Archive | Општо RSS feed for this section

Влијателните блогери дизајнираа чевли

17 ное


Шест влијателни модни блогери дизајнираа чевли за водечкото студио за чевли во Британија, SIX London. Авторите на блоговите Face Hunter, Stockholm Streetstyle, The Cherry Blossom Girl, Style Bubble, Style Salvage Steve и The Man Repeller, создадоа свои ултимативни решенија на чевли кои ги отсликуваат нивните животни стилови и модни преференции. Секој од моделите е уникатен и поинаков од другите. Тие не се поврзани по ниедна основа, ниту по боја, ниту по материјал, ниту по идеја…Six London е компанија која стои зад производството на чевли за брендови како Opening Ceremony и Bstore. Чевлите ќе се продаваат ексклузивно на farfetch.com и sixlondon.com.
Во продолжение се идејните решенија на блогерите.






Удобен и мажествен моден ритам

17 ное


Кога од шопинг во продавница на вашиот омилен бренд вашето момче ќе си замине со повеќе ќеси купени модни парчиња од вас, тоа значи дека женската линија има сериозен конкурент. Новите машки колекции на повеќе брендови се обидуваат да ги имплементирааат актуелните трендови во своите машки линии, но многумина од нив ја забораваат една од главните каретеристики со која ќе го „купат“ мажот-клиент: мажественоста и удобноста.
Не сите се расположени да носат неудобна машка варијанта на женските модели на хеланки и шалвари, не сите се по розови, виолетови и дреч-тонови на зелената, портокаловата и жолтата боја…Многу од фирмите ја подзаборавија мажественоста на мажите.
За сите оние момчиња што во модерното ги бараат класичните кроеви и есенски бои, H&M создаде идеална колекција, која истовремено е удобна, нослива, топла и е трендовска. Во понудата за сезоната есен-зима застапени се сивата, камел, војничко зелената, кафената и сината боја. Има подебели џемпери што може да се носат наместо палто, но и убав избор на јакни, сакоа и капути. Панталоните се налик на молив-моделите, но се доволно удобни за секојдневно носење. Има солидна линија на фармерки и џинс-парчиња. Кошулите се движат од карирани, па се` до едноставни, класични модели во сина боја.
Во продолжение е избор од разиграниот каталог на новите машки парчиња на H&M .






Есенскиот Моден викенд-Скопје од 19 до 27 октомври

5 окт

Дваесетина домашни и странски креатори и брендови, како и студенти по моден дизајн  ќе ги претстават своите колекции за сезоната есен-зима 2011/2012 на четвртото издание на Модниот викенд-Скопје  што ќе се одржи од 19 до 27 октомври. Ревиите ќе се одржуваат во спортската арена “Борис Трајковски” и во салонот на “Фолксфаген” во  “Порше Македонија”, а најавени се изложби и промоцијана модно студио.Модната недела ќе ја отвори етаблираниот креатор Никола Ефимов во 19.30 часот во малата сала во арена “Борис Трајковски”. По него следуваат ревиите и на студентите од Европскиот Универзитет, на брендот за венчаници и свечени креации: “Елена Лука”, како и исложба на модни парчиња и накит на младата дизајнерка Јована Филиповиќ.

Познатиот тандем Кокев и Кадриу по четврти пат на оваа манифестација ќе ги прикаже своите најнови креации. Нивната ревија ќе се одржи на 20 октомври, во истиот простор. По нив следуваат дизајнерката Александра Митковска, брендот OVS како и младите дизајнери Роберт Ивановски, Ведрана Панева и Маја Кикириткова поддржани од „Еликсир екслузив“.

Наредниот ден во 19 часот е закажано отворањето на ателјето „Драма студио“ на позната костимографка и дизајнерка на облека и накит Ивана Кнез. Два часа подоцна Ефтимов ќе ја отвори својата ретроспективна изложба на костими и на фотографии во клубот МКЦ. Вечерта ќе биде заокружена со забава во ноќниот клуб „Б2“.

Наредниот ден шоуто се сели во салонот на “Фолксфаген” во “Порше Македонија”, каде што ќе бидат ревиите на фирмата “Пенти”, на младите креатори Искра Џокиќ и Катерина Попева поддржани од Elise. Следува промоцијата на колекција на бугарскиот бренд Nulla , дизјанирана од Кесиц- Петрушевски, а за крај е ревијата на брендот “Дума” на сестрите-близначки Елена и Емилија Давиткови, поддржани од Martini Gold .

Во Недела (23 октомври) вечерта ќе ја отвори ескслузивниот проект на Мoден Бизнис, FWSK и „Пелистерка“. Следуваат Олгица Ѓоргиева, која редовно ги преставува своите коелкции на оваа модна недела, “Нели” и познатиот дизајнер, Ненад Секирарски.
Есенското издание на Модниот викенд -Скопје ќе биде затворено на 27 октомври во ТЦ Соравија со ревија и изложба на фотографии на The Austrian Day Callisti.

MFW: Prada – spring 2012

23 сеп


Играта со боите, формите, принтовите, и нуркањето во длабокиот извор на инспирација во модата од минатото никако да стане здодевна оваа сезона. Колку поколоритни и пошарени креации излегуваат од работилниците на најголемите модни умови, толку повеќе се зголемува љубопитноста. Следбениците на трендовите не се задоволуваат и бараат уште поиновативни решенија. Една од најинтересните приказни ја раскажува Прада. Со ѓаволски добро лоцирана идеја , во 50-тите години , со речиси совршена реализација, Мучија Прада не се обидува да ја копира модата што некогаш се носела, ниту да ја корегира, туку дава свое, стилизирано видување , што ќе биде носливо неколку сезони понатаму. Големината на овој бренд е во храброста да експериментира и секоја сезона да дава нов агол на актуелната мода. Овој пат впечатливи се принтовите со слики од автомобили и цветови, кои се аплицирани на палтата, мантилите, костимите за капење, фустаните и здолништата. Правени се комбинации на пастелни бои со јаки нијанси на црвена или сина, како и мала игра на секојдневни парчиња и памучни материјали со луксузни украси. Има интересна транскрипција на стилот на Џејмс Дин во женска варијанта.








MFW: Fendi – spring 2012

23 сеп


Рита Леви -Монталчини, 102-годишната Италијанка-невролог, која во 1986 година доби Нобелова награда за медицина е модната инспирација за новата колекција на брендот “Фенди”, прикажана на Модната недела во Милано.
Сериозна, практична и со академска нишка, колекцијата е обид да ја долови италијанската жена-научник и интелектуалец, а со тоа во светската модна приказна за 2012 да вметне парчиња што ќе покажат една посмела страна на бизнис-жената.
Моделите се во линија на стандардите за изглед на работното место, но со вметнување на нови форми, волумени и комбинации. Главниот дизјанер на “Фенди”, Карл Лагерфелд, и покрај тоа што е мозокот за уште два големи бренда-”Шанел”, и фирмата со негово име, успева на сите три да им даде свој идентитет. Фенди и понатаму е за моќни жени што потклекнуваат само пред иновативни модни парчиња.




” />






Ревија на новите модни сили на “Мокош”

21 сеп


Рената Спасовска, Лела Стерјо, Македонка Митрова, Јулијана Горгиевска и Катерина Микрут вечерва во 20 часот ќе одржат ревија во кафулето “Аркадија” во Скопје. На нстанотќе бидат презентирани модели за сезоната есен-зима 2011, кои наредниот период ќе може да се најдат во модниот салон “Мокош”.
Спасовска е моден дизајнер од Свети Николе, која и зад себе има 25 години работно искуство. Сопственичка е на модното студио “Рената”. Ќе се претстави со колекцијата “Карма”, која има модели за бизнис-изглед и вечерни тоалети.


Стерјо, која дипломирала декорација и моден дизајн во Романија е препознатлива по широкиот спектар на колорит и по деталите, кој даваат посебен белег на моделите. Ќе ја презентира колекцијата The Sound. Катерина Микрут, која доаѓа од Краков, Полска рачно изработува уникатни парчиња облека, модни додатоци и накит од волна, волница и конци за плетење. Инспирацијата ја црпи од рециклираната уметност и од уличната мода. Нејзината есенската колекцијата е наречена “Анатомија на јазолот”.

Битолчанката Јулијана Горгиевска е студент по моден дизајн на Европскиот универзитет. На презентацијата ќе ја понуди линијата Invisible. Преовладуваат природни материјали, свила, памучен сатен, а формата го следи телото. Колекцијата вбројува и накит изработен од разновиден материјал, дури и сосема нешто невообичаено како патенти, шајки.
Македонка Митрова-Доци, која доаѓа од Струмица, има дипломирано моден дизајн во Бугарија. Сопственик е на студиото “Верт Делис”. Нејзината нова колекција вклучува кежуал-парчиња и вечерни тоалети.
На ревијата ќе гостува македонската мис интерконтинентал – Ивона Крстева.

Ревијата е во организација на Тања Ѓоргиева ( сопственичка на “Мокош”)  и на модната агенција “Егзотик”.

LFW: Burberry Prorsum -spring 2012

21 сеп

Се’ што треба да знаете за модата во 2012 ќе дознаете ако ја погледнете новата колекција на британскиот бренд Burberry Prorsum. Главниот дизајнер Кристофер Бејли во својата визија за сезоната пролет 2012 ги вметнал сите елементи од идните трендови , почнувајќи од јаките бои (жолта, окер, портокалова, темновиолетова, зелена) и етношари , преку формите, па се’ до должината на креациите. Широките здолништата до глужд, комбинирани со палта, џекетчиња и џемперчиња како од 50-тите се надополнети со трендовски модни додатоци се вистински погодок.

Секоја креација е мозаик сама за себе. Украсени се со крупна мокиста и се искомбинирани со соодветни колани. Секој аутфит е комплетиран со големи чанти и со чевли со висока платформа, чии ременчиња се украсени со етномотиви.  Неизбежени нејпрепознатлив елемент од секоја колекција на Burberry Prorsum се мантилите. Моделите се во ист крој како и долгите здолништа. Горниот дел е припиен, и на целата колекција & дава шмек од 70-тите.Овој пат понудени се посмели бои и направени се колажи и со разни материјали.
Новата линија беше прикажана на Лондонската модна недела. Во првиот ред на шоуто беа голем број на славни личности, како Канје Вест, Сиена Милер, Марипо Тестино, Гема Артертон, многу модни уредници, блогери и модели.










Victoria by Victoria Beckham S/S 2012

19 сеп


Новата колекција на познатата пејачка и трендсетерка, Викторија Бекам, внесе свежина во она што досега е создадено на моден план. Моделите се со многу повеќе апликации и без претерано припиени креации. Фустаните, кои се во стилот на 60-тите, се со комбинација од црвената, сината, и зелената боја со бела и црна. Го задржала својот женствен, дамски имиџ, но изненадува со принтовите со мачки и полумесечини, кои се среќаваат низ целите фустани. Моделите се комбинирани со чевли на висока платформа, а кои ги дизајнира Шарлот Олимпија.


Ralph Lauren S/S 2012

19 сеп

Најуспешната американска модна приказна, Ралф Лорен, лансира уште една потенцијална успешна колекција. Навраќајќи се на џез-добата од 20-тите и модата од филмот “Големиот Гетсби” од 1974 година (чии костими ги дизајнирал Лорен), моделите од линијата за 2012 се одлична најава за римејкот на филмот што треба да се појави за неколку месеци. Моделите се со триделни костуми, користени се формите и додатоците од 20-тите, со нагласени пастелни и бели тонови. Лорен повторно си игра со андрогеноста на женската мода, вметнувајќи машки парчиња во дамски комбинации.





Marc Jacobs S/S 2012

19 сеп


Марк Џејкобс, неуморниот трагач по рамнотежа меѓу футуризмот и иновацијата, од една страна, и традиционалните кроеви и ретро-вредности од друга страна, во својата нова колекција се приближил до вистинското решение. Направил спој меѓу модата од 20-тите години (прикажани преку фустани и здолништа со реси, шапки и чевли од тој период) со материјали и спој на бои што се асоцијација на футуризмот. материјалите се транспарентни и користи повеќе текстури истовремено. Креациите се со многу преклопи и карнери. Меѓу најинтересните се спојот на спортски блузи со светкави свечени здолништа.





Следи

Get every new post delivered to your Inbox.

Join 37 other followers