симпозиум за накит во Турција што завршил со групна изложба, а за свое најголемо претставување го смета Биеналето на млади уметници кое во септември се одржа во Скопје. Била дел од неколку интернационални конкурси за дизајн на производи. Меѓу делата со кои се претставила се сребрено тропалче за бебе украсено со црни бисери, сребрен цвет со долга дршка кој служи за гасење свеќи, сребрено креветче со филигранска покривка и кожа, како и декоративната кутија за чување презервативи.






Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: