ИНТЕРВЈУ СО ДАНИЕЛ ПАЛИЛО

2 Sep

Спонтан истражувач на необични модни форми

by: АНА НЕСТОРОВСКА
Објавено во “Дневник” на 26.08. 2009

Еден од најбараните и најангажирани млади дизајнери во Финска, Даниел Палило, е познато име во авангардните модни кругови. Отскокнува по спонтаноста и по желбата за експерименти, што се гледа по неговите модели со пренагласени и необични форми. Тие се богати со црн хумор и се наменети за двата пола и за сите генерации.

Македонските љубители на модата деновиве имаат можност да го запознаат овој Финец со италијанско потекло, кој гостува во Скопје како предавач на „Нордискиот летен викенд“ во организација на Културниот центар ЦК. Даниел ќе одржи работилница на тема „Користење на отпадот како рециклирано богатство“ во КЦ „Точка“ во Скопје. Во овој простор, в сабота во 21.30 часот Палило ќе ја презентира и новата колекција есен-зима 2009. Дваесет и осумгодишниот дизајнер креира за своја душа и вели дека за него најдобро зборуваат моделите.

– Моите креации се големи, црни и вкусно скроени. Никогаш не правам грандиозни планови. Живеам ден за ден и правам работи што ме прават среќен и што се исправни во дадениот момент – вели Палило. Во модниот бизнис влегол пред десетина години. Првично студирал уметност, но се префрлил на моден дизајн на универзитетот во Хелсинки. Своите знаења и искуства ќе ги сподели со студентите по моден дизајн на работилницата во „Точка“. Даниел ги советува да го промовираат личниот стил преку креациите.

– Секој ќе најде начин да го вметне својот стил во работата. За мене е многу битно да создавам облека што ќе потсетува на мене, која ќе можам јас да ја носам. Најважно е да не се сфаќаат нештата премногу сериозно – подвлекува дизајнерот.Палило, по татко е Италијанец, но вели дека нема многу попримено од италијанската култура, менталитет и традиција.

– Мојата италијанска страна се гледа само преку тоа што сум љубител на пица, вино и кафе – се шегува Даниел.Во изминатите неколку години модата од нордиските земји е една од највлијателните. Многу од стиловите, особено тие од уличната мода, се диктирани токму од Копехаген, Стокхолм, Хелсинки, Осло. Палило црпи идеи од луѓето од главниот град на Финска.

– Дефинитивно мојата инспирација доаѓа од реални нешта. Работи што се случуваат околу мене. Неговите модели се слика и за неколку музички правци: готик, метал и хип-хоп. Музиката не секогаш се одразува врз креациите, но влијае на начинот на работа. Кога слушам поагресивна музика, станувам поагресивен во работењето. Сега имам премногу обврски и гледам да си ја олеснам работата со полесна музика – појаснува Палило. Кај неговите креации доминира црната боја, комбинирана со бела, сина, жолта и виолетова, но, во основа, моделите се мрачни. Даниел укажува дека тоа е поврзано со расположението во Хелсинки. Застапени се многу графички отпечатоци што ги прави со илустраторката Лора Лејн. Најмногу е инспириран од слики што ги наоѓа на пребарувачот „Гугл“.Неговите блузи, туники, панталони, палта, здолништа и фустани се со големи димензии и се многу разиграни, но тој вели дека се носат. Овие креации не може да се најдат Македонија, но тие што сакаат да носат модел со потпис на Палило може да нарачаат на интернет, во многубројните онлајн-продавници. Новата колекција, со која се претставува и во Скопје, продолжува да трага по различни форми и апликации. Претстојната сезона за мене ќе биде поврзана со вонземјани, симболи и многу нешта во кои навистина сакаме да веруваме – завршува Даниел и додава дека во Хелсинки интензивно работи на следната колекција: пролет-лето 2010.

Фасциниран од Марјан Пејоски

Ова е прво гостување на Даниел Палило во Македонија, за која дознал и се информирал од пријателите. Имам двајца пријатели од Македонија. Се чини дека сте многу дружељубиви луѓе – вели Палило.Добро е запознаен со македонската модна сцена, а особено е одушевен од познатиот креатор Марјан Пејоски, за кого вели дека е фасцинантен. Креации од двајцата дизајнери се продавале во познатата продавница за авангардни уникати „Вундер“. Во текот на кусиот престој во Скопје, Даниел сака да разгледа и да искуси повеќе нешта, но пред се’ вели дека би сакал да има фина вечера.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: